Собранието денеска треба да расправа за интерпелацијата за министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, поднесена од пратениците на Левица. Партијата бара политичка одговорност за управувањето со енергетскиот сектор и ги повикува останатите пратеници да ја поддржат иницијативата.
Од Левица обвинуваат дека ЕСМ се задолжува, а произведената струја се продава под производната цена. Според партијата, државната енергетика финансиски ослабува, додека приватните компании остваруваат високи профити, а граѓаните плаќаат повисоки сметки.
Во образложението ги посочуваат и договорите на ЕСМ со приватни фирми, меѓу кои две рамковни спогодби со „Топлина“, за кои тврдат дека се во вредност од речиси две милијарди денари и биле склучени со само еден понудувач.
Партијата упатува забелешки и за контролата врз производителите на струја од обновливи извори, за заштитата на јавните ресурси во рударството и за достапноста на документите за енергетските договори. Левица оценува дека овие прашања бараат одговори од министерката пред пратениците.
Интерпелацијата е на дневниот ред на 128. собраниска седница, на која се предвидени и законски измени во повеќе области.

