Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез призна дека полицијата ја изгубила контролата во повеќе градови за време на масовните протести во Франција. По речиси 2.400 апсења и околу 1.000 повредени припадници на безбедносните служби, Нуњез понудил оставка, но претседателот Емануел Макрон одбил да ја прифати.
Нуњез во понеделникот изјави дека безбедносните сили не успеале да ги спречат насилствата, грабежите и нападите врз јавни објекти за време на протестите на 17 и 18 октомври.
„Ја изгубивме контролата во некои големи градови“, призна министерот, додавајќи дека полицијата потфрлила во проценката на размерите на протестите и во подготовките за нивно обезбедување.
Иако на 17 октомври биле распоредени околу 60.000 полицајци и припадници на безбедносните сили, протестите прераснаа во едни од најсериозните насилни немири во Франција во последните години.
Според Министерството за внатрешни работи, приведени се речиси 2.400 лица, а повредени се околу 1.000 полицајци и жандарми.
Насилствата предизвикаа голема материјална штета. Во Париз, Марсеј, Лион и други градови беа ограбени продавници, запалени возила и нападнати јавни институции. Во Лимож пожар сериозно ја оштети историската градска куќа, чиј покрив се урна.
Според проценките на француските власти, околу 3.000 деловни објекти биле оштетени или ограбени.
Министерот Нуњез изјави дека понудил оставка бидејќи се смета за одговорен за случувањата, но Макрон побарал да остане на функцијата и да организира нов пристап во справувањето со насилствата.
Од Елисејската палата соопштија дека претседателот бара целосна транспарентност за пропустите во безбедносните проценки и разузнавачките информации што довеле до недоволна подготвеност на полицијата.
Францускиот премиер Себастијан Лекорну во меѓувреме најави можност за воведување ограничен полициски час во најпогодените области.
Тој ја исклучи можноста за општ полициски час во Париз во оваа фаза, но посочи дека локалните власти би можеле да воведат временски и територијално ограничени мерки за спречување нови насилства.
Во Марсеј веќе беа воведени ограничувања за јавни собири и демонстрации во одредени периоди.
Протестите започнаа како ученичко незадоволство од состојбите во образованието, недостигот од наставници и лошите услови во училиштата, а потоа прераснаа во пошироко движење против високите животни трошоци и состојбата со јавните услуги.
На демонстрациите во саботата учествуваа стотици илјади граѓани. Голем дел од собирите поминаа мирно, но во повеќе градови дојде до судири со полицијата и уништување имот.
Макрон ги осуди насилствата и ги обвини радикалните групи дека ги искористиле протестите за напади врз институциите. Истовремено призна дека демонстрантите имаат легитимни барања поврзани со економските и социјалните проблеми.
Незадоволството продолжи и во понеделникот, кога демонстранти ги блокираа влезовите на музејот Лувр во Париз, изразувајќи поддршка за ученичкото протестно движење.
Синдикатите најавија нов бран штрајкови и демонстрации за 5 ноември, додека француската Влада се соочува со дополнителен притисок поради економската состојба и растечките трошоци за живот

