Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Асимина Проедру, филмска режисерка: Договорот од Преспа ги олесни работите за копродукциите и соработките

Успехот што го постигнува грчко-германско-македонската копродукција „Зад стоговите сено“ е повод за разговор со сценаристката и режисерка Асимина Проедру за соработката меѓу грчките и македонските филмаџии, предизвиците на нашите општества кога во прашање се шовинизмот и ксенофобијата, лицемерноста на „цивилизираните“ западните земји во екот на мигрантската криза, за малиот човек како „запчаник“ во кородираните и корумпирани општества…

Стојан СИНАДИНОВ

Велат дека ништо не успева толку добро како – успехот! Младата грчка филмска режисерка Асимина Проедру веќе со дебитантскиот долгометражен игран филм „Зад стоговите сено“ (Piso apo tis thimonies / Behind the Haystack) постигна супериорен успех во нејзината татковина, каде што освои дури 10 награди на Грчката филмска академија, а филмот бележи одлични одгласи и во меѓународната филмска критика. „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Северна Македонија. Македонски партнер е „Сектор филм“, предводен од продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска, како прва соработка помеѓу грчките и македонските филмаџии по потпишувањето на Преспанскиот договор.

Премиерата на филмот се одржа на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022 година, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа – Индија. Македонската премиера на филмот се очекува на некој од домашните филмски фестивали чии термини на одржување се на есен.

Снимањето на филмот се одвиваше на територијата на Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021 година, кога сѐ уште беа на сила ковид-протоколите.

Проедру на снимањето на „Зад стоговите сено“

Најпрво, честитки за сите успеси на вашиот филм. Дали потајно ги очекувавте или бевте уверени во квалитетот на филмот? Ако успехот на Филмскиот фестивал во Солун (TIFF) беа (очекувано) изненадување за вашиот дебитантски филм, дали супериорноста на доделувањето на наградите на Грчката филмска академија „Iris Awards“ – рекорден број номинации во историјата на наградите во неверојатни 17 категории, вкупно 10 награди – беше многу повеќе од какви било очекувања?

Ви благодарам многу! Како што кажавте, неодамна (на 27 јуни) „Зад стоговите сено“ освои 10 награди на Грчката филмска академија, вклучувајќи ја и престижната награда за најдобар игран филм, додека беше номиниран за 17 награди; рекорден број номинации во историјата на институцијата. Иако верував во филмот од самиот почеток, никогаш не можете да бидете сигурни како ќе изгледа филмот. И ова не е поврзано само со квалитетот на филмот, туку има врска со тоа како публиката ги сфаќа различните слоеви на темите и ликовите; нешто што понекогаш е дури и надвор од филмот, бидејќи е поврзано со општеството, моментумот итн.

Многу сум трогната од начинот на кој публиката реагира на проекциите. Првпат го доживеав тоа на премиерата на филмот во Солун: публиката беше толку воодушевена. Според мое сфаќање, ова е поврзано, освен со квалитетот на филмот (глумата, кинематографијата итн.) и со различните и сложени начини на кои различната публика се идентификува со ликовите, во процес кој е прилично суров за нив, но во исто време и лековит.

Светската премиера на „Зад стоговите сено“, повеќе од симболична, беше во селекцијата насловена „Запознај ги соседите“ (Meet The Neighbours) на Солунскиот филмски фестивал. Колку од овој тајминг на премиерата беше случајност или ваш избор?

Во право сте, изгледа дека селекцијата „Запознај ги соседите“ имаше симболично вклопување. Сепак, имам чувство дека токму такви филмови бара фестивалот во овој дел, во однос на темата и локациите. Во исто време, од самиот почеток, почувствував дека ова ќе биде и многу добра шанса за претставување и промоција на филмот. Тоа и се оствари, бидејќи веднаш по премиерата во Солун, филмот беше пофален од Screen Daily International (Screen Daily), потоа од магазинот The Film Verdict и други, како Fipresci, а имаше и голема експонираност во меѓународниот печат (Variety, Screen Daily New Talents Focus).

Какви се реакциите на гледачите? Дали гледачите навистина сакаат да ги запознаат своите соседи? Дали во овој контекст Договорот од Преспа ги релаксира односите, не само меѓу креативците, туку и меѓу „обичните“ луѓе?

Во однос на институциите, сигурна сум дека Договорот од Преспа ги олесни работите во однос на копродукциите и соработките, бидејќи и претходно искусив колку беше тешко. Работам на филм од 2015 година и знам дека копродукцијата би било речиси невозможно да се случи. Во однос на обичните луѓе, бидејќи сè уште има шовинизам кај дел од населението на двете земји, претпоставувам дека сè уште има полемики за Договорот. Сепак, според мене, има и други прашања со Договорот од Преспа, како што е тоа дека ЕУ и НАТО го спонзорираа за да можат да дејствуваат како „заштитници“ на двете земји.

Како се случи соработката со продуцентите Владимир Анастасов и Ангела Несторовска? Дали би работеле повторно заедно?

Соработката со Владимир Анастасов и Ангела Несторовска (Сектор филм) се случи преку мојот грчки продуцент, Јоана Боломити (Argonauts SA). Јоана бараше добро етаблиран продуцент од С. Македонија кој ќе може да добие средства од Агенцијата за филм, како и ефикасно да го спроведе снимањето во земјата.

