Текстовите генерирани со ChatGPT во Европската унија наскоро ќе добиваат невидлива дигитална ознака со која специјализирани системи ќе можат да препознаат дека во нивното создавање учествувала вештачка интелигенција. OpenAI најави дека технологијата постепено ќе ја воведува во наредните недели за ChatGPT и Codex во ЕУ.
Ознаката нема да биде видлив печат, натпис или скриен знак во документот. Системот наречен textGrain создава статистичка шема преку начинот на кој моделот избира зборови и делови од зборови додека го генерира текстот. Читателот не ја забележува, но специјален детектор може да ја препознае.
Тоа значи дека едноставното копирање и лепење на текстот во друг документ нема автоматски да ја отстрани ознаката, бидејќи таа е вградена во самата јазична структура.
Но системот не е непогрешлив.
Тестирањата на OpenAI покажале дека колку повеќе текстот се уредува, толку потешко се открива жигот. Кај тестирани подолги текстови, замената на 10 проценти од зборовите со синоними ја намалила детекцијата од околу 92 на 66 проценти, а по промена на четвртина од зборовите таа паднала на 17 проценти. Пократките текстови, преводите и содржините со мал простор за јазични варијации исто така потешко се препознаваат.
Жигот не открива кој го користел ChatGPT
OpenAI нагласува дека откриената ознака не го идентификува корисникот, неговата сметка, прашањата што ги поставувал или разговорот од кој потекнува текстот.
Не покажува ниту колкав дел од текстот е напишан од човек, а колкав од вештачката интелигенција.
Жигот не утврдува авторство или сопственост и не може да покаже дали информациите во текстот се точни.
И обратно – ако детекторот не пронајде ознака, тоа не е доказ дека текстот го напишал човек. Тој може да биде преработен, преведен, премногу краток или создаден со друг модел.
Зошто само во ЕУ?
Промената е поврзана со европскиот Закон за вештачка интелигенција.
Членот 50 од регулативата бара од компаниите што нудат генеративна вештачка интелигенција нивните синтетички текстови, фотографии, аудио и видеа да можат машински да се препознаат како генерирани или изменети со ВИ. Правилата за транспарентност почнаа да се применуваат на 2 август 2026 година.
OpenAI затоа најави дека жигот ќе биде стандардно воведен кај соодветните текстуални излези на ChatGPT и Codex во ЕУ.
За корисниците на API надвор од ЕУ, означувањето засега ќе биде доброволно и ќе може да се активира за одредени модели.
Нема јавен „детектор за ChatGPT“
Барем засега, секој корисник нема да може да земе текст и едноставно да провери дали е напишан со ChatGPT.
OpenAI првично ќе му даде пристап до детекторот само на одобрени истражувачи и стручни организации, токму поради ризикот од погрешно означување човечки текст како ВИ-содржина или непрепознавање текст што навистина бил генериран со моделот.
Компанијата најавува постепено ширење на технологијата и дополнително тестирање пред евентуално поширок пристап.
Новата ознака затоа не значи дека секој текст создаден со ChatGPT ќе може со сигурност да биде „фатен“.
Но означува значајна промена во начинот на кој генеративната вештачка интелигенција ќе функционира во Европа – текстот ќе може да носи невидлив технички траг дека зад него стоел ВИ-систем, дури и кога на екранот изгледа како сосема обичен текст.

