Американскиот претседател Доналд Трамп отворено повика на промена во украинското раководство, велејќи дека е време Украина да има нов претседател наместо Володимир Зеленски.
Тој ја даде изјавата пред новинарите во Белата куќа, во време на растечки тензии меѓу Вашингтон и Киев поради американскиот договор со Русија за испорака на дизел, пренесува АП .
„Знаете што предлагам? Предлагам да добијат нов лидер кој би можел да склучи договор. Бидејќи тој би можел да склучи многу договори, но од некоја причина никогаш не го прави тоа. Мислам дека е време Украина да добие нов претседател“, рече Трамп.
„Зеленски создава проблеми за целиот свет со нападите врз руската нафта“
Трамп, исто така, го критикуваше Зеленски за украинските напади врз руските рафинерии, што влијаеше на глобалното снабдување со дизел.
„Им рековме: „Можете да правите што сакате со Русија, но не ги напаѓајте рафинериите бидејќи така создавате проблем за целиот свет“, рече Трамп.
Тој го обвини Зеленски дека со своите постапки предизвикува проблеми за други земји, вклучително и за САД.
„Тој сака да создаде проблеми за целиот свет. Сака да создаде проблеми за нашите земјоделци и сточари поради дизел горивото, бидејќи Русија снабдува голем дел од светот со дизел“, рече тој.
Тој повтори дека ја предупредил Украина да не ја напаѓа руската нафтена инфраструктура.
„Им рековме: „Правете што сакате, но не го напаѓајте снабдувањето со дизел бидејќи има голем проблем, голем недостиг“. И што направи тој? Отиде и го нападна токму тоа“, рече Трамп.
Конечно, тој упати строго предупредување до Зеленски.
„Подобро да престане“, рече американскиот претседател.

