СДСМ: Левица не гласаше за повисока минимална плата

СДСМ

СДСМ ја обвини Левица дека не го поддржала предлогот за зголемување на минималната плата на 600 евра, наведувајќи дека нејзините пратеници не биле во салата при денешното гласање во Собранието.

Според партиското соопштение, за предлогот гласале пратениците на СДСМ и коалицијата и пратеникот Миле Цеков. Од СДСМ наведоа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН не гласале за, а во салата не биле ниту пратениците на ДУИ.

Социјалдемократите ја обвинија Левица за несовпаѓање меѓу јавното залагање за работничките права и постапувањето во парламентот.

„Јавно лажно се претставува како заштитник на работниците, а во Собрание ги остава пред врата. Не влегоа во салата, не дадоа ниту еден глас за повисока минимална плата“, порачаа од СДСМ.

Партијата посочи дека гласањето се одржало токму на Светскиот ден за пристојна работа. Во соопштението ја нарече Левица „спутник на Мицкоски“ и ја обвини дека дејствува во согласност со интересите на премиерот.

„Работниците не живеат од пароли. Не ги плаќаат сметките со соопштенија и не ги полнат фрижидерите со политички претстави. Им треба повисока плата“, наведоа од партијата.

Од СДСМ најавија дека ќе продолжат да се залагаат за зголемување на минималната плата и за подобрување на положбата на работниците.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?