Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ
И во Бугарија има конкретен предлог за уставни измени, по кој уследи медиумска и општествена поларизација. И во бугарските медиуми и на социјалните мрежи е забележлив наплив од „патриотски говор на омраза“ против „предавници“, „непријатели“, “шпиони“, „петоколонаши“, „јаничари“, итн. И во Бугарија има историски дезинформации, конфликтни интерпретации на историски настани и историски симболи, и крајно спротиставени „политики на меморијата“.
Политичките конфликти околу националниот празник и централниот споменик во Софија („3 март“ и Споменикот на советската армија, т.н. „МОЧА“) покажуваат дека и официјална Бугарија нема единствено толкување на „историјата“. И во самата Бугарија нема „заедничка историја“, кога станува збор за интерпретација на руската/советската улога во „ослободувањата“ во 1877/8 и 1944 година.
Оттаму, се поставува прашањето: Како да се создадат услови за спречување на политичката злоупотреба на историјата и напливот од историски дезинформации и говор на омраза во медиумите и на социјалните мрежи?
Зошто 3 март ги дели Бугарите на „русофили“ и „русофоби“?
Предлогот за уставни измени во Бугарија, потпишан од 166 пратеници на крајот на јули 2023, вклучува и нова одредба за национален празник на 24 мај. Во предлогот „24 мај“ се определува како „ден на бугарската азбука, просвета и култура, и на кирилицата“, а се оправдува „со цел за зајакнување на бугарската државност и идентитет“.
По ваквиот предлог, протолкуван како напуштање на постојниот празник 3 март, уследи медиумска, политичка и општествена поларизација во Бугарија, како резултат и на медиумските спорови помеѓу историчарите и новинарите, честопати опишувани како спорови помеѓу „русофили“ и „русофоби“.
Аргументот дека „3 март ги разделува бугарите на “русофили” и “русофоби” претходно беше користен како аргумент зошто овој ден не треба да биде национален празник на Бугарија. Покрај аргументот за „лажниот национален сон заснован на неостварениот и неостварлив мит“ за Санстефанска Бугарија, беше користен и аргументот за комплекс на инфериорност или помала вредност кон Русија: „3 март го потврдува обожувањето на туѓата земја, го потврдува бугарскиот комплекс на инфериорност пред неа, го потврдува митот за „двојната ослободителка“, кон која треба да имаме само вечна благодарност и да коленичиме.”
Кога историчарот Дечев ги сумира аргументите против 3 март, истакнува дека „Друг омилен аргумент на противниците од 3 март е фактот дека Санстефанскиот договор предвидува руска окупација, да продолжи две години.“
Историско-медиумски спорови за 3 март – кој има комплекс на помала вредност?
Уште пред да биде официјално доставен предлогот за уставни измени, Бугарската национална телевизија (БНТ) ги врамуваше „споровите за нашиот национален празник“, објавувајќи конфликтни интерпретации на „3 март“ и историските настани поврзани со него.
На пример, на 24.07.2023 е објавен прилог во кој се илустрира политичкото единство пред 33 години (кога 3 март едногласно бил прифатен од пратениците како национален празник), наспроти неединството денес, илустрирано со спротиставени толкувања на професионални историчари.
Како прв историски експерт на БНТ беше промовирана проф. Искра Баева, поранешен учесник на пропагандно-научната конференција за “русофобијата во Бугарија”, и учесничка во претходни ТВ-спорови за „3 март“. На пример, Баева претходно потсетуваше дека пред да започне да се слави како ден на ослободувањето, „3 март во современата бугарска историја е одбележуван како ден на стапувањето на тронот на рускиот император Александар II”.
Историчарката Баева на БНТ им постави „дијагноза“ на тие што се обидуваат да го сменат националниот празник, дека манифестирале длабок национален комплекс на помала вредност: „Да го ставиме под прашање и да го смениме заради геополитиката во моментов, конкретната геополитика – е манифестација на длабок национален комплекс, комплекс на мала вредност. Еден комплекс, кој не тера да веруваме, дека ние не сме си ја извојувале државноста, а некој друг ни ја дал, а вистината не е таква.” Контра-дијагнозите за комплекс на помала вредност беа истакнати и од други историчари (како проф. Иван Илчев), а прорускиот пропагандист Петар Волгин ги нарекуваше „комплексари“ и „конјунктурни русофоби“ тие што тврдат дека признанието кон ослободителите е израз на комплекс на помала вредност.
Наспроти Баева, историчарот Борис Стојанов тврдеше дека не се работи за никаков комплекс: „Не, не, не, не се работи за никаков комплекс, напротив. „3 март“ е денот на Санстефанскиот мировен договор, но реално бугарската држава се појавува дури со Берлинскиот конгрес, имено во средината на јули, кога треба всушност да биде официјален почеток, празнуван, на Третата бугарска држава“.
Дури и кога се обидува да го демитологизира „3 март“, историчарот го задржува митот за континуитет на „Кнежество Бугарија“ од средновековните „бугарски држави“.
