За денешните претседателски избори во Бугарија се пријавиле 265 гласачи во Македонија, најмногу во Прилеп и Струмица. Бугарските државјани можат да гласаат во седум града, покажуваат податоците на бугарската Централна изборна комисија.
Во Прилеп се пријавиле 60 гласачи, во Струмица 55, во Кочани 43, а во Кавадарци 41. Гласање има и во Охрид, во бугарската амбасада во Скопје и во Генералниот конзулат во Битола.
Бројот на пријавени е поголем од оној за парламентарните избори во април годинава, кога биле поднесени 210 пријави. Тогаш во Македонија гласале 436 бугарски државјани.
И денеска можат да гласаат граѓани што не се пријавиле однапред. На избирачкото место треба да потпишат декларација дека не гласале и нема да гласаат на друго место. Затоа конечниот број гласачи може да биде поголем од бројот на претходните пријави.
