Зоран Бојаровски
Кога ќе направите преглед на настаните и процесите кои ги поврзуваат Русија и Македонија во историјата, многу бргу станува јасно дека Русија во клучни моменти во хронологијата на создавањето на македонската држава ветувала многу, а не исполнила ништо.
За руската страна на таа приказна и за таквиот став на Русија единствено што може да се каже, а не и да се оправда, се разбира, дека се раководела исклучиво од сопствените интереси за најзино влијание на Балканот, а народите на полусотровот биле само монета за поткусурување. Некои народи како мали, незначајни монети, некои како малку поголеми сребреници, но на крајот секогаш само – монети за поткусурување.
За Македонија и Македонците, за жал, се покажува само како историска заблуда која, парадоксално, се повторувала во повеќе циклуси, верувајќи дека Русите како словенски и православни браќа ќе се заложат за интересите на македонското население за создавање на своја држава и дека ќе ги штитат од соседите и од влијанијата на другите големи европски сили со свои апетити за Балканот.
Затоа се апсурдни и за чудење сите восхитувања и очекувања кои и ден-денеска дел од Македонците ги имаат за Русија. Особено некои политички партии за кои се очекува макар малку да бидат запознаени со историјата на македонско-руските односи. Освен ако нивната желба да бидат во прегратка на мечката не е од некои други мотиви и поттикнувања.
Следуваат моменти од историјата на Европа и на Русија во 19 век, кои како сериозни политички процеси поттикнале создавање на нови држави во Европа и на Балканот во кои Македонија секогаш била дел од процесите и ветувањата, особено на Русија која ниту еднаш не ги исполнила.
Македонија како средишна провинција била во многу понеповолна положба од другите европските владенија на Османлиската држава. Сепак, по системските реформи спроведувани од османлиската централна власт до средината на 19 век, и покрај нивната ограниченост, во Македонија настанале позначајни економски и општествени промени. Се формирал новиот граѓански слој, но сѐ уште недоволно броен и моќен за да го покрене македонскиот народ на масовна оружена борба за национално ослободување и создавање македонска државност. Во време кога биле во тек такви процеси и промени во периферните земји на Османлиската држава: Србија и Грција кои, со подршка и директно ангажирање на Русија и други големите европски сили, се здобиле со своја државна самостојност односно независност.
Во такви внатрешни и надворешно политички околности, малубројната македонска народна интелигенција за приоритетна задача си цел да работи на просветување на македонскиот народ и негово подготвување за отфрлање на црковната власт на грчката Цариградска патријаршија и политичката власт на Османлиската держава.
Русија била и останувала единствената од големите сили која, од сопствени посебни стратегиски интереси во регионот, следела политика за истиснување на Османлиската држава од Балканот и ја подржувала ослободителната борба на балканските православни народи.
Македонскиот народ верувал во ослободителната мисија на Русија и во нејзината улога во реализацијата на вековниот сон на Македонците, конечно да формираат своја држава.
Но, реалноста се покажала сосема поинаква на очекувањата.
Првото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија се случило на почетокот на втората половина на 19 век, кога Русија, била исцрпена од руско-турската војна и Кримската војна и од неуспехот да го освои Цариград и да ги заземе црноморските премини кон Средоземното море. Во таква ситуација, под притисок на централно-европските држави, односно Австро-унгарската хабзбуршка монархија, но најмногу заради притисокот на Велика Британија, Русија се откажала од формирање на македонско кнежество во рамките на руската империја, како што им ветиле на македонските интетелктуалци кои кои лобирале во рускиот царски двор.
Во очекување дека војните против Османлиската држава ќе донесат ослободување и на Македонија, во редовите на руската армија, како доброволци, се бореле и поголем број Македонци.
Второто изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија следува откако Русија ја прифатила реалноста дека во новите околности не и преостанувало друго освен своите погледи и амбиции да ги насочи спрема југот на Балканот, како единствен «слободен» простор за дејствување за засилување на нејзиното влијание и натамошно територијално ширење.