„3 март“ како повод за патриотски говор на омраза против „предавници“
Следниот ден, историчарот Стојанов спореше на БНТ со велико-бугарскиот „историчар“ Иван Тренев (кој јавно ја нарекува РСМ „Западна Бугарија“). Станува збор за псевдо-историчар кој претходно на ТВ проповедаше дека „ние Бугарите, кои сме основоположници на целата европска култура, и тоа е веќе докажано“, дека „Кирил и Методиј се Бугари“, и ги обвинуваше сите кои што тврдат дека 3 март не треба да биде национален празник, за „дестабилизирање на државноста на Бугарите“. Псевдо-историчарот Тренев, кој неодамна објави и видео со застрашувачка порака „Исчезне ли Бугарија, изчезнува и светот“, на БНТ го опиша предлогот за нов национален празник како обид за одземање на историјата: „Се ни зедоа… се е во туѓи раце и туѓи фирми… И сега, единствено кое што нѝ остана и што не крепи како народ, тоа е нашата историја. Може ли да се одрече дека имало 500 години османски јарем, и може ли да се одрече дека имало руско-османска војна…?“.
Во својот драматичен настап, Тренев се служеше не само со емотивни манипулации, туку и со историски дезинформации. На пример, дека на 3 март четири илјади Бугари на Шипка си ги оставиле коските (битките на Шипка воопшто не се случувале во месец март), и дека на тој датум е создадена „Сан-стефанска Бугарија“: „На 3 март четири илјади Бугари на Шипка си ги оставиле коските. И на 3 март, макар и прелиминарен, како што го нарекуваат договор, никој не ги одрекува империјалните намери на Русија (ниту сум русофил, ниту сум русофоб, јас сум бугарофил, како што секој од нас треба да биде), но Русија помогна… да се создаде новата бугарска држава и таа се создава – Сан-стефанска Бугарија…“.
Наспроти Тренев, професионалниот историчар Борис Стојанов веднаш го демантираше псевдо-историчарот дека „Сан-стефанска Бугарија“ реално постоела како држава: „Се создава една идеја, се создава еден идеал, таа држава не постоела ниту еден ден. Тој договор практично не постоел ниту еден ден. Тој останува на хартија…“. Слични тврдења како Стојанов, за Санстефанскиот договор и за тоа дека не создал никаква држава, јавно изнесе и историчарот Даниел Вачков (од историскиот институт од БАН): „Сан-стефанскиот договор не влегува во сила ниту еден ден. Тој е само основа за идните преговори. Ако треба да бидеме прецизни во историски план, ние треба да го славиме 13 јули – потпишувањето на Берлинскиот договор“.
Но, по гостувањето на БНТ, Тренев се појави и на друга ТВ етикетирајќи го како „национален предавник“ секој што тврди дека треба да се замени 3 март со друг датум: „…на 3 март 1878 година Бугарија се појавува на картата на светот, после 5 века на османски јарем. Секој кој што тврди дека треба да се замени со 24 мај или кој и да е друг празник, за мене тој е национален предавник.“
„Патриотскиот говор на омраза“ – составен дел од прорускиот политички фолклор
„Патриотскиот“ говор на омраза против „предавниците“ беше забележлив и во предизборието во 2022 година, кога прорускиот политичар Костадин Костадинов обвини дека „Бугарија ја водат национални предавници и кукавици кои сакаат да го анулираат нашиот национален празник 3 март“. Костадинов етикетираше „национални предавници“ во врска со 3 март и по почетокот на руската воена инвазија врз Украина. И при прославата на Шипка на 3 март 2022 година „Русофили и активисти на проруската партија „Вазраждане“ го пресретнаа премиерот Кирил Петков на врвот Шипка со извици „предавници“, „оставка“ и со руски знамиња“.
Во јули 2023 година, Костадинов ги обвини „владејачките фашисти“, дека „обидот да се отстрани 3 март како државен празник е обид да се избрише минатото“ и дека предлагачите „само покажуваат омраза кон се што е бугарско и повлекуваат линии на поделба во бугарското општество со цел да постават едни Бугари против други Бугари“. Костадинов обвини и дека повлекувањето линии на поделба во општеството било „за да предизвикат граѓански судири во Бугарија, за спроведување на украинското сценарио“ (сличностите со дезинформациите и руската пропаганда за „Украинско сценарио“ во Македонија не се случајни).
Обвинувања за „национално предавство“ имаше и во собранието, каде што пратениците на ИТН, БСП и „Возраждане“ истапија против идејата за промена на националниот празник. На пример, заменик претседателот на „БСП за Бугарија“ (проруска партија која исклучи еден свој пратеник, откако гласаше за доставување на воена помош на Украина) ги прогласи за „изроди и предавници“ тие кои што „сакаат трети март да замине на буништето на историјата“. Станува збор за дезинформација и манипулација, затоа што предлагачите укажуваа дека 3 март ќе си остане официјален празник, иако нема веќе да биде национален празник.
