Анализирајќи ја ситуацијата, се чини дека тензијата произлегува од недостатокот на различни позиции на поларните „за“ и „против“ законот за родова еднаквост. Дури и да постојат различни гледишта, тие се наоѓаат сосема на маргините.
Пишува: Кире Василев
Не постои начин накусо да се опфати комплексноста на актуелниот проблем со говорот на омраза против ЛГБТИ луѓето во македонските медиуми. Поради тоа, би сакал да се осврнам на неколку аспекти и клучни зборови кои ги забележав при набљудувањето на медиумската сцена, особено во последниве неколку месеци, а кои ги засегаат и личностите застапени во медиумите – гостите, и самите медиуми и нивната работа. Се разбира, со оглед на доста тензичната атмосфера која владее деновиве по прашањето за родот и родовата еднаквост, се надевам дека овој текст ќе послужи за градење на конструктивен дијалог од кој ќе можат да произлезат препораки за подобрување на состојбите и намалување на тензијата.
Анализирајќи ја ситуацијата, се чини дека тензијата произлегува од недостатокот на различни позиции на поларните „за“ и „против“ законот за родова еднаквост. Дури и да постојат различни гледишта, тие се наоѓаат сосема на маргините. Ова, се разбира, се должи и на фактот што ЛГБТИ заедниците и жените заслужуваат целосна поддршка и заштита и не смееме да ги оставиме сами во борбата за рамноправност.
Комплексноста ја гледам во фактот што жестоката борба против еманципацијата и рамноправност на ЛГБТИ лицата и жените, истовремено се доживува и како борба против Европската Унија и либерално-просветителските вредностите кои ги застапува таа. Но, се доживува и како борба против поддржувачите на Преспанскиот договор, против таканаречените предавници на Македонија и македонскиот идентитет. Со други зборови, станува сосема јасно дека оваа позиција по прашањето за родовиот идентитет е всушност повеќеслојна идентитетска конструкција која го врзува родовото со националното и со политичко-идеолошкото и затоа има голема манипулативна моќ. Таквото размислување ја следи логиката дека доколку некој е дел од ЛГБТИ заедницата тој, таа или тие се истовремено и предавници и предавнички на државата кои сонуваат за нејзиното распаѓање или распродавање.[i]
Ми се чини дека ова радикално гледиште е сеприсутно во официјалните и неофицијалните медиуми на македонски јазик, иако варира во степенот на отвореност во артикулацијата. Се разбира, во неофицијалните медиуми како Јутуб каналите можеме да ги најдеме поекстремните примери. Тука би ги издвоил различните настапи на Мирка Велиновска чијшто говор не е само класичен пример за говор на омраза – конкретно, против ЛГБТИ заедниците, Европската Унија и нејзиниот систем на вредности – туку генерално и за ширењето на дезинформации и теории на заговор во јавната сфера.
Еве, да го земеме примерот од нејзиното гостување на Јутуб каналот на Родина Македонија. Тоа е организација која иницираше петиција за „членство на Република Македонија во Евроазиска Економска Унија и БРИКС“, во која ги охрабруваше Македонците „да излезат од понижувачкиот отчовечен, ГМО, трансродов, ЛГБТ, евроатлански совет и да се приклучиме на светот со богатства на култури, традиции, морални вредности, духовност“[ii]. Во оваа прилика Велиновска ќе рече „Европска унија се прогласи за наследник на Хитлер, и преку проектот за Европска унија, обландиран како модерен демократски поглед, уствари е проект на создавање на четвртиот рајх. Тој по ништо не е различен од третиот. Тоа е автохтон, дегенеративен, наци-фашизам, кој сега има еден колективен Хитлер. Европските политичари се деца, внуци на оригинерните нацисти…“ [iii]
Тука Велиновска на веќе споменатиот во нејзини очи хомо и транссексуалниот, вредносно и морално искривен Запад, додава и мноштво елементи од познати теории на заговор, кои доаѓаат од круговите на руската антиевропска и антилиберална пропаганда и американската радикална десница. На ова место само би сакал да напоменам дека целосниот дијалошки сетинг во кој е поставен скоро секој медиумски настап на Велиновска и нејзините истомисленици, е поставен во некаква рамка на разоткривање на големиот заговор, што најдобро се гледа во претенциозноста на соговорниците да тврдат дека тие знаат во која насока се движи светот, знаат што се случува зад кулисите, и ги знаат следните потезите на клучните историски фигури.
