Германија го засилува дипломатскиот притисок врз Хрватска да ги реши отворените спорови со Црна Гора и да не го попречува нејзиното членство во Европската Унија. Берлин бара од хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ конструктивен пристап, предупредувајќи дека блокадата на Подгорица може да го загрози целиот процес на проширување, објавува „Еуроњуз“, повикувајќи се на четворица европски функционери запознаени со дипломатските разговори.
Германската влада, предводена од канцеларот Фридрих Мерц, веќе понудила посредување меѓу Загреб и Подгорица, но иницијативата сè уште не е реализирана. Целта е да се спречи билатералните несогласувања да го забават пристапувањето на Црна Гора, која во моментов е најнапредниот кандидат за членство во ЕУ.
Хрватска неделава доставила документ со осум барања што Црна Гора треба да ги исполни пред да ги заврши пристапните преговори. Спорните прашања главно се поврзани со наследството од војните во деведесеттите години, имотните побарувања, границите и обесштетувањето на жртвите од воените злосторства.
Пленковиќ во четвртокот, пред самитот на Европскиот совет во Брисел, изјави дека Загреб со години предупредува на нерешените прашања.
„Во последните две години немаше никаков напредок“, рече Пленковиќ, оценувајќи дека Хрватска досега била исклучително конструктивна во пристапните преговори со Црна Гора.
Во дипломатските разговори се вклучила и Европската комисија, додека Франција и Луксембург исто така настојуваат спорот да не се претвори во пречка за проширувањето. Особено Луксембург се спротивставува на користењето на пристапните преговори како средство за решавање билатерални несогласувања.
Најсилниот притисок, сепак, доаѓа од Берлин. Германија смета дека забавувањето на црногорскиот пристапен процес би испратило негативна порака до останатите земји кандидати.
На ваквиот пристап на Хрватска јавно реагираше и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, која порача дека билатералните спорови не смеат да го блокираат процесот на пристапување.
Црна Гора има амбиција да стане 28. членка на Европската Унија до 2028 година. Европските функционери предупредуваат дека одложувањето би можело да ја ослаби политичката поддршка за проширувањето, особено поради претстојните избори во неколку влијателни земји членки.
За Германија, прашањето има и пошироко геополитичко значење. Во услови на зголемени тензии со Русија, Берлин и Брисел го гледаат проширувањето како инструмент за зајакнување на европското влијание во соседството.
Евентуалното блокирање на Црна Гора би можело да има последици и врз европските перспективи на Албанија, Молдавија и Украина. Германија затоа инсистира пристапниот процес да продолжи, а отворените прашања меѓу Загреб и Подгорица да се решаваат преку дипломатски разговори.

