Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Индипендент“: Време е да го замените езерото Комо со Охридското во Северна Македонија

Освежувачко вино на тераса на сонце, непосредно до водата; возења со брод и Стар град на списокот на УНЕСКО: Охридското Езеро има сè што би посакале за шик-одмор за мали пари, открива Сара Холт.

Луѓе пијат аперол и еспресо и грицкаат пица, со главите свртени кон паунско-зелената вода, опколена од ридови полни со вили. Сцената не е поинаква од езерото Комо – но јас сум 1.300 милји оддалечена од северна Италија, во Охрид, на југозападниот дел Северна Македонија. Охрид полека влегува во радарот на туристите од Обединетото кралство, благодарение на неодамна воведените директни летови на „TUI“ од Манчестер и „Гетвик“,

Градот Охрид и неговото истоимено езеро статистички дури и го надминуваат италијанскиот конкурент.

Распослано на повеќе од 138 квадратни милји, Охридското Езеро е повеќе од двојно поголемо од Комо, факт што најдобро се цени при кружно патување со брод. Карстните карпи во боја на калај и новородено розово, се протегаат со километри, отстапувајќи место на непреченото зеленило на Националниот парк „Галичица“, толку густо набиено што наместа наликува на цветови брокула.

Мојот брод застанува во подножјето на Манастирот „Свети Наум“ на врвот на ридот, православниот манастир првично изграден во 10 век. Оттука поглед кон големото езеро, од височина на која слободно шетаат пауни (како симболи ги има и на фреските). Влегувам и во манастирската црква ја откривам просторијата обложена со фрескоживопис каде што е погребан Свети Наум. Легендата вели дека ако го ставите увото на површината на гробот, сè уште можете да го слушнете чукањето на неговото срце, но јас понизно одлучувам да не ја ставам таа теорија на тест.

Со повеќе од милион години, Охридското Езеро е исто така постаро од италијанските езера, а градот Охрид е признаен како една од најстарите човекови населби во Европа. Шетајќи низ Стариот град и нагоре до тврдината Цар Самуил од 11 век, гледајќи во бедемите добивам чувство дека чекорам низ историјата.

Историските локалитети на Охрид ја претставуваат секоја фаза од минатото на Северна Македонија и влечат наследство од бројните војни на империи и нации на нејзина територија. Постојат градски порти кои првично биле изградени во 4 век п.н.е.; хеленистички амфитеатар со пет илјади седишта; долга листа цркви од 14 век; градски куќи од 18 век; и црквата Света Софија што влече корени од 6 век (тоа е само дел на она што го има таму).

Токму таа историска повеќеслојност му донесе место на стариот град Охрид на листата на светско наследство на УНЕСКО во 1997 година. Областите околу езерото се исто така вклучени на листата бидејќи тие се дом на повеќе од 200 видови растенија и 17 ендемични видови риби.

Прошетајте по која било улица во центарот на градот и ќе откриете уште еден охридски уникат: неговите продавници за накит. Прозорски излози полни со рачно изработен сребрен филигран, во дизајни нежни како маркички. Потоа, тука се бисерите. Охридските бисери, какви што носат кралицата Елизабета Втора и принцезата Дијана, се разликуваат од оние што ќе ги најдете на кое било друго место во светот, бидејќи се рачно изработени. Две семејства – Талеви и Филеви, ги создаваат користејќи тајни, вековни рецепти кои вклучуваат мелени школки, емулзии направени од крлушките на охридската пастрмка и макотрпен процес на изработка во повеќе фази.

Лично бев вовлечена во дуќанот на еден од двајцата македонски експерти за рубини во градот. Тие се класифицирани како оригинални рубини, но содржат помалку хром, што ги прави непроѕирни и пооблечени во боја. Заминувам со ланче на мене со приврзок со рубин со големина на грашок.

Охридското Езеро е исто така клучен играч во актуелната винска ренесанса во Македонија. Откривањето антички остатоци од зрна грозје сугерира дека виното се произведувало во областа Северна Македонија уште од неолитот. Меѓутоа, во средината на 20 век, кога земјата беше под власт на комунистичка Југославија, виното се произведуваше за квантитет наместо за квалитет.

Сега, постојните поголеми винарии во земјата работат со експерти од цела Европа за да ја подобрат својата понуда. Се отвораат се поголем број независни бутик винарии со намера да ја направат Северна Македонија новопочитуван играч на светската винска сцена.

Стандардот на северномакедонското вино го доживувам од прва рака во просториите за дегустација во Вила и Винарија „Мал Свети Климент“, во Стариот град. Отворена во 2016 година, винаријата произведува вина користејќи грозје добиено од сопствено лозје, изработено од локални лозари. Со неговите соби за дегустација раководат сомелиерите на WSET, Алмир Рахимоски и Елена Митревска, кои посветено демонстрираат вина од бутик-винариите ширум земјата.

Зениците ми се шират додека пробувам чаша пенливо вино од винаријата „Пешков“. Направено со традиционални методи на шампањ, тоа е ново издание за 2023 година. Елена изнесува чинија со брускета приготвена по сопствен рецепт, прелиена со крем од лимон, јаболко и лешник за да го надополни виното, со инстант-алхемија што ги зајакнува сетилата на повисоко ниво.

Мојот интерес за северномакедонско вино расте, се осмелувам следниот ден да ја посетам Винаријата „Манастир“. Сместена на крај на патека од чакал, на 15 минути возење од Охрид, винаријата е изградена во 2005 година на местото на поранешна црква. Во 2018 година, свештеникот и локален инженер почнале да прават вино во манастирската визба и така настана „Манастирска винарија“ – која сега произведува десет илјади шишиња годишно. Пробувам седум варијанти манастирско вино, заедно со послужавник со кравјо и овчо сирења, сувомеснати производи и чинија ајвар (зачаден намаз направен од црвени пиперки).

Пивнувајќи од виното и грицкајќи апетисани на сонце, повторно добивам чувство дека би можела да сум во Италија. Но, мислата набргу минува – затоа што Охрид е многу повеќе од комо-изгледот. Тоа е дестинација богата со историја, исполнета со сопствени нијанси.

„ТУИ – езера и планини“ нуди седумдневни аранжмани за одмор на Охридското Езеро, Престој во „Јуник“ ресортот со сопствен спа-центар по цени од 661 фунта на база ноќевање со појадок и вклучен повратен лет од лондонскиот аеродром „Гетвик“.

Зачлени се на нашиот е-билтен