Втората вечер на 45. Скопски џез-фестивал, денеска, 16 октомври, носи исклучително музичко патување низ современиот нордиски џез, електрониката и слободната импровизација.
Под заедничкиот концепт „Punkt International“, на сцената на Националната опера и балет ќе настапат музичари од Норвешка и Исланд, а вечерта ќе кулминира со необичен полноќен концерт во кој веќе изведената музика ќе добие сосема нов живот.
По синоќешното отворање на 45. Скопски џез-фестивал, денешната програма носи поинаква музичка енергија – суптилна, истражувачка и отворена за неочекувани звучни комбинации. Во центарот на вечерта е меѓународниот проект „Punkt“, кој ги поместува границите меѓу концертот, импровизацијата и музичкото создавање во реално време.
Три концерти, две сцени и еден необичен музички концепт ја сочинуваат програмата што започнува во 20 часот во Националната опера и балет.
Вечерта во 20 часот ја отвораат норвешките музичари Еивинд Орсет (Eivind Aarset) и Јан Банг (Jan Bang) со проектот „Dream Logic“.
Во 22 часот следува настапот на исландското дуо Скули Сверисон (Skúli Sverrisson) и Олоф Арналдс (Ólöf Arnalds), кои носат поинаква, интимна и емотивна димензија на вечерта.
Особено привлечен дел од вечерашната програма е полноќниот настап на Ерик Оноре (Erik Honoré) и Јан Банг, на специјално подготвената Мала сцена во Националната опера и балет.