Во ваквите класични наративи на заговор, гледаме како арогантното слепило на навидум упатените, не само што вулгарно ја поедноставува комплексноста на политичките процеси, туку и го премолчува и негира постоењето на безбројни фактори кои можат да влијаат врз истите. Тие, како што знаеме, можат да бидат општествени, културни, политички, па дури и климатски, и нашето запознавање со нив, нашата свест за нивното постоење, значи прифаќање дека овој свет не е едноставен, дека работите се многу покомплексни. Ваквото просто читање на политичките процеси, било да се локални или глобални, може да се надмине само со конструктивна јавна дебата и со индивидуално и колективно вложување во интелектуалниот труд, а не со сеење на параноја или омраза. Доколку не се инсистира на ова, и се предадеме на едноставни решенија, не треба воопшто да не чуди што социјалната довербата е на толку ниско ниво и сѐ повеќе се верува во идејата дека „некој стои зад нешто“ и го диктира јавното мислење.
Но, ваквиот говор не се шири само преку новите, социјални медиуми, за кои очигледно сеуште немаме најдено адекватен начин за регулација. Веројатно читателите се веќе запознаени со ставовите на епископот Јаков Стобиски. Во неговиот настап на телевизијата Сител, гостувањето го започнува со коментар за мислењето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД)[iv] и вели:
„Живееме во таа пророчка, дистописка реалност на Џорџ Орвел. Еве вие сега како новинар, кажете ми, забрана да се појавуваш на јавни настапи, да говориш, да гостуваш на телевизии, што е тоа ако не узурпација на слободата на говор, забрана на движење итн. На време ве предупредував за диктатура, која што, еве, ова е некој пред вкус на таа диктатура, на тој тоталитаристички режим што ќе го донесе предлог законот за родова еднаквост, доколку се реализира во оваа форма“.[v] Новинарот кој го водеше интервјуто, покрај тоа што со вака формираното прашање индиректно го смести свештеното лице во улога на жртва, туку и се чини дека промаши да му укаже на гостинот на одговорноста во ширењето на параноја на национален медиум. Потоа, новинарот го прашува дали чувствувате одговорност да го почитувате мислењето на КСЗД и да се извините на што епископот вели „апсолутно не!“. Со тоа додатно ја подрива довербата во институциите и социјалната доверба која и така е на ниско ниво.
Но еве, во име на дијалогот, да речеме дека во оваа негова конкретна изјава нема експлицитен говор на омраза. Да кажеме дека изјавите кои ги дава епископот, и други претставници на МПЦ, ретко ја преминуваат границата на директниот говор на омраза. Затоа, дозволете ми да дискутирам за суптилноста на ваквиот говор на омраза кој не е препознатлив за многумина. Имено, употребувајќи вакви елементи од моќни наративи тие свесно оставаат отворени врати за стравотни интерпретации, што ги сведочиме во параноичните изјави дека со законите за родова еднаквост ќе се воведе тоталитаризам, ќе се укине бракот, ќе се распаднат семејствата и ќе бидат злоупотребени децата. Значи, дури и да не е искажан директен говор на омраза и директна дискриминација, ваквите изјави и формулации воопшто не се наивни, бидејќи тие ја наведуваат публиката до погрешни заклучоци кои резултираат во страв, паника, агресија и омраза.
