Градот како внатрешен пејзаж во новиот циклус на Александар Џинго

Градот, неговите ликови, приказни и емоции се во средиштето на изложбата „Градот во мене“ на м-р Александар Џинго, која синоќа беше отворена во Ликовната галерија при Центарот за култура.

Вечерта започна со македонска песна во изведба на хорот „Св. Петка“, а за уметничкиот свет на авторот говореше актерката Марија Спиркоска Илиеска.

Таа го опиша Џинго како автор чија работа ја одликуваат слободата на духот, мислата и изразувањето. Според неа, секој лик и секое дело во циклусот носат сопствена приказна за потеклото, чувствата и патувањето низ градскиот простор.

„Важно е што користиме од позитивните страни на градот за да оставиме позитивни дела“, рече Спиркоска Илиеска, охрабрувајќи го уметникот да продолжи да сонува, истражува и создава.

Ликовниот осврт на изложбата го даде Бранче Трајкоски. Тој нагласи дека циклусот истовремено комуницира со уметничкото минато и со современиот израз – преку спојот на академскиот реализам, апстракцијата и експресионизмот.

Во делата се среќаваат прецизната цртачка техника со јаглен и слободниот сликарски потег. Авторот користи маслени бои, мрсен пастел и акрил, градејќи композиции чиј колорит се движи од воздржана монохроматичност до богати полихроматски решенија.

Овој пристап создава динамични и просторни композиции со силен авторски печат. Големите формати и впечатливата визуелност го насочуваат гледачот кон сопствените емоции, но и кон начинот на кој градот и надворешната средина го обликуваат неговиот внатрешен свет.

Изложбата е реализирана со поддршка од Министерството за култура и туризам.

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Што ќе ни донесе вештачката интелигенција во следните пет години?