Македонија сè уште без виза за дигитални номади

ВИ генерирана фотографија

Дигиталните номади стануваат сè поважна категорија патници, луѓе кои можат да работат од каде било, а при изборот на земјата во која ќе поминат неколку месеци ги мерат цените, интернетот, безбедноста, условите за престој и квалитетот на живот.

Ново истражување на LEI Register, во кое се анализирани 40 земји според 19 различни критериуми, покажува дека земјите од регионот веќе сериозно се позиционираат на овој пазар. Црна Гора е четврта, Хрватска петта, а Словенија шеста најдобра земја за дигитални номади. Србија е на 22. место.

Македонија ја нема меѓу 40-те анализирани земји.

Потенцијалот постои, а постои и ветување дека државата ќе создаде посебни услови за овие луѓе.

Во Програмата за работа на Владата 2024–2028 е предвидено воведување обновлива виза за престој на дигитални номади – странци кои би сакале да живеат во Македонија од три до 12 месеци, под услов да имаат обезбедена работа на далечина кај странски работодавач и редовни месечни приходи.

Предвиден е и посебен даночен пакет со даночни олеснувања во зависност од висината на месечните приходи.

Две години подоцна, посебна виза за дигитални номади сè уште нема.

Според актуелната правна рамка, Македонија нема ниту посебна категорија за странци кои работат на далечина. Тие ги користат општите правила за влез и престој во земјата. За државјаните на голем број земји тоа значи престој без виза до 90 дена во период од 180 дена, додека за подолг престој е потребна друга законска основа и дозвола за привремен престој.

Во официјалните информации на Invest North Macedonia меѓу основите за привремен престој се наведуваат работа, студирање, размена, стручно усовршување, волонтирање, научноистражувачка работа, лекување и семејно обединување. Дигиталните номади не се издвоени како посебна категорија.

Во меѓувреме, дел од инфраструктурата што им е потребна веќе постои.

Скопје има повеќе coworking простори и инфраструктура за работа на далечина. Во Охрид функционира Kasarna Hub, создаден во рамките на проектот Ohrid Go, кофинансиран од Европската Унија и спроведуван со Општина Охрид. Центарот нуди coworking и други услуги, а дигиталните номади се дел од заедницата кон која е насочен.

И Струга се обидува да влезе на оваа мапа. Gurbet се претставува како прв community-driven центар за дигитални номади во градот, со амбиција поширокиот охридско-струшки регион да стане целогодишна дестинација за луѓе кои работат од далечина.

Интерес и локални иницијативи, значи, има. Недостига делот што може да го направи државата.

Искуството на земјите кои се најдоа високо на новата листа покажува дека ниските цени сами по себе не се доволни. Важни се едноставната процедура за добивање виза, дигитализиран процес, јасни информации на едно место и препознатлива промоција на земјата како дестинација за работа на далечина.

Естонија, која е прва на листата, токму во овие категории има предност. Високите позиции на Црна Гора, Хрватска и Словенија, пак, покажуваат дека и помалите европски земји можат успешно да се позиционираат на овој пазар.

За Македонија економската логика е едноставна. Дигиталните номади, за разлика од класичните туристи, не доаѓаат само за неколку дена. Тие можат да останат со недели или месеци, да изнајмуваат станови и да користат ресторани, продавници и локални услуги, додека приходите ги заработуваат во странство.

Токму затоа сè повеќе држави воведуваат посебни програми за нив.

Македонија идејата веќе ја има ставено на хартија. Она што сè уште недостига е таа идеја да стане реална можност.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?