Пресврт во Словенија, мнозинството го отфрла законот за парламентарни истраги

Пресврт во резултатите од четирите референдуми што во неделата се одржаа во Словенија. Според речиси целосно преброените гласови, мнозинството граѓани се изјасниле против измените на Законот за парламентарни истраги, додека на останатите три референдуми преовладуваат гласовите „за“.

По обработени 97,93 проценти од гласовите на законодавниот референдум, против измените се изјасниле 50,72 проценти од гласачите, додека 49,28 проценти гласале за нив. Против измените гласале 446.537 граѓани, со што е надминат и законскиот праг од 339.706 гласови, неопходен за нивно отфрлање.

Предложените измени предвидуваа ограничување на можностите за уставно-судска заштита на лицата опфатени со парламентарни истраги. Власта ги оправдуваше со потребата од поефикасно спроведување на истрагите, додека противниците предупредуваа дека со нив се намалува заштитата на правата на граѓаните. Доколку резултатите се потврдат, измените нема да стапат во сила и ќе продолжат да важат досегашните законски правила.

На останатите три референдуми, кои имаат консултативен карактер, мнозинството гласачи ги поддржало предложените решенија.

Најнеизвесен останува исходот од референдумот за укинување на задолжителниот придонес за Радиотелевизија Словенија. Според досегашните резултати, 50,57 проценти од гласачите се изјасниле за укинување, а 49,43 проценти против. Разликата е само 1,14 процентни поени, па преостанатите гласови би можеле да го променат конечниот сооднос. Но, дури и ако мнозинството остане „за“, тоа нема да значи автоматско укинување на придонесот, бидејќи референдумот има консултативен карактер и за евентуална промена ќе биде потребна дополнителна законска постапка.

На референдумот за условување на паричната социјална помош со општественокорисна работа, 61,12 проценти од гласачите се изјасниле „за“, а 38,88 проценти „против“.

Поддршка добил и предлогот за ограничување на гласачкото право на локалните избори на словенечките државјани и државјаните на Европската Унија. За него гласале 55,85 проценти, а против 44,15 проценти. Ова прашање директно ги засега и македонските државјани со постојан престој во Словенија, кои со законските измени од септември го изгубија правото да гласаат на локалните избори.

Само референдумот за измените на Законот за парламентарни истраги има обврзувачки карактер. Останатите три се консултативни, што значи дека нивните резултати не предизвикуваат автоматски законски измени.

Резултатите се неофицијални и се однесуваат на податоците објавени до 22:55 часот. Конечниот исход ќе биде утврден по обработката на преостанатите гласови, вклучително и оние пристигнати по пошта и од странство.

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали ЕУ го признава македонскиот идентитет?