Илузорно е маршот на Пригожин кон Москва да се смета за најава за крај на режимот на Путин. Но, би било погрешно и да се занемарува неговата важност. Тој потфат всушност ја сигнализира транзиција на моќта од царот Путин кон колективниот Путин.
Пишува: Иван КРАСТЕВ*
Тоа беше незаборавен политички спектакл: на 21 февруари 2022 година, во пресрет на тоталната војна на Русија против Украина, Владимир Путин претседаваше со состанокот на рускиот Совет за национална безбедност пренесуван во живо на телевизија. Од членовите на Советот побара да се изјаснат дали се за тоа Москва да ја признае независноста на сепаратистичките републики Донбас.
Овој сценски организиран настан кај публиката остави впечаток на осамен, луд цар кој ги презира своите високи советници. Тие се плашат од него додека очајнички се обидуваат да му угодат. Тој ги понижува од чисто задоволство.
Одговорот на Кремљ на неодамнешниот бунт на Евгениј Пригожин, шефот на платеничката група Вагнер, нè поттикнува да ги преиспитаме нашите впечатоци во тоа време. За исходот од кризата не одлучи Путин, туку „колективниот Путин“ – мистична улога која меѓу другите го вклучува и белорускиот диктатор Александар Лукашенко. Путин беше бесен и понижен од предавството на Вагнер и се обрати од екранот со заканата дека „ќе биде груб“. Сепак, „колективниот Путин“ заклучи дека би било попаметно да се преговара со бунтовниците и да се најде излезна стратегија. Сега знаеме дека Путин се сретна со Пригожин и со другите команданти на Вагнер на 29 јуни. За некој што е опседнат со предавство, тоа секако било горчливо апче за голтање.
Што се сменило во меѓувреме? Пред сè, односот меѓу Путин и руските елити. Тој сега се плаши од нив исто колку тие од него. Помалку се плаши од нивниот глас против, отколку од нивното заминување. Многу од најблиските соработници на Путин лично го обвинуваат за сегашната состојба на работите. Одлуката на Путин да ја инструментализира конкуренцијата меѓу Вагнер и Министерството за одбрана на крајот доведе до маршот на Вагнер во Москва.
Бунтот на Пригожин откри клучна противречност во кадровската политика на Путин. За да победи во војната, на Путин му требаат амбициозни, немилосрдни лидери како шефот на Вагнер. Меѓутоа, за да ја обезбеди својата моќ и да гарантира единство на елитата, Путин мора да се потпре на нехаризматични личности како што се министерот за одбрана Сергеј Шојгу и генералот Валериј Герасимов, началник на Генералштабот. Стравот од „ефектот Жуков“ – појавата на популарниот советски командант кој го зазеде нацистичкиот Берлин – објаснува зошто Пригожин мораше да замине. Јавноста може да ја види таквата фигура како алтернатива на Путин.
Тајната на колонијалните војни е дека тие можат да успеат само ако луѓето ги заборават. Војната на Путин не е поинаква. Неговото инсистирање дека борбите во Украина се специјална воена операција, а не вистинска војна, беше обид да ги убеди Русите дека ништо не се променило во нивните животи во време кога сè се променило. Платениците на Вагнер ја скршија фасадата на нормалноста која е толку важна за Кремљ. Веќе не е доволно да се заштити животниот стандард за да се убедат Русите дека немаат за што да се грижат.
Сите државни удари започнуваат со заговор. Неуспешните државни удари завршуваат со параноја. Затоа, би било логично да се очекуваат драматични промени на врвот во Кремљ. Но, овие очекувања можеби се погрешни. Чистките на пониските нивоа на безбедносните служби се неизбежни, но не е јасно дали Кремљ ќе ризикува промени на врвот.
Во првата година од војната во Украина, промените на врвот во Москва беа значително ограничени. И додека војните обично носат на власт амбициозни и често немилосрдни лидери кои се докажале во битка, само две групи се издигнале во хиерархијата на Путин од февруари 2022 година. Тоа се синовите на старите пријатели и помошници на Путин – накратко, оние за кои се верува дека се лојални и оние кои лидерот ги познава лично.
Стабилноста ја надмина потребата за поефективно лидерство. Меѓутоа, по бунтот на Вагнер, Путин се соочува со тежок избор. Тешко дека ќе може да го разреши руското воено раководство без да признае дека Пригожин бил во право. Но, малку е веројатно дека тој може да ја добие војната со вакво раководство. Бунтот на Вагнер го зајакна „колективниот Путин“.
Различните перцепции за бунтот внатре и надвор од Русија фрлаат светлина врз неговите несакани последици. Додека повеќето Руси беа ужаснати од изгледите за граѓанска војна, а рејтингот на Пригожин опадна, новиот консензус на Западот е дека е можна секоја промена на власта во Русија, до степен дека било кој друг лидер – без оглед на неговите политички ставови – би можел да ја запре војната.
Илузорно е маршот на Пригожин кон Москва да се смета за најава за крај на режимот на Путин. Но, би било погрешно и да се занемарува неговата важност. Тој потфат всушност ја сигнализира транзиција на моќта од царот Путин кон колективниот Путин.
*Иван КРАСТЕВ (Ivan Krastev/Иван Кръстев, 1965, Бугарија), е политиколог, претседател на Центарот за либерални стратегии во Софија, постојан соработник на IWM (Институт за хуманитарни науки) во Виена и Фондацијата Роберт Бош (Robert Bosch Foundation).
Извор: Financial Times преку Пешчаник