Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Изложба на фотографии од некогашното Еврејско маало во Скопје

На платото пред Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, некогашно Еврејско маало, вечер од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Последниот татнеж во Еврејското маало – фотографски факти низ објективот на Рафаел Алтарас“.

Изложбата е организирана по повод одбележувањето 60 години од скопскиот земјотрес во Еврејското маало и 80 години од депортацијата на македонските Евреи. Се состои од 14 паноа на кои преку фотографии е претставен животот во Скопје и скопското Еврејско маало пред земјотресот, веднаш по катастрофата и почетоците на создавањето на модерно Скопје.

Мал дел од фотографиите се од архивската документација на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а поголемиот број се создадени од Рафаел Алтарас и добиени од неговиот син на подарок за Фондот на холокаустот.

Рафаел (Ратко) Алтарас е роден на 28 март 1923 година во Белград, како шесто дете на Авраам и Флора Алтарас, сефардско еврејско семејство. Во 1941 година се приклучил на партизанското движење во борбата за ослободување на земјата и бил првоборец-носител на партизанска споменица 41-ва.

-Од целото семејство Алтарас, тој и неговите две постари сестри, кои се венчале пред почетокот на војната (презимиња Димитријевиќ и Радовиќ), ја преживеале војната. По неговото ослободување, тој ја продолжил својата кариера како офицер на ЈНА и се пензионирал во ранг на полковник на ЈНА. Во периодот од 1959 до 1963 година, тој служел во скопскиот воен округ, и го доживеал скопскиот земјотрес таму – тој бил меѓу првите кои дошле да им помогнат на повредените. Бидејќи фотографирањето му било хоби и никаде не одел без фотоапаратот, помагајќи и фотографирал. Со тоа фотографиите биле создадени како автентичен запис за ужасот кој го снајде градот Скопје, соопшти Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија.

Куратор на изложбата е Жаклина Мучева. Ќе трае до 31 август 2023 и ќе биде поставена на вториот кат во Меморијалниот центар на холокаустот – изложбен салон. Влезот за изложбата е слободен.

Зачлени се на нашиот е-билтен