Ива Михајлова е во Бугарија. Македонското Министерство за внатрешни работи тврди дека во системот нема евидентиран нејзин излез од државата. Таа и нејзиниот бугарски адвокат, пак, велат дека поминале низ официјален граничен премин, ги покажале документите и дека граничните полицајци точно знаеле кого пропуштаат.
Двете верзии не можат истовремено да бидат точни.
Михајлова е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици и имала судска мерка со која не смеела да ја напушти Македонија. Според информациите објавени од „Фокус“, нејзината патна исправа била одземена, а нејзиното име било ставено на стоп-листата на МВР.
Сепак, во неделата стигнала во Бугарија.
Прашањето сега повеќе не е само како Михајлова заминала. Прашањето е како функционира македонската граница и дали некој свесно решил да не го види она што системот требало да го запре.
МВР нема излез, адвокатот вели дека полицијата знаела
По проверка во системот за гранична контрола, МВР за „Фокус“ соопшти дека за Михајлова нема регистриран излез од Македонија.
Тоа е најважниот официјален податок во целиот случај.
Од другата страна, Михајлова пред бугарските медиуми тврди дека во Македонија ја покажала македонската лична карта и дека без проблем ја поминала контролата.
Уште подиректен е нејзиниот бугарски адвокат Николај Димитров.
Според неговата изјава за bTV, тие минале преку официјален граничен премин, а службениците на македонската страна биле целосно свесни дека станува збор за Ива Михајлова.
Тој тврди дека на границата разговарале околу 20 минути и дека никој не ги спречил.
Димитров отиде и чекор понатаму – изјави дека граничната и локалната полиција знаеле што се случува и дека повеќе луѓе во Македонија им помогнале.
Не сака да каже на кој премин поминале, со образложение дека не сака да им создаде проблеми на луѓето кои им помогнале.
Ако оваа изјава е точна, тогаш не станува збор за неприметно преминување преку планина или заобиколување на граничен премин.
Станува збор за лице со забрана за напуштање на државата кое, според сопствениот адвокат, дошло пред македонските гранични службеници, се идентификувало и било пропуштено.
А во системот нема излез.
Без дозвола од судот
Дополнителна тежина на случајот му дава изјавата на адвокатот на Михајлова во Македонија, Насер Рауфи.
Тој вели дека и самиот бил изненаден кога дознал дека таа ја напуштила државата и дека за заминувањето немале дозвола од судот.
Според Рауфи, одбраната токму се подготвувала повторно да бара решение поради здравствената состојба на Михајлова, откако претходно беше договорено бугарски лекари да дојдат во Македонија и да ја прегледаат.
Следното судско рочиште е закажано за 9 ноември.
Оттука, нема информација дека судската мерка била укината непосредно пред нејзиното заминување.
Напротив, сите досега достапни информации укажуваат дека ограничувањето за напуштање на земјата останало во сила.
Само четири дена претходно случајот беше на маса во Софија
Хронологијата дополнително отвора прашања.
На 8 октомври, само неколку дена пред Михајлова да се појави во Бугарија, нејзиниот случај беше една од темите на средбата во Софија меѓу шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова.
Бугарската страна претходно јавно бараше Михајлова да може да добие медицински третман во Бугарија.
Македонската страна се согласи бугарски медицински експерти да дојдат во Македонија и да ја прегледаат.
Неколку дена подоцна Михајлова веќе беше во Софија.
Дел од бугарските медиуми првично објавија дека таа се вратила во Бугарија по „успешни преговори со Северна Македонија“.
Подоцна, сепак, bTV објави дека нејзиното заминување ги изненадило институциите и во Македонија и во Бугарија и дека адвокатот ги известил бугарските министерства дури откако Михајлова веќе ја преминала границата.
Токму оваа контрадикција бара официјално објаснување.
Дали имало договор меѓу институциите, формален или неформален?
Дали некоја институција дала сигнал таа да биде пропуштена?
Или бугарските медиуми погрешно го опишале претходниот дипломатски процес како договор за нејзино заминување?
Засега нема доказ дека постоел политички договор за Михајлова да ја напушти Македонија. Но околностите се доволно невообичаени за институциите да мора јасно да одговорат.
Ако поминала легално, каде е записот?
Граничната контрола не се сведува само на поглед кон личната карта.
МВР располага со систем за гранична контрола, полициски станици на граничните премини и посебен Регионален центар за гранични работи Исток, кој ја покрива границата со Бугарија.
Ако Михајлова навистина минала преку официјален премин, како што тврди нејзиниот адвокат, останува нејасно зошто излезот не постои во евиденцијата.
Ако, пак, не минала преку официјален премин, тогаш нејзиниот адвокат јавно кажува невистина кога тврди дека разговарале со македонските гранични полицајци.
Трета можност е проверката да била направена, но лицето намерно или по пропуст да не било евидентирано.
Секоја од трите опции е сериозна.
Стоп-листа што не запира
Дополнително треба да се утврди како функционирала судската забрана.
Доколку Михајлова навистина била на стоп-листа, тогаш нејзиното појавување на граничен премин би требало да активира проверка на мерката.
Затоа случајот не може да заврши со едноставно соопштение дека „нема евидентиран излез“.
Тоа е почетокот, а не крајот на приказната.
МВР треба да утврди дали Михајлова навистина дошла на некој од граничните премини кон Бугарија, кои службеници биле на смена, дали била извршена проверка на нејзините документи и дали постојат снимки од камерите.
Ако навистина се водел дваесетминутен разговор, како што тврди адвокатот Димитров, таквиот настан тешко би можел да остане без никаква трага.
Од медицински случај до институционален проблем
Здравствената состојба на Михајлова е одделно прашање и не треба да се меша со функционирањето на правниот систем.
Таа има право на здравствена заштита.
Но истовремено е лице против кое се води судска постапка и за кое постоела судска мерка.
Токму затоа постојат процедури – судот може да одлучува за мерките, институциите можат да договараат медицински третман, а државите можат да комуницираат преку официјални канали.
Доколку тие процедури биле заобиколени, причината мора да се утврди.
Не заради националноста на Михајлова, не заради спорот со Бугарија, туку поради едноставното прашање дали судските одлуки во Македонија важат на граничниот премин.
Или дупка во системот, или некој ја отворил вратата
Во овој момент постојат премногу спротивставени информации за да може одговорно да се тврди што точно се случило.
МВР вели – нема излез.
Михајлова вели – поминав легално.
Нејзиниот адвокат вели – полицијата знаеше која е и ни помогна.
Македонскиот адвокат вели – немаше дозвола од судот.
Бугарските медиуми прво зборуваа за успешни преговори, а потоа за тајно организирано заминување што ги изненадило институциите.
Тоа остава две крупни можности кои институциите треба да ги расчистат.
Или македонската граница има дупка доволно голема низ неа да помине лице со активна судска забрана без да остави запис.
Или некој знаел дека поминува и решил да замижи.

