На 16 октомври во 18:00 часот, Народниот театар Битола гостува со „Кориолан“ од Вилијам Шекспир на јубилејното 10. издание на меѓународниот театарски фестивал „Direction East“ во Бјалисток, Полска. Секое гостување надвор од границите на нашата земја е повеќе од сценски настап – тоа е можност македонската култура да биде видена, слушната и препознаена. Учеството на фестивал од меѓународен карактер отвора простор за размена на уметнички искуства, нови професионални контакти и идни соработки, а воедно го потврдува местото на Народниот театар Битола во современиот европски театарски простор.
Токму преку ваквите гостувања, театарот станува културен амбасадор на својата земја – носејќи ги со себе јазикот на уметноста, креативноста на нашите уметници и приказните што ги поврзуваат различните култури. По гостувањата на „Охридско лето“, Shakespeare Fringe Festival во Верона и „Magical Nights in Butrint“ во Саранда, „Кориолан“ продолжува да ја шири својата приказна пред меѓународната публика.
Претставата е во режија и адаптација на Џон Блондел. Современата адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е младиот уметник и режисер Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло: Џонатан Хикс, светло мајстор: Горан Петровски, музика: Александар Димовски, видео: Владимир Переловски, инспициент: Оливер Петровски. Суфлер: Мирјана Христовска. Од Битола кон европските сцени – со гордост НТБ го претставува македонскиот театар и продолжува да гради мостови преку уметноста.
