Третиот мобилен оператор „Оне Македонија“ ќе ја користи сателитската технологија Старлинк, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Операторот е дел од унгарската групација „4иГ“, која во септември склучи договор со „Спејсекс“ на Илон Маск.
„Кога ќе заврши тестирањето одат директно на Старлинк, односно на сателитите на Илон Маск“, рече Николоски во гостувањето во „360 степени“ на МРТ1 на 19 октомври.
Според соопштението на „4иГ“, Македонија е меѓу земјите во кои се планира воведување на следната генерација Starlink Mobile V2. Таа треба да овозможи директно поврзување на мобилните телефони со сателити и да ја дополнува мобилната мрежа во подрачја каде што нема сигнал. Предвидена е и за одржување на врските при прекини на копнената инфраструктура.
До март 2027 година новиот оператор треба да обезбеди мобилно покривање на најмалку еден град. Николоски рече дека компанијата го избрала Скопје.
Министерот очекува влезот на третиот оператор да донесе значително пониски цени од оние на двата постојни оператори. Во интервјуто не беа претставени тарифни пакети, ниту беше посочен датум за почеток на сателитската услуга.

