Четиригодишно дете остварило 3,1 милион денари, односно над 50.000 евра, од дивиденда во 2025 година и е најмладиот примател на милионски годишен доход во Македонија. Највозрасниот има 97 години, додека највисокиот пријавен годишен доход во државата надминал 4,1 милион евра, покажуваат податоците што денеска ги објави Управата за јавни приходи (УЈП).
Директорката на УЈП, Елена Петрова, на брифинг со новинарите соопшти дека 97-годишниот граѓанин остварил 1,089 милиони денари, од кои 59 отсто од пензија, а остатокот од дивиденда.
Податоците се однесуваат на пријавен годишен доход, а не на вкупниот имот на граѓаните. Во случајот со четиригодишното дете, приходот потекнува од дивиденда, односно распределена добивка од сопственички удел во компанија.
Највисокиот вкупен годишен доход во 2025 година го остварил граѓанин од Гевгелија, кој пријавил 257,5 милиони денари, или приближно 4,19 милиони евра. Приходите ги добил преку плата, дивиденда и друг доход исплатен од една компанија.
Веднаш зад него е граѓанин од Охрид со пријавени 254,4 милиони денари, односно околу 4,14 милиони евра.
Особено високи се и поединечните приходи од дивиденди. Најголемата исплатена дивиденда изнесувала 252,6 милиони денари, додека највисоката пријавена капитална добивка достигнала 164,2 милиони денари.
Рекордната годишна бруто-плата изнесувала 139,1 милион денари, или околу 2,26 милиони евра. Таа била исплатена во секторот за вадење камен и јаглен, што во просек претставува речиси 189.000 евра месечно во бруто-износ.
Петте највисоки годишни бруто-плати надминале по два милиона евра и сите биле исплатени во Скопје.
Според анализата на УЈП, за 2025 година биле генерирани 863.100 годишни даночни пријави, што е за 82.702 повеќе отколку во претходната година, односно раст од 10,6 отсто.
Вкупниот пријавен бруто-доход достигнал 612,9 милијарди денари, а пресметаниот данок на личен доход изнесувал 39,8 милијарди денари.
Во споредба со 2024 година, пријавениот доход се зголемил за 74,1 милијарда денари, а пресметаниот данок за приближно 4,86 милијарди денари.
Најголем дел од приходите на граѓаните и понатаму потекнуваат од плати, додека највисоките поединечни износи се регистрирани кај дивидендите и другите приходи од капитал.
Податоците покажуваат и изразена географска концентрација на доходот. На Скопје отпаѓаат околу 36 отсто од годишните даночни пријави, но приближно 43 отсто од пријавениот бруто-доход.