Би сакал тука да нагласам, дека ова во никој случај не треба да се отфрли и да не се смета за форма на говор на омраза или дискриминација. Треба да ни е јасно дека со користење на ваквите наративни елементи, говорителите будат кај нас одредени асоцијации, слики, претстави, историски контексти, но и можат да реактуализираат одредени трауми. Односно, во случајот на говор на омраза, самата комуникација истовремено е и форма на однесување затоа што преку говорот на омраза се повикува и се реконсолидира позицијата на моќ. Тоа значи дека говорот на омраза не само што ја рефлектира социјалната доминација, туку и ја спроведува. Преку таквото спроведување одредени поединци или групи повторно се ставаат во позиција на социјална потчинетост. Таа субординација се прави преку изговарање на зборови кои се повикуваат и реанимираат одредени историските неправди и длабоки трауми кои дехуманизирале и деградирале припадници на одредени групи преку убивање, протерување, отфрлање, итн.
И покрај тоа што ваквите идентитети на потчинетост секогаш ја промашуваат својата цел, и покрај што ние јасно се спротивставуваме на таквото припишување на одредена потчинета позиција, тоа припишување на идентитетот продолжува да функционира. Продолжува да функционира затоа што тој говор нема полемизирачка цел, туку има цел да го цементира субјектот во потчинетоста. Ваквиот цементирачки/навредувачки говор, има своја трауматична историја која оживува секогаш кога тој збор е изговорен, а таа траума живее и се оживува преку јазикот. [vi]
Затоа, користење на ваков јазик од страна на претставниците на МПЦ, особено во јавната медиумска сфера, е неодговорен не само кон ЛГБТИ заедницата, туку и општо кон приврзаниците на МПЦ кај кои деновиве се чини дека стравот и агресијата непрекинато расте. На крајот, повикувам на особена одговорност, посебно на јазикот кој го користиме за да пратиме порака во јавната сфера и сакам да дадам три конструктивно препораки до медиумите.
- Итната потреба за заострување на уредничките политики на медиумите и јасно позиционирање против радикални идеологии. Да не се инструментализира поимот „слобода на говор“ за да правиме простор за секакви радикали кои постојано ги прекршуваат основните човекови права и основите на демократијата. Дури и да се отстапува медиумски простор за ваквите лица, медиумите мора да покажат поголема одговорност, подготвеност и професионализам, а не кокетирање кое води до погрешни заклучоци. Тенденциозно е, од една страна, да сведочиме интервјуа со свештени лица кои уште пред да почнат самите да говорат се индиректно сместени во позицијата на жртва од страна на новинарите а, од друга страна, да гледаме како претставници од невладиниот сектор се обидуваат да не ги изгубат нервите одговорајќи на банални прашања придружени со потсмев.
- Во раководењето со медиумите треба најмногу да се поправи состојбата на настапот на дигиталните медиуми во социјалните мрежи, особено во пределот кој тие го отстапуваат за коментари од читателите и читателките. Токму бидејќи социјалните мрежи во Македонија се користат како извор на дезинформации, сметам дека е неразумно да се дозволи такво неконтролирано излевање на говор на омраза во коментарите.
- Внимателност при употребата на термините фашизам, фашисти, нацизам, нацисти, тоталитаризам затоа што се разводнува и одзема од сериозноста со која треба да се третира една таква општествена појава.
Референци:
[i] Цветковиќ, Ирена; Величковска, Мања; „Кој се плаши од родот?, Анализа на клучните стратегии и наративи на анти-родовите движења во Северна Македонија“, Коалиција Маргини Скопје, 2022 година,
[ii] „ЕДЕН Е ИЗБОРОТ“ РОДИНА МАКЕДОНИЈА ГО ПРОГЛАСУВА ЗА УМРЕН!“, 11.09.2022
[iii] Родина Македонија Политичка партија, Редовен класен час со Мирка Велиновска, 27.05.2022
[iv] Комисија за спречување и заштита од дискриминација, Мислење, Утврдена дискриминација 08-316/5, 23.06.2023
[v] Сител Телевизија, Гостин во вестите Епископот Јаков за протестите и причините за протест, 27.06.2023
[vi] Butler, Judith, Excitable Speech a Politics of the Performative, Routledge London, 1997
Извор: ИМА