На Клиниката за психијатрија во првите седум месеци од 2026 година се евидентирани 101 пациент со растројства поврзани со стрес поради претрпено семејно или партнерско насилство, додека во целата 2025 година биле регистрирани 79 вакви случаи. Податоците покажуваат значително зголемување на бројот на пациенти што побарале психијатриска помош, но од Клиниката предупредуваат дека тоа не мора да значи и зголемување на самото насилство во општеството.
Податоците се добиени преку ретроспективна анализа на електронските здравствени записи во системот „Мој Термин“, за периодот од јануари 2025 до јули 2026 година. Анализирани биле пациентите со дијагнози од групата F43, која опфаќа растројства поврзани со стрес, кај кои во медицинската документација било евидентирано семејно или интимно-партнерско насилство.
Резултатите ги презентираше проф. д-р Славица Арсова на Меѓународната конференција за форензичка психијатрија 2026, која викендов се одржува во Охрид.
Најмногу случаи годинава биле регистрирани во март, кога психијатриска помош побарале 27 пациенти. Во април биле евидентирани 23, а во јуни 21 пациент.
Од Клиниката посочуваат дека периодот со најмногу регистрирани случаи се совпаѓа и со трагичниот случај во Скопје, во кој мајка и нејзиното дете го загубија животот по пад од балкон, а случајот беше поврзан со пријави за долгогодишно семејно насилство.
Сепак, проф. д-р Арсова нагласува дека зголемениот број пациенти не претставува директен доказ дека семејното насилство станало позачестено.
Според неа, ваквите резултати може да бидат последица на подобро препознавање и документирање на насилството, почесто упатување на пациентите на психијатриски прегледи или поголема ажурност на институциите во постапувањето по пријавените случаи.
Анализата покажува дека последиците врз менталното здравје се присутни кај различни возрасни групи. Просечната возраст на пациентите е 40 години, а меѓу евидентираните има и 19 лица помлади од 18 години и 29 лица на возраст од 60 години или повеќе.
Жените се трипати позастапени од мажите меѓу пациентите кај кои се утврдени растројства поврзани со претрпено семејно или партнерско насилство.
Најчесто се евидентирани акутни реакции на стрес, посттрауматско стресно растројство и растројства на приспособувањето, кои можат да се развијат како последица на изложеност на насилство.
Податоците на Клиниката се надоврзуваат на статистиката на Министерството за внатрешни работи, според која бројот на пријави за семејно насилство пораснал од 4.421 во 2022 година на 5.436 во 2025 година, односно за 23 отсто.
Во текот на 2025 година, според евиденцијата на МВР, меѓу жртвите најчесто биле регистрирани сопруги, вкупно 1.438, потоа родители со 1.000 случаи и поранешни брачни партнери со 708 случаи.
Истовремено, бројот на регистрирани кривични дела поврзани со семејно насилство се зголемил од 1.117 во 2022 година на 1.195 во 2025 година.
На конференцијата беше нагласено дека здравствените работници имаат важна улога во навременото препознавање на семејното насилство, особено кога пациентите се јавуваат со психички последици, но не зборуваат отворено за причините.
Од Клиниката посочуваат дека медицинските професионалци треба систематски да ја проценуваат безбедноста на пациентите, да обезбедат доверлива средина за разговор и прецизно да ги документираат видот и времетраењето на претрпеното насилство.
Посебно е важна и соработката со останатите надлежни институции, за пациентите навремено да добијат психијатриска поддршка, процена на ризикот и соодветна заштита.
Од Клиниката за психијатрија нагласуваат дека раното препознавање на насилството и правилното документирање на неговите последици се неопходни за соодветно лекување, но и за спречување понатамошно загрозување на здравјето и безбедноста на жртвите.

