Француската полиција денес во некои градови употреби солзавец против демонстрантите кои ги блокираа средните училишта, додека учениците, наставниците и родителите излегоа на улиците за да протестираат против недостигот на персонал и дотраените училници, објави Ројтерс.
Во Марсеј и Нант, демонстрантите носеа транспаренти на кои пишуваше „државата го уби националното образование“ на претежно мирни собири, а во Тулуз родителите држејќи се за раце ја предводеа поворката што се движеше низ градот.
Сепак, во Стразбур, Лион и Рен, протестите станаа насилни, при што полицијата употреби солзавец, додека демонстрантите палеа оган на улиците и фрлаа предмети.
„Постои огромен јаз помеѓу елитата и нас“, рече еден дипломец.
Протестите започнаа во септември во сиромашните предградија на Париз, а потоа се проширија низ целата земја, претставувајќи голем предизвик за владата на претседателот Емануел Макрон, која се соочува со недостаток на средства и тешка економска ситуација, пишува Ројтерс.
Синдикатот на средношколци соопшти дека во првите денови од демонстрациите, повеќе од половина од средните училишта во Франција биле блокирани или затворени. Некои локални образовни власти се обиделе да организираат настава преку Интернет.
„Сакаме повеќе пари за националниот образовен систем за реновирање на средните училишта“, рече една средношколка од Париз.
Владата одговори на демонстрациите со полициска сила.
Организациите за заштита на човековите права, како и здруженијата на студенти и родители, ги обвинија властите за употреба на непропорционална сила против малолетници. Владата тврди дека надворешни лица го презеле протестното движење и дека тоа се претворило во урбано насилство.
Француското Министерство за внатрешни работи објави дека од почетокот на протестите се уапсени 6.100 лица, од кои огромното мнозинство се малолетници.
Министерството за правда соопшти дека се покренати судски постапки против повеќе од 1.800 лица, вклучувајќи 1.483 малолетници, без да прецизира за каков вид кривични дела станува збор.
Во судирите беа повредени најмалку 715 полицајци и 215 тинејџери.

