Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

„Едвард Втори“ на „Охридско лето“: Скриениот Шекспир во поп-арт издание

Не можете да се отргнете од впечатокот дека оваа драма е опачината, реверсот на општопознатиот и мега популарниот „Хамлет“ на Шекспир: ова е „Шекспир на стероиди“, „Шекспир на Тарантино“, соголен од сите стихови и рими

Стојан СИНАДИНОВ

Премиерната изведба на театарската претстава „Едвард Втори“ од Кристофер Марлоу, во режија на Андриј Жолдак, на „Охридско лето“ е еден од оние проекти кои не престануваат најпрво да го „чешкаат“ окото, а потоа и умот. Колку волјата за моќ е триумфална златна круна што циклично се менува на главите на членовите на едно кралско семејство, а колку, пак, венец од трња како награда за тие мазохистички напори?

„Едвард Втори“ како копродукциски проект на НУЦК Театар „Јордан Х.К. Џинот“ од Велес и Драмски театар „Масалтинов“ од Пловдив, Бугарија, со трочасовната изведба на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ иницираше комплексна појавност на неколку нивоа. „Едвард Втори“ е производ на драматуршкиот „римејк“ на режисерот Жолдак и Сашо Димоски на класичната драма на Марлоу, со поп-артовска посвета на физичкиот театар, а во поголемиот дел од дејствието кокетирајќи со разни жанрови, во прв ред крими-трилерот. Стеснета и дизајнирана во минималистички стил, сцената го потенцира чувството на нелагодност: затоа ликовите манијакално се удираат во ѕидовите, не наоѓајќи го излезот.

Но, кога говориме за сценското решение, овде станува збор не толку во физичка колку во моралистичка смисла за нејзините протагонисти и нивната стеснета свест. А на сцената, веднаш да потенцираме, гледачите сведочат како „од нигде никаде“ се појавуваат нови актерски таленти во полн блесок. Јована Миладинова во улогата на Изабела де Валоа беше една од нив. Запамтете го ова име на младата актерка која сè уште е студентка по глума.

Ако музиката го користи стилот на рондото за повторување на одреден мотив, тогаш Жолдак во „Едвард Втори“ ги користи симптомите на опсесивно-компулсивното растројство (ОКР) како своевиден коментар на општественото лудило кое, кога во прашање е моќта, не е нешто многу изменето изминативе милемиуми. Алчноста, зависта, подлоста, лагата, подметнувањето, предавството, убиството (додајте уште по ваша желба) се делови од тој ОКР-ген на историјата и луѓето кои тврдат дека ја прават одново и одново. Но, единствено како – самозалажување.

Во тој и таков контекст на драмата на мистериозниот Марлоу – за кого историјата не е на чисто дали е автентична личност од Елизабетинската ера (втората половина на 16. век) на Англија или еден од псевдонимите на Вилијам Шекспир – пропуштена низ драматуршката визура на Жолдак и Димоски говори за лудилото како есенција на кралицата (Миладинова) и нејзината палета на сплетки со кои се одржува на власт. Да се убие сопругот, кралот Едвард Втори (ликот го играат наизменично, не не и како алтернација, Борис Крстев и Илин Јовановски)? Нема проблем! А синот, кој е претендент на престолот и противник на нејзината врска со Мортимер (одличниот млад актер Бранко Михајлоски)? И тоа не треба да биде проблем за моралните вредности на веќе полудената и разболена кралица.

Кога го гледате „Едвард Втори“ не можете да се отргнете од впечатокот дека таа драма е опачината, реверсот на општопознатиот и мега популарниот „Хамлет“ на Шекспир како едно од најбитните општи места на светската литература. Кај оваа поставка на „Едвард втори“ тоа е „Шекспир на стероиди“, „Шекспир на Тарантино“, соголен од сите стихови и рими.

Таму, пак, каде што нема лирика – има крв. Или обратно, како сакате. Во овој „Едвард Втори“ лириката е заменета, во духот на „постмодерната на стероиди“, со електро-поп сонгови од 80-те години. Малку да се вратиме на сторијата, за да ја оправдаме оваа режисерска интервенција. Изворната драма „Едвард Втори“, меѓу другото, е и сторија за стигматизацијата на хомосексуалноста. Едвард Втори по смртта на татко му решава да му се оддаде на сопствениот сексуален избор и буквално да ја озакони неговата врска со Пирс Гејвстон – во толкување на Васил Зафирчев, со неговиот актерски „златен пресек“ на овој тип улоги, полни со кореографски набој – но тоа ќе го спречи, по секоја цена, идната кралица Изабела, затоа што братот на кралот, Кент – Јордан Витанов со неговата класична стамена изведба во која не говори многу, туку (по)кажува повеќе – не е помалку суров во смислувањето сплетки, туку само спор во трката кон истата цел. Тоа е тронот.

Избраниот електро-поп како доминантен жанр во популарната музика пред 4 децении на многу начини ја „рехабилитираше“ ЛГБТ заедницата, правејќи ја повидлива во јавноста преку поп-културата; таа заедница, пак, промовираше низа песни од електро-поп жанрот како сопствени химнични мотиви. Од друга страна, освен оригиналната музика на Сашко Костов, не е случајно и режисерското инсистирање и потенцирање на новокреираната звучна димензија од тонови која ја засилува драматиката, посебно во сцените кои се доближуваат до филмската естетика.

И како што обично бидува низ историјата, таа хуманистичка дисциплина меѓу науките не може без лудилото, (нај)темните страни и пориви на личноста. Макар биле тоа кралеви и кралици, нивните наследници и претенденти на престолот. А историјата често потврдува(ла) дека тоа се тие личности. Кај Жолдак, посебно во вториот дел од претставата, тоа е поставено како френетичен физички театар во кој „поетиката на суровоста“ е пуштена на максимум. Миладинова во прв ред, достојно пратена од Михајлоски, буквално се „распаѓаат“ пред вашите очи со споменатиот ОКР манир на повторување на дејството како повторување на историјата. Затоа, пак, раѓаат нова сценска визија.

Сето тоа кај Жолдак е поставено и како ритуал, театарски и општествено-политички, во кој историјата секако (ќе) ја пишуваат победниците. Или, најмалку, тие што ја преживеале.

Зачлени се на нашиот е-билтен