Охриѓани и стружани, од утре „Сејф сити“ почнува и кај вас

„Сејф сити“ од утре, понеделник, 12 октомври, започнува со работа во Охрид и Струга. По техничките проверки и финалните тестирања, Министерството за внатрешни работи ги активира камерите за автоматски сообраќаен надзор, со цел навремено да ги открива прекршоците и да ја зголеми безбедноста на патиштата. Проширувањето ги опфаќа и Кичево и Дебар, кои исто така се под надлежност на СВР Охрид.

Во Охрид и Струга се поставени вкупно 40 сообраќајни камери. Со нивното ставање во функција, двата града стануваат дел од мрежата на системот „Безбеден град“, познат како „Сејф сити“, кој автоматски ги евидентира сообраќајните прекршоци.

За возачите, ова значи дека контролата на сообраќајниците опфатени со системот ќе се спроведува континуирано преку камерите. Од МВР наведуваат дека очекуваат поголема сообраќајна дисциплина и апелираат до сите учесници да ги почитуваат правилата и прописите.

Системот во државата е во функција од 1 февруари годинава. На неговата примена ѝ претходеше период на приспособување од два и пол месеци, во кој опремата се тестираше и се унапредуваше, а граѓаните добиваа известувања за регистрираните прекршоци.

Почетокот на работата во охридскиот регион го најави министерот Панче Тошковски при посетата на СВР Охрид и Регионалниот центар Запад на 25 септември. Тогаш посочи дека подготовките се во завршна фаза и дека до 12 октомври треба да завршат преостанатите активности поврзани со командниот центар и примената на системот.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?