Сведок во „Лотарија“ тврди дека немало посебна одлука за ВЛТ

ФОТО: 24ТВ скриншот

Управниот одбор на „Државна лотарија“ не донел посебна одлука за набавка на видеолотариските терминали (ВЛТ), сведочеше денеска поранешниот член на одборот Христо Најданов. Одбраната возврати дека набавката била предвидена во усвоените финансиски планови и планот за јавни набавки и дека постои одлука на Надзорниот одбор.

Најданов, кој бил член на Управниот одбор од 2017 година до 2 февруари 2024 година, изјави дека, според неговото сеќавање, потребата од набавката не била посебна точка на дневниот ред. Тој сведочеше и дека дел од материјалите за одлучување биле доставувани електронски наутро, со рок за одговор до попладнето, поради што немал секогаш време детално да ги разгледа.

Адвокатот Еленко Миланов, бранител на поранешниот директор Перпарим Бајрами, изјави дека сеќавањето на сведокот не ги поништува донесените документи. Според него, набавката била потврдена преку финансиските планови и планот за јавни набавки, а Надзорниот одбор донел одлука со која го задолжил директорот да ја спроведе. Миланов тврди дека постапката била во согласност со Законот за трговските друштва и Статутот на компанијата.

Во предметот се обвинети Бајрами, поранешниот вицепремиер Артан Груби, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и петмина поранешни членови на Надзорниот одбор. Обвинителството ги товари за злоупотреба на службената положба и овластување во текот на 2023 и 2024 година, со наводна штета за „Државна лотарија“ од 507.632.173 денари.

Според обвинението, „Државна лотарија“ немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку ВЛТ-терминали, бидејќи во 2013 година тоа право го вложила во заедничкото друштво со „Касинос Аустриа“, во кое стекнала удел од 51 отсто. Обвинителството тврди дека набавката била спроведена и покрај ова ограничување.

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кога очекувате комплетно завршување и пуштање во употреба на автопатиштата?