Русија ја ревидирала својата стратегија за Балканот и ги насочила нејзините интереси на неговиот источниот дел на Балканот, односно на просторот на Бугарија кадешто не допирале австро-унгарските интереси. Затоа за приоритетен интерес било поставено создавање нова голема (за балкански прилики) словенска држава на тој простор под непосредно руско влијание, за сметка на Македонија. Со тоа Русија сметала да си обезбеди директен излез на Бело Море, односно, на Средоземно Море, со заобиколување на морските премини.
Првиот голем исчекор во реализацијата таа и таква проекција бил направен со разрешувањето на црковното прашање на словенските народи на Балканот под власта на Османлиската држава во интерес на Бугарите. Со директно ангажирање и притисоци руската дипломатија на Османлиската држава и наметнала создавање Бугарска егзархија која, како единствена словенска православна црква во нејзините балкански владенија, била основана во 1870 година.
Со тоа ѝ бил зададен решавачиот удар на борбата на македонските црковни општини за создавање самостојна македонска православна црква со возобновување на автокефалната Охридска архиепископија. Руската дипломатија го спречила решавањето на македонското црковно прашање, определувајќи се за Бугарите.
Третото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија започнува со нивната оперзационализација за воспоставување на непосредно контролирана своја интересна зона на Балкан. Пролетта 1877 година, започнала воената кампања на руската балканска армија и со победоносниот поход, до почетокот на 1878 година, руската армија го окупирала источниот дел од Балканот, територијата на Бугарија и Тракија до непосредно до Цариград на исток, а на запад до етничката граница на Македонија.
За време на воените дејства дел од истурените руски единици навлегле во граничното подрачје во источниот дел од Македонија, во градот Горна Џумаја, од кадешто набргу се повлекле и била воспоставена демаркационата линија. И во овие воени дејствија имало учество од над 400 Македонци кои, организирани во доброволечки одреди, се бореа со руската армија во војната верувајќи во нејзината ослободителна мисија за Македонија.
По приближувањето на руските единици до етничката граница на Македонија македонски доброволци во војната, предводени од војводата Иљо Малешевски, се префрлиле во Македонија каде дејствувала востаничката чета на водачот на Првото македонско востание од 1876 година, Димитар Поп-Георгиев Беровски. Со здружени сили продолжила оружената борба за ослободување од власта на Османлиската држава во агонија. За кусо време, во почетокот на 1878 година, во источниот дел од Македонија, во областа Пијанец, биле елиминирани месните османлиски органи и била воспоставена македонска револуционерна власт.
Иако Македонците очекувале, помошта од руската армија изостанала. Пред крајот од војната одново било направено радикално свртување на руската позиција спрема Македонија и македонското прашање. Русија се откажа од солуцијата создавање автономна македонска државност и се определила за голема бугарска држава од Бугарија и Тракија, вклучувајќи ја и Македонија, односно најголемиот нејзин дел.
Тоа решение Русија и го наметнала на Османлиската држава и на приморала да го потпише мировниот договор во Сан Стефано на 3 март 1878 година. По потпишувањето на прелиминарниот мировен договор руските единици останале на демаркационата линија на бугарската територија, а новата бугарска држава во новите граници со голенм дел од територијата на географска Македонија и денеска го слави 3 март, кога беше потпишан Санстефанскиот договор, како Нацинален ден на Бугарија.
Четвртото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија се случило во пресрет на Берлинскиот конгрес во мај 1878 година. Димитар Робев, најавторитетната македонска политичка личност во овој период, пратеник во парламентот на Османлиската држава, превзел акција да ја заинтересира руската дипломатија да го покрене решавањето на македонското прашање на претстојниот конгрес на големите сили во Берлин. Неговата намера била Русија на претстојниот меѓународен конгрес да се застапи за разрешување и на македонското прашање со создавање македонска државност.
