Социјалната мрежа Фејсбук воведува нова функција базирана на вештачка интелигенција која им овозможува на корисниците со свои зборови да наведат каква содржина сакаат да гледаат почесто или поретко во објавите и видеата што им се прикажуваат.
Новата опција „Вашиот алгоритам“ (Your Algorithm) им овозможува на корисниците директно да влијаат на алгоритмот што препорачува содржина , наместо целосно да се потпираат на автоматските препораки на платформата, рече Мета.
Корисниците можат да ги опишат своите интереси и преференции на едноставен јазик, а промените се одразуваат во препорачаната содржина во реално време.
Во исто време, Мета го подобри менито што се отвора со кликнување на трите точки до објавата , за корисниците полесно да ги прилагодат своите преференции.
Оттаму, тие можат да пристапат до опцијата „Вашиот алгоритам“ или да изберат дали им се допаѓа одредена содржина или не.
Платформата може да постави и дополнителни прашања за подобро да разбере што корисникот сака да види повеќе, а што помалку.
Воведувањето на новата функција е дел од пошироките напори на „Мета“ да им даде на корисниците поголема контрола врз содржината што ја гледаат, соопшти компанијата со седиште во Менло Парк.

