Државниот ЕСМ натрупува долгови, додека приватните компании во енергетиката остваруваат високи профити, обвини пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, на денешната расправа за интерпелацијата за Сања Божиновска. Министерката возврати дека Министерството не ги води набавките и комерцијалните договори на ЕСМ и побара одговорност за точноста на обвинувањата.
Образложувајќи ја интерпелацијата, Мециновиќ наведе дека долговите на ЕСМ за две години пораснале од 156,6 на 173,9 милиони евра. Наспроти тоа, според него, компаниите од групацијата ЕВН во последните две години оствариле добивка од 109 милиони евра. Тој обвини дека и актуелната и претходните влади го третираат ЕСМ како „бунар без дно за богатење на нивните колеги и соработници“.
Мециновиќ ја критикуваше Владата за отсуство на долгорочен план за финансирање на ЕСМ, ангажирањето приватни компании за ископ на јаглен и застојот на проектите „Чебрен“ и „Галиште“. Според него, политичката одговорност на Божиновска опфаќа предлагање политики и координација во Владата, поради што не може да се сведе само на формалните надлежности на Министерството.
Божиновска им се заблагодари на пратениците што ја поднеле интерпелацијата, велејќи дека ѝ овозможиле да ја претстави работата на Министерството. Таа нагласи дека ја поддржува контролната улога на Собранието, но побара расправата да се води според законските надлежности и конкретните одлуки. Посочи дека ЕСМ е акционерско друштво, а РКЕ независно регулаторно тело.
„Ќе побарам вие да ја прифатите одговорноста за точноста на тврдењата во барањето“, порача министерката. Во одбраната на својата работа го издвои новиот Закон за енергетика, а во однос на цената на струјата наведе дека производствениот трошок на ЕСМ е намален од над 130 на околу 100 евра за мегават-час.