Соработката со Владимир и Ангела беше неверојатна, ефективна и креативна, и дефинитивно повторно би соработувала со нив. Имавме неколкудневно снимање на Дојранското езеро од страната на С. Македонија (Стар Дојран), како и во градот Гевгелија, додека соработувавме со актери, статисти и вторите екипи од регионот. Најимпресивниот дел беше тоа што речиси во текот на целата претпродукциска фаза соработувавме со „Сектор филм“ од далечина. Дел од локациското извидување и целокупниот кастинг и монтажа го направивме од далечина, додека шефот на грчката продукција разговараше со членовите на екипата на продуцентот од С. Македонија преку интернет, разменувајќи фотографии и видеа, до последниот ден пред почетокот на снимањето. И тоа беше затоа што го снимавме филмот за време на вториот локдаун на Ковид-19, и кога границата кај Дојран меѓу Грција и С. Македонија беше затворена.

Се сеќавам дека кога побарав хармоникаш кој ќе свири ромска песна од времето на поранешна Југославија, кастинг-директорот од С. Македонија ми испрати видео записи од околу 30 различни хармоникаши, секој од нив свиреше различна бившојугословенска ромска песна, за јас да изберам. Тоа беше толку импресивно! Нивниот придонес, се разбира, беше многу битен и од неколку други причини: тие имаа многу добар увид за локациите, екипите, актерите и милиони работи неопходни за една филмска продукција, што го направи снимањето непречено и ефективно, но најмногу… возможно.

Трагичен инцидент на северната граница на Грција го погодува локалното тричлено семејство, туркајќи ги да се соочат со сопствените ќорсокаци, додека мора длабоко да ја разгледаат цената за нивните постапки – е резимето на заплетот на „Зад стоговите сено“. Главниот лик Стергиос се плаши да не оди во затвор за измама што ја направил пред многу години. Почнува да тргува со мигранти преку граничното езеро за да ги врати парите што ги зел… Колку има ксенофобија во нашите општества, а колку мигрантите се само изговор за сопствените неуспеси?

Избрав да ја поставам приказната на Дојранското Езеро, магнетизирана од дивата убавина на езерото, многу пред бегалската криза да стигне на насловните страници. За време на мојата прва посета на областа, кога почнав да истражувам за филмот, останав во хотел во кој беа сместени околу педесетина сириски и ирачки бегалци кои неколку пати се обидоа да ја преминат границата.

Моите многубројни посети на сиромашните села во регионот ме натераа да сфатам дека локалните заедници ги користат бегалците на различни начини (хотели, такси, храна и сл.), за да заработат пари од нив. Истовремено, шверцерите пренесуваа стока, претежно наменета за лична употреба, преку граница, и тоа како дел од нивните секојдневни активности, тотално толерирано и целосно прифатено од локалната заедница. Така решив да го создадам светот на филмот користејќи вистински елементи преземени од локалната заедница, знаејќи дека бегалската криза ќе биде дел од мојата приказна.

Една земја не е само една работа. Во нашите земји постои ксенофобија, но се надеваме дека во исто време има и солидарност. Меѓутоа, во филмот најмногу се фокусирам на други мотиви кои се поврзани со темата на филмот: тоа се различните начини на кои обичните луѓе можат да станат запчаници во корумпираниот систем, или, со други зборови, различните начини на кои корумпираниот систем се репродуцира. Овие мотиви не се многу поврзани со ксенофобијата, туку имаат повеќе врска со борбата на луѓето да преживеат и да се вклопат во корумпирано општество.

Дали надворешните фактори, како што е трговијата со мигранти, се само поттик за семејна драма, како што е тоа во вашиот филм? Можеме ли таа драмска линија да ја толкуваме метафорично за состојбата на едно општество, не нужно само грчко, и не само во регионот?

Дејството на филмот се случува во 2015 година, кога Германија, Австрија, Унгарија, Словенија и други европски земји ги затворија своите јужни граници за бегалците, незаконски подигајќи го Шенгенскиот договор, што создаде ситуација илјадници мигранти да се соберат, во многу лоши услови, на северната граница на Грција.

На прво ниво, „Зад стоговите сено“ е приказна за семејство вовлечено во несреќа со мигранти. Сепак, како што кажавте, има и други слоеви додадени на оваа семејна драма, поврзани и со локалната заедница и со нашите западни општества. Филмот покренува прашања за тоа како цело општество може да кородира, да биде доведено до криминал, измама, потчинување и колективно негирање. Во исто време, го истакнува лицемерието на нашите „цивилизирани“ западни општества, кои од една страна леат крокодилски солзи за човештвото, но од друга страна стануваат соучесници во експлоатацијата, осиромашувањето, раселувањето, па дури и смртта на илјадници луѓе. Така, филмот е истражување за тоа каде и зошто се движат нашите модерни општества, и за начинот на кој меѓучовечките односи пропаѓаат во овие општества. Истражување кое, сепак, нема намера да го осуди секојдневниот човек кој – поразен – се потчинува на корумпираните општествени структури. Напротив, се обидува да фрли светлина врз темнината и да открие сè што е човечко и убаво во неговата секојдневна борба да преживее, од неговата потреба да го сака другиот, да ужива во неговиот живот и да го подобри светот околу него.

По овој голем успех, претпоставувам дека финансиите за вашиот следен филм нема да бидат доведени во прашање. Која ќе биде неговата тема, дали можеби повторно ќе соработувате со Северна Македонија?

Моментално работам на два проекти; еден игран филм и пилот-серија на ТВ. Филмот зборува за три жени во Атина, чии животи се испреплетуваат, бидејќи низа инциденти ги тераат радикално да го доведуваат во прашање нивниот идентитет, во приказна за мајчинството, родовите улоги и ослободувањето. ТВ серијата, пак, е политички трилер, но сè уште во рана фаза на развој.

И да, дефинитивно повторно би работела со Северна Македонија доколку имам шанса.

Најново