Во Општина Брвеница утре, 18 октомври, ќе се одржат предвремени избори за градоначалник, на кои право на глас имаат 16.256 граѓани. За градоначалничката функција се натпреваруваат шест кандидати, додека денеска гласаат 88 болни и изнемоштени лица, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК).
Изборите се организираат по смртта на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој почина на 23 јуни годинава, на 58-годишна возраст. Во изминатиот период функцијата вршител на должноста градоначалник ја извршуваше Роберт Милошески.
Во изборната трка учествуваат четворица кандидати поддржани од политички коалиции и двајца независни кандидати.
Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, го кандидира Стојанчо Радически, додека кандидат на коалицијата предводена од СДСМ е Јовица Радески.
Коалицијата ВРЕДИ настапува со Јакуп Усеини, а Националната алијанса за интеграција (НАИ) со Аркин Јахији. Како независни кандидати во трката учествуваат Душан Богдановски и Арифе Идризи.
Според заклучениот Избирачки список, во десетте населени места на Општина Брвеница се евидентирани вкупно 16.256 избирачи.
Од нив, 15.798 се запишани во редовните изводи од Избирачкиот список, 449 се евидентирани како лица на привремена работа или престој во странство, додека деветмина се на издржување затворска казна или во притвор.
Денеска, еден ден пред главното гласање, своето избирачко право можат да го остварат 88 болни и изнемоштени лица кои се пријавиле за гласање согласно изборните правила.
Утре избирачките места ќе бидат отворени во 7 часот, а гласањето ќе трае до 19 часот.
Предвремените избори ги распиша претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 7 август годинава.
Државната изборна комисија претходно ги утврди содржината, изгледот и заштитните елементи на гласачкото ливче, како и останатите постапки за спроведување на изборниот процес.

