Криминал од половина милион евра во УХМР: Со лажни фактури се испумпувале буџетски пари

тетовско

Единицата за финансиски криминал при Секторот за криминалистички истраги во МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против девет физички и едно правно лице за незаконско присвојување на вкупно 30.026.836 денари од државниот буџет. Истражителите утврдија дека осуммина вработени во Управата за хидрометеоролошки работи, предводени од тогашниот вршител на должност директор, во соизвршителство со управител на фирма од Битола, овозможиле милионска противправна имотна корист преку манипулации во постапките за јавни набавки.

Со ваквото дејствување директно е нанесен удар врз јавните средства наменети за метеоролошкиот сервис на државата, при што се прекршени и строгите меѓународни норми од Етичкиот кодекс на Светската метеоролошка организација.

Првопријавениот раководител И.Т., спротивно на преземените меѓународни обврски од договорот со Светската метеоролошка организација од 2023 година, донел две посебни одлуки за набавка за еден ист настан во различен временски период со цел да ја фрагментира редовната постапка. Иако претходно добил спецификација за вкупниот обем на потребните услуги, тој постапката ја водел според изменети единечни количини. Без изготвен и потпишан записник од отворањето на понудите и без задолжителен извештај, директорот го прифатил предлогот на комисијата за избор на најповолна понуда, занемарувајќи го фактот што економските оператори воопшто немале доставено цени за сите задолжителни ставки од техничката спецификација.

Комисијата за спроведување на набавката, составена од претседателот Р.Б. и членовите Н.А. и Ј.М., свесно прифатила некомплетна и задоцнета понуда од правното лице од Скопје, како и технички неисправна понуда од компанијата од Битола. Иако знаеле дека понудувачите не ги исполнуваат законските услови и критериуми, членовите на комисијата преку формален записник дале предлог за избор според критериумот за најниска цена, што законски било невозможно бидејќи спецификациите не биле целосно пополнети. Врз основа на таквиот предлог, директорот потпишал штетни договори кои на скопската фирма ѝ овозможиле противправна корист од 29.244.786 денари, додека битолската фирма неосновано приходувала 782.050 денари за печатење промотивен материјал.

Внатрешните филтри за контрола и ликвидација во рамките на институцијата целосно затаиле при крајната исплата на буџетските средства. Службениците задолжени за изготвување и одобрување на набавките, А.С., С.А.М. и С.С., потпишале решенија за кои однапред знаеле дека се процедурално неисправни, а потоа пуштиле во реализација фактури со измислени коефициенти без никакви придружни докази за реално извршени услуги. Контролорот од Секторот за финансии, Л.К., ставила свој потпис и одобрила исплата без задолжителната претходна материјално-финансиска проверка, со што извршила свесна верификација на невистинити финансиски податоци на директен товар на институцијата.

Пријавениот управител на битолската фирма, В.Х., свесно доставил понуда што во самиот старт била формално и технички неисправна за да остави простор за последователни финансиски манипулации, додека сега починатиот одговорен управител на скопската фирма континуирано доставувал фактури со невистинити пресметки. Скопската фирма со пријавата се товари за фалсификување исправи, додека физичките лица одговараат за злоупотреба на службената положба и овластување во соизвршителство. По поднесувањето на пријавата од страна на Единицата за финансиски криминал, Основното јавно обвинителство Скопје треба да отвори истражна постапка, да ги сослуша пријавените и да иницира мерки за обезбедување и враќање на оштетените државни средства.

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?