Акција на МВР: Уапсени 67 возачи за безобѕирно возење, одземени 27 возила

Полицијата уапси 67 лица за безобѕирно управување возило и одзеде 27 автомобили за време на интензивните сообраќајни контроли спроведени изминатиот викенд низ целата држава. Од вкупно констатираните 2.720 сообраќајни прекршоци, точно половина се за возење со брзина поголема од дозволената.

Министерството за внатрешни работи спроведе засилени контроли на патиштата во Македонија во периодот од 23 до 25 октомври, при што беа издадени 2.720 платни налози. Дури 1.360 возачи биле казнети поради непочитување на пропишаната брзина на движење.

Поради безобѕирно возење од слобода се лишени 67 возачи. Меѓу нив, 21 управувал возило без возачка дозвола, осум возеле и покрај претходно изречена забрана, а седуммина биле под дејство на алкохол. Четири лица се уапсени поради екстремно брзо возење во и надвор од населено место.

Согласно член 300-б од Кривичниот законик, полициските службеници привремено одзедоа 27 возила.

Статистиката на МВР за изминатите три дена бележи и 328 прекршоци за непрописно паркирање, како и дополнителни 57 казни за возење под дејство на алкохол.

Полицијата санкционираше и 239 учесници во сообраќајот за некористење сигурносен појас, 33 мотоциклисти за неносење заштитна кацига и осум возачи поради незаконски затемнети стакла. Од сообраќај се исклучени вкупно 27 возила, од кои 23 биле нерегистрирани, а четири технички неисправни.

Од полицијата најавуваат дека засилените сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредните денови на патиштата низ земјата.

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Дали студентскиот „земјотрес“ во Србија ќе ја разбуди и македонската политичка сцена?