Владата воведе сопствена пресметка на потрошувачката кошничка според која на едно домаќинство во август му биле потребни 58.475 денари месечно. За истиот месец, синдикалната минимална кошничка на ССМ изнесувала 68.675 денари – разлика од точно 10.200 денари.
Со новата методологија, трошоците за живот на хартија стануваат за околу 165 евра пониски од оние што ги пресметува Синдикатот.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши вели дека владината кошничка се темели на реалната просечна потрошувачка на домаќинствата и на официјални статистички податоци, додека синдикалната пресметува колку средства му се потребни на едно семејство за задоволување на основните потреби.
Токму тука е и суштинската разлика.
Според владината пресметка, во август за храна и пијалаци биле потребни 21.132 денари. ССМ за истата ставка пресметал 25.032 денари – речиси 4.000 денари повеќе.
Владата не ги вклучува на ист начин ниту трошоците за кирија, повикувајќи се на Пописот од 2021 година според кој околу 95 отсто од населението живее во сопствен дом.
Кај ССМ, пак, кошничката за август со изнајмен стан од 60 квадратни метри достигнувала 84.050 денари.
Разликата станува уште поголема ако се земе последната синдикална пресметка. Во септември минималната кошничка достигна 69.432 денари, а со кирија 84.807 денари.
Од ССМ подолго време предупредуваат дека владината кошничка не треба да ја замени нивната пресметка, бидејќи двете мерат различни работи. Синдикалната кошничка треба да покаже колку му е потребно на четиричлено семејство за минимално достоинствен живот, додека владината се темели на она што домаќинствата реално го трошат.
Тоа отвора и суштинско прашање – дали помалата потрошувачка значи дека животот е поевтин или дека граѓаните едноставно купуваат помалку затоа што немаат доволно пари.
ССМ и претходно остро реагираше на обидите на Владата да ја оспори синдикалната кошничка, особено по критиките дека во неа имало производи кои не можат да се сметаат за неопходни.
Сега разликата веќе не е само во критиката, туку и во бројките.
За август Синдикатот вели 68.675 денари. Владата вели 58.475.
Животните трошоци не се намалиле за 10.200 денари – сменета е методологијата со која се пресметуваат.