3 март и „црвените линии“ на Румен Радев
И претседателот на Бугарија, Румен Радев категорично истапи против „Обидот за бришење на 3 март од националниот календар“, опишувајќи го како „обид (за убиство) против историјата, против идеалите на бугарските преродбеници и против споменот на илјадниците загинати за нашата слобода…“. Неколку дена откако во август годинава медиумите известија дека „Речиси 70% од Бугарите го сакаат 3 март за национален празник, само 9.6% се за 24 мај“, „Од Шипка претседателот Радев поведе народно движење во заштита на Трети март“, изјавувајќи дека „3 март е црвената линија на нашето трпение“.
Во кусиот, но драматичен говор на Радев, на „Церемонијата по повод 146 години од епопејата на Шипка“, тој истакна дека „секоја година ја искачуваме Шипка, за да оддадеме почит на бугарските ополченици и воините од императорската армија на „Цар освободител“…“.
Во своето обраќање, Радев им постави потешка дијагноза – „самоуништувачки комплекс“- на некои што верувале дека Европеец значело одрекување од Бугарин: „Сите ние тука на врвот, милионите граѓани на Републиката, сме Бугари и Европејци по раѓање, историја и култура. Оние кои никогаш не доаѓаат на Шипка веруваат дека да си Европеец значи да се одречеш од тоа да бидеш Бугарин. Тоа е самоуништувачки комплекс.“
Притоа, претседателот Радев како да покрена општо јавно обвинение против „непознати сторители“, не само за пречкртување на историјата, туку и за предавство на идеалите на преродбениците, Левски, Ботев и Гоце Делчев: „Погубна заблуда е дека да се биде Европеец значи да си ја пречкртуваш историјата, да ги исмеваш традициите, да се срамиш од знамето и да го иронизираш патриотизмот. Непростлива неодговорност е да ги предаваш идеалите, во кои си го вградиле животот и делото поколенија Бугари. Идеалите не нашите преродбеници, на Левски, Ботев и Гоце Делчев.“
Од „Споменикот на слободата“, Радев обвини и за „манипулирање со историската меморија“, за „посегање по бугарските светињи“ и за обид „да се исфрли Вазов од учебниците“, по што драматично изјави: „Денеска велиме доста! 3 март е црвената линија на нашето трпение.“
И тука Радев не запре со обвинувањата, туку продолжи да обвинува за сеење раздор и поделби, за „тргување со се бугарско“, за „проект за киднапирање на уставот“, за политичка сервилност, за „обиди за разградување на државноста“, итн.
На крајот, Радев повика на заштита од „духовно и морално распаѓање“: „Народното движење нема да дозволи Трети март да биде отпишан, нашата национална меморија избришана, бугарската државност – разградена!“
Говорот на Радев на Шипка е класичен пример на „патриотски“ говор кој поттикнува на нетрпеливост и омраза кон тие што ги „предале“ идеалите на патриотите, со користење на историски дезинформации, теории на заговор, политички манипулации, непоткрепени обвинувања, па дури и дијагнози. Поентите од говорот на Радев асоцираат на пропагандните пораки на Серге Лавров, кој минатата година го обвини Вашингтон дека сакал „да ја убие историската меморија кај Бугарите“, но и кај другите народи на Балканот.
Жестоки „патриотски“ реакции и обвинувања против Радев по говорот на Шипка
По „патриотскиот“ говор на Шипка, кон Радев беа упатени жестоки реакции, вклучително и „патриотски“ реакции и обвинувања кои се показател за зголемена поларизација.
Коментаторот на Дојче Веле, Веселин Стојнев го обвини Радев дека е дестабилизатор на државата: „Радев не е ниту коректор, ниту спасител – тој е уништувач на легитимната власт и дестабилизатор на државата.“ (Како Румен Радев ја дестабилизира Бугарија). Опишувајќи го како „единствен знаменосец на патриотизмот“, кој прогласил некакво народно движење против „предавниците“, Стојнев го опиша Радев како водач на „петтата колона“ на русофилите: „Така, Радев ја поведе Петтата колона на „Преродба “, БСП, „Левица“ и русофилските организации за да ја исполни значајната улога на оттргнување на Бугарија од ЕУ и НАТО, што му ја додели Решетников“ („генералот на КГБ Леонид Решетников, посочуван како покровител на неговата претседателска номинација“). Претходно, Стојнев по средбата со Зеленски го опиша Радев како „слуга“ со „профашистичката сервилност“ (споредувајќи го со Петен), тврдејќи дека не е претседател на Бугарија, „затоа што работи против бугарскиот национален интерес“ (Чиј претседател е Румен Радев? На Бугарија не е).
Неодамна, кога ќерката на поранаешниот бугарски претседател Жељу Желев, Станка Желева беше интервјуирана на ТВ Нова за спорот околу „Споменикот на советската армија“ во Софија, таа изнесе сериозни обвинувања против Радев (кој претходно застана во одбрана на споменикот, што беше искористено од руската пропаганда): „Имаме еден претседател кој е отворен руски агент. За мене има две задачи, кои се итни – да биде соборен бугарскиот претседател и да биде суден за национално предавство. Овој човек ги погази апсолутно сите принципи и ја предаде својата татковина.“ (Ќерката на