Ана Каренина во реалистичкиот жанр на Толстој во минатото секако дека била опсервирана (само?) како трагична фигура во доминантниот патријархат. Но, зошто во неа да не ја најдеме и нишката на инспирација за подоцнешните погласни пробиви на феминизмот, борбата за родова еднаквост и она што денес е одомаќинето како „пич-прич“ формат?
Стојан СИНАДИНОВ
Ако распарате перница наполнета со пердуви, веројатно никогаш нема да можете да ги соберете. Што, пак, се случува кога ќе ја распарате сопствената утроба, таму каде што веруваме дека се наоѓа душата?
Собирањето парчиња душа е, веројатно, уште помакотрпна и позалудна работа од собирањето пердуви. Но, како и да е, некои од одговорите дава претставата „Ана Каренина: Во љубовта нема повеќе и помалку“ работена според мотивите на класичното дело на Лав Николаевич Толстој, во режија на Дејан Пројковски, во изведба на Театарот „Ujvideki Szinhaz” од Нови Сад, Србија (на унгарски јазик) која гостуваше на „Охридско лето“.
Актерите на новосадскиот театар на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ во поставката на Пројковски постојано се движат низ тие симболични „врати на утробата“, барајќи ја душата. И метафорично и буквално – низ доминантното сценографско решение на Валентин Светозарев, дел од креативната екипа на претставата што ја сочинуваат постојаните соработници на Пројковски: кореограф е Олга Панго, сценограф Валентин Светозарев, костимограф Марија Пупучевска, а музиката е на Горан Трајковски.
Приказната на Л. Н. Толстој за Ана Каренина, објавувана во делови од 1873 г. до 1877 г., како лектирно четиво изминатиов век и половина форматирала безбројни генерации. Ана Каренина во реалистичкиот жанр на Толстој во минатото секако дека била опсервирана (само?) како трагична фигура во доминантниот патријархат, опомена за тоа каква судбина ќе ја стрефи женскиот пол ако посака љубов по слободен избор, а не во наметнати општествено-политички рамки. Но, зошто во неа да не ја најдеме и нишката на инспирација за подоцнешните погласни пробиви на феминизмот, борбата за родова еднаквост, па, ако сакате, и она што денес е одомаќинето како „пич-прич“ формат? Затоа, последнава деценија не случајно „Ана Каренина“ доживува нови видувања на театарските сцени низ светот и е сторија на неколку филмски екранизации кои наоѓаат нови агли на прикажување и толкување.
Ана Каренина (Марта Береш) во поставката на новосадскиот театар и делува како икона на сево ова претходно наведено. На сцената, која е како „преслечена“ со патина – какви што се и костимите на Папучевска; во креативниот дух „помалку е повеќе“, аристократскиот раскош добива смирена стилизирана линија – ја гледаме неверната „курва“ Ана како „светица“, која мора да избере меѓу синот Сергеј и љубовникот Алексеј Вронски (Арпад Месарош). Алексеј Каренин (Атила Немет), две децении постариот сопруг на Ана, е олицетворение на повредената суета, но и на пресметливиот чиновнички дух. Тој е подготвен да продолжи да живее со неверната сопруга ако таа пред светот ја крие нејзината љубов кон Вронски, само да го задржи угледот на високопозициониран службеник. Бидејќи Ана не е потготвена на таков аранжман, ја става во своевидна лимбо-ситуација: не и дава развод, па не Ана не може да се омажи со Вронски. Но, најстрашното за неа е што Каренин не и дозволува да го гледа синот, па наметнатиот избор меѓу мајка и љубовница буквално ја распнува Ана, бидејќи едното го исклучува другото.
Пројковски го толкува овој емоционална сложувалка со јасни сценски знаци. Тркалото на почетокот на претставата сосем јасно потсетува дека во добро познатата сторија тоа ќе биде „гилотината“ на општествениот морал, возот под кој се фрлила Ана Каренина затоа што одлучила да биде своја. Кај Пројковски има поетичен отклон од реализмот на Толстој: кога Ана се враќа кај семејството во Москва од излетот во Сантк Петербург – каде искрите кон Вронски веќе ја навестуваат емоционалната бура – таа му подарува играчка-воз на нејзиниот сакан син. Тоа вовче симболично ја навестува и нејзината судбинска одлука на крајот од приказната.
Од друга страна, пак, и ликот на Вронски е поинаку форматиран. Тој не е само убав освојувач на женски срца, напротив. Овој Вронски ја поместува максимата дека на убавото женско лице има повеќе солзи. Има и кај него, и тој пати речиси со ист интензитет како и Ана: кај неа е експлозивен, а кај Вронски е имплозивен, бидејќи како што гласи „рефрешираното“ име на претставата, „Во љубовта нема повеќе и помалку“.
„Ана Каренина“ на Пројковски не пропушта да даде и коментари не само на епохата во која е напишан романот, туку и на современото доба. Затоа и сведочевме на моменти исполнети со атмосферата од еден ренесансен „Декамерон“ на Џовани Бокачо (патем, Пројковски пред два дена имаше премиера на неговата поставка токму на оваа драма во Бар, со актерите од театрите во Подгорица и Ниш). Баханалиите исполнети со алкохол и див секс во оваа „Ана Каренина“ се како обратен алгоритам на класичниот пургаториум. Во религиозните морални стеги тој ги чисти душите на покајниците од гревовите; во овој случај, ликовите со грешните постапки се прочистува душата, со цел „да се надминат себеси, своите стравови, и да ја пронајдат смислата на своето постоење“, како што се вели во експликацијата на авторот.
Во овој тоа би било помалку уверливо без ансамблот на новосадскиот театар („Ujvideki Szinhaz”). Водечката тројка актери Береш, Месарош и Немет имаат одлична поткрепа во Золтан Ширмер (како Степан Облонски), Габриела Црнковиќ (Дарја Доли Облонска), потоа Габор Понго, Дина Дедовиќ Томиќ, Агота Ференц, Роберт Ожвар…