Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Манова и Пикајзен на „Охридско лето“: Вечер со уметничка целост од македонската, руската и американската школа

Македонската публика секогаш со задоволство ги проследува настапите на нашите уметници кои работат во странство

Александар Трајковски, музички публицист и педагог      

Една од линиите по кои се движи програмската политика на „Охридско лето“, а која од повеќе аспекти заслужува позитивни одгласи, е отворањето на фестивалската сцена за македонските уметници кои живеат и творат во странство. Ваквиот чин, својата повеќезначајност ја има во поддршката која им се дава на нашите уметници од светот да концертираат на домашната сцена, но и во можноста, публиката да биде во тек со достигнувањата кои македонската интерпретартива ги бележи надвор, истовремено запознавајќи се и со спецификите на странските музички школи и искуства.

Со ваков предзнак беше концертниот перформанс на виолина и пијано, чие значење истакнато погоре е уште поголемо, заради фактот дека покрај македонската пијанистка Илинка Манова, можевме да ја проследиме и уметноста на рускиот виолинист Игор Пикајзен. Двајцата, веќе долгогодишни музички дејци на тлото на САД, кои на „Охридско лето“ направија вечер со уметничка целост од македонската, руската и американската школа. Пикајзен, во моментов се смета за еден од најталентираните и најбарани солисти на неговата генерација, кој настапува во некои од најпрестижните концертни центри, а чија поврзаност со „Охридско лето“ е симболична, бидејќи е внук на легендарниот виолинист Виктор Пикајзен, кој во 1975 година настапил на охридскиот подиум.

Манова пак, со „багажот“ од класата на еден од најквалитетните пијано педагози кај нас, проф. Валентина Нолчева, пред 30 години го започнува својот од низ светските културни хоризонти, реализирајќи концертна и педагошка активност. Креациите од својата неколкугодишна соработка, овие двајца уметници ја претставија во средиштето на временските неприлики повеќе прикладни за доцно-есенските вечери, отколку за летните, што не беше пречка, македонската публика, особено почитувачите и познавачите на ликот и дејноста на Илинка Манова, завидно да го исполни просторот во црковниот храм „Света Софија“.

За овој концерт, Пикајзен и Манова се определиле за разновидна програма, составена од композиции кои не се често изведувани кај нас. Најнапред, изведувајќи ја Сонатата за виолина и пијано оп. 105 a-moll на Роберт Шуман, и во техничкa и во интерпретациска смисла, направија сенка на страственоста изложена во канонскиот третман на темите. Пикајзен, кој може да се окарактеризира како импресионистички музичар, на романтизмот на Шуман му даде едно импресионистичко толкување, антиципирајќи го на тој начин следствениот тек на концертното случување. Потоа, продолжија со „Fratres“ („Браќа“) за виолина и пијано од Арво Парт, најпрво со интензивен виолинистички импулс во претставувањето на секвенците, а потоа и со одредена суптилност, надополнета со пијанистичкиот израз, за да го заокружат првиот дел од концертот со раскошната визура на Ежен Исаи на творештвото на Камиј Сен-Санс, преточена во неговиот Каприс според етида во форма на валс од Сен-Санс.  

Вториот дел, беше значително подобар од првиот. Ослободени од притисокот за исполнување на очекувањата, сигурно зачекорија во освојувањето на звучниот простор. При тоа, формираа компактен звук и прикажаа јасна, култивирана експресија, а до израз дојде и нивната техничка подготвеност. Надополнувајќи се еден со друг, благо се движеа низ Сонатата за виолина и пијано на Клод Дебиси, боејќи ја со сите артикулациски и динамички особености. Со сугестивната изведба на Сонатата за соло виолина бр. 6 оп. 27 E-dur, на Ежен Исаи, Игор Пикајзен оствари и еден солистички изблик. Грациозно портретирајќи го нејзиниот шпански стил, при тоа прецизно и јасно изведувајќи ги сите брзи и сложени пасажи и фигурации, овој перформанс може да се означи и како пик на концертната вечер. Спојувајќи ги повторно енергиите, овој пат на современ јазик, двајцата музичари ја изведоа и композицијата „За пријател“ на Мајкл Фајн. Видно инспирирани, со енергичната изведба на Концертната фантазија на теми од операта „Порги и Бес“ од Џорџ Гершвин, на рускиот композитор Игор Фролов, реализираа виртуозен завршеток на вечерта. Популарната фантазија, која наиде на одличен прием кај публиката, Пикајзен и Манова, со јасни пројави на џезерските елементи, ја обликуваа со сите промени во расположението, прецизно изведувајќи ги импресивните виолински пасажи и комплексната фактура во клавирската делница.  

Македонската публика секогаш со задоволство ги проследува настапите на нашите уметници кои работат во странство. Така беше и овој пат, со тоа што концертната вечер, двајцата музичари ја креираа како уметничка целост од македонската, руската и американската школа.

Зачлени се на нашиот е-билтен