Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Медиумски тајкун?

Во овој текст се разгледува случај на употреба на израз што се појавува во неколку манипулативни медиумски содржини со исти пораки, што може да послужи како илустрација за начинот на градење на пропагандните наративи

ЏАБИР ДЕРАЛА

Го дочекав и тоа. Во еден интернет медиум, инаку гласило на националистичката опозиција, во повеќе наврати ме нарекуваат медиумски тајкун. Ова секако дека ќе го прифатам, барем делумно, како комплимент, односно како признание, и тоа не само за мене, туку и за сите мои колешки и колеги со кои работам и соработувам. Од однесувањето на пропагандистите се гледа дека тоа што го правиме е големо и влијателно.

Во секој случај, ова не е текст за значењето и вистинитоста на тврдењето дека сум тајкун, бидејќи тоа е многу најмалку важно. Всушност, со вештачко доведување на одредени авторки и автори со мене, а јас сум наводно „тајкун“ (имало и многу полоши етикети), се прави манипулација, што е дел од долгогодишната кампања за дискредитација и поттикнување омраза против демократските и прогресивните сили во земјата.

Но, еве, прво за „комплиментот“… Тајкун, според Енциклопедија Британика, значи „многу богата и моќна личност во бизнисот“, па наведуваат примери за употреба на тој термин, како – тајкуни во бизнисот, медиумите, нафтената индустрија и во транспортот. Тоа „многу богата“ е и моја (и не само моја) желба која, за жал, не ми/ни е остварена (ни оддалеку). И тоа „моќна“ не знам дали е точно, но ако тоа го велат пропагандистите кои не можат да ме смислат, ќе прифатам со насмевка. Се разбира, моќта на зборот е неприкосновена, па ако на тоа мислат, да, ќе прифатам и тоа со широка насмевка.

Изразот „медиумски тајкун“ се објаснува и во Википедија. Таму, меѓу другото, пишува:

„Сопственик на медиуми, наречен и медиумски извршен раководител, медиумски магнат или медиумски тајкун, е претприемач кој ги контролира медиумите што ги консумираат многу поединци, преку лична сопственост или држење на доминантна позиција во медиумски конгломерат или претпријатие. Оние кои имаат значителна контрола, сопственост и влијание на голема компанија во медиумите може да се наречат и бизнис магнати. Во поново време, креаторите и основачите на платформите за социјални медиуми исто така се сметаат за сопственици на медиуми.“

Оттаму, навистина им благодарам на редакциите и „новинарските“ пера кои покрај моето име го додаваат описот „медиумски тајкун“. Мене лично не ми значи ништо, особено знаејќи ја злонамерната заднина на овие пропагандни четива (за тоа, малку подолу), но сигурно е големо признание за сите мои колешки и колеги. Тоа значи дека пропагандните центри сфатија дека медиумите во кои ние работиме допираат до огромен број луѓе. Ние го знаеме тоа, но навистина не очекувавме вакво „искрено“ признание.

МАНИПУЛАЦИЈА, ОБИД ЗА ДИСКРЕДИТАЦИЈА И ПОТТИКНУВАЊЕ ОМРАЗА

Сепак, овие „комплименти“ не се ни толку наивни, инаку не би го заслужиле моето внимание. Напротив, тие се дел од нешто поголемо. Впрочем, овие етикети ми се ставаат во контекст на пишувањето на мои колеги во медиумите во кои работам, а им пречи дури и нивното слободно изразување на социјалните мрежи.

Тие што знаат како работиме ние, моите колешки и колеги, ќе ви кажат дека кај нас уредувачката политика ја креираме заеднички и низ постојани дискусии, па често и прилично гласни расправи. Постојат неколку рубрики во кои никој од нас и не помислува да интервенира во содржината, освен технички (фотографии, дисклејмери, формат, печатни грешки и јазична редакција) – тоа се рубриките за слободно изразување на ставовите. За тоа може да посведочи големото шаренило на пораки во тие секции со кои, јас како главен уредник и уредувачкиот колегиум, не секогаш се согласуваме. Некогаш се согласуваме со ставовите, но не и со начинот на кој тие се пренесени. Но тоа е повеќе од очигледно, бидејќи градиме целосно отворена, слободна и независна медиумска платформа.