Со такво барање Робев се обрати до рускиот амбасадор во Цариград грофот Игнатиев, творецот на Санстефанската конструкција за голема бугарска држава. На средбата на прашањето за рускиот став за идниот статус на Македонија, при битно изменетите околности непосредно пред започнувањето со работа на Конгресот во Берлин, одговорот на рускиот амбасадор (кој во тоа време практично ја определувал руската балканска политика) бил дека Македонија во никој случај немало да биде дадена на било која од соседните држави. Но, не и дека нема да остане под власта на Османлиската држава. На поставеното барање Русија да се застапи за македонска државност, Игнатиев едноставно не одговорил.
По Берлинскиот конгрес, кога сите други православни народи на Балканот добиле со слобода и призната државност, а повеќето од нив: Романија, Србија и Црна Гора, се здобиле со државна независност, единствено македонскиот народ остана во иста положба под власта на Османлиската држава.
Петтото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија следувало како епилог на новото македонско востание, познато и како Кресненско, што започнало непосредно по Берлинскиот Конгрес во почетокот на октомври 1878 година, во источниот дел од Македонија.
Таму за тоа постоеле најповолни услови за континуирани востанички акции уште од пролетта 1876 година. Населението било подготвено за организирана оружена борба за ослободување и во постојните крајно неповолни внатрешни услови и надворешнополитички околности. За тоа не без влијание било чувството за исвесна сигурност од присуството на руските единици на територијата на Бугарија.
По успешниот развиток на востанието, есента 1878 година, во источниот дел од Македонија била создадена слободна територија со организирана македонска востаничка власт, со сите основни елементи на самостојна македонска државност. Македонското востаничкото раководство сметало и очекувало помош во оружје од руските единици стационирани на демаркационата линија на македонската граница со Бугарија за пренесување на востанието и во внатрешноста на Македонија. Меѓутоа, таква помош не била добиена.
Шестото изневерување и неисполнето ветување на Русија кон Македонија се случило на крајот на 19 век, во 1898 година со познатата Виничка афера, кога била разоткрина мрежата на тајната Македонска Револуционерна Организација односно постоењето масовно тајно национално-ослободително движење.
Откривањето постоење на едно такво движење во Македонија било примено со големо изненадување од Русија и другите сили. За сите нив постоењето на организирано револуционерно-ослободително движење во Македонија претставувало директна закана за мирот и постојниот поредок во регионот. Особено загрижени биле двете големи сили, непосредно заинтересирани за Балканот, Русија и Австро-Унгарија кои во 1897 година склучиле посебен договор за зачувување на постојното статус-кво на Балканот. Нивните дипломатски претставници во Македонија постапувајќи по инструкциите од своите влади ја подржувале владата на Османлиската држава за брзо воспоставување редот во Македонија, иако тероризирано македонско население очекувало нивна заштита.
Во 1899 година следувало ново обраќање од Македонија до рускиот император со кое се барало Русија да се ангажира за ослободување на Македонија. Меѓутоа, Русија останала доследна на превземената обврска од договорот со Австро-Унгарија од 1897.
Со тоа уште еднаш се потврди дека Русија, во својата политика спрема Македонија и македонското прашање не се раководела според принципите за право и правичност туку, исклучиво, од потребите за на нејзините стратегиски интереси на Балканот и во поширокиот регион, во контекстот на глобалните односи со другите големи сили.
Останува запишано дека Русија во 19 век своите интереси на Балканот ги врзала за Бугарите и Србите и не ја признавала посебноста на македонскиот народ, а нејзината дипломатска и воена активност сведочи дека била против создавањето нова словенска држава Македонија на полуостровот.
Залагањето на Советска Русија после војната во коминтерната и со поддршката на Комунистичката партија на Југославија да не го попречи создавањето на македонската држава во 1944 година, е друга приказна, но повторно не отстапува од фактот дека тоа е само заради интересите на СССР која што и понатаму единствено што ја интересира е да го обезбеди влијанието на Балканскиот полуостров. Единствена разлика што сега оваа политика за влијание и за обезбедување на своите сфери од интерес ја спроведувала КП на Русија, е не царскиот империјалистички двор.
* За насловната илустрација за оваа анализа е земена карикатурата од 1903 година објавена во американскиот магазин Пак (Puck)