А за тоа што пишуваат авторките и авторите на социјалните мрежи? Таму навистина никој од нас никогаш не се замешал. Можеби некогаш (ако воопшто) сме коментирале или сме се обиделе да се разубедуваме во директна комуникација, но никогаш никој од нас не се ни обидел да изврши притисок. Буквално никогаш. Тоа не си го дозволуваме.

Наспроти тоа, овие неславни пропагандни текстови се обидуваат да ги омаловажат Фејсбук објавите на нашите соработнички и соработници со тоа што пишуваат цели текстови во своите медиуми, па во недостаток од аргументи, ги доведуваат во врска со „медиумскиот тајкун Џабир Дерала“. Ќе беше смешно, ако зад тоа нема друга, манипулативна и злонамерна порака.

Сите знаат дека против мене лично, како и против ЦИВИЛ, се води жестока и прилично скапа кампања, со различен интензитет, речиси од самото формирање на организацијата пред 24 години. Таа кампања особено се засили со формирањето на медиумската платформа на ЦИВИЛ, на македонски, албански и англиски во 2009 година, а уште повеќе од 2015 година наваму. Значи – осум години, многу интензивна кампања!

КОЛКУ ТРАЕ И КОЈ СЀ Е ВКЛУЧЕН ВО КАМПАЊАТА?

Се води секојдневна кампања – подла, со омраза, лаги и закани, често и закани по животот.

Тоа е кампања во која неретко најотворено се вклучуваат дури и лидери и високи функционери и протпароли на некои политички партии, универзитетски професори, новинари, уредници, ен-џи-овци, офицери на Армијата, и разноразни инфлуенсери. Кога ќе помисли човек, па и не е мала работа.

Но да видиме уште една димензија на оваа најнова компонента на кампањата со кодно име „медиумски тајкун“.

ЕТИКЕТИ СО ЦЕЛ ДА СЕ ПОТТИКНЕ ЕТНИЧКА ОМРАЗА

Најлесниот начин да се нападне некој во оваа земја е да му се залепат неколку етикети, меѓу кои етничката „најдобро работи“, се разбира, каде што тоа е соодветно. Па така, во дел од медиумите не се пропушта да се каже дека јас сум Албанец (често сосема отворено пишуваат Шиптар на социјалните мрежи). Но тоа е само појдовна точка. За нив, јас сум и великоалбански националист, балист, итн. Сите тие етикети имаат една цел – да поттикнат етничка омраза.

И сега, откако после осум години жестоки удари и обиди за дискредитација, омаловажување, навреди, говор на омраза и тотални измислици кои „слетуваат“ на моја адреса, кога ќе напишат за некого дека е „соработник на медиумскиот тајкун Џабир Дерала“, тоа „во превод“ значи: Тој/таа е соработник со сè што набројав погоре, односно – предавник. Тоа е контекстот и не така скриената порака на оваа пропаганда, како што и етничката омраза најчесто не е ни малку прикриена. Навистина глупаво, но истовремено и ужасно отровно и зло.

Притоа, не заборавајте, етничката омраза има одредена „употребна вредност“. Преку неа се прибираат политички поени за јакнење на рејтингот на политичарите и партиите, се поларизира општеството, се внесуваат тензии и недоверба, се промовира насилството и се подриваат темелите на демократското, мултикултурното и прозападното општество. Јасно е како ден.

Но за да останеме позитивни, ние само ќе се задржиме на констатацијата дека антизападната и ултранационалистичка пропаганда веќе не може да го скрие својот восхит од нашата (и мојата, ете, да се согласам со пофалбите) работа и достигнувања.

Им благодариме.

(ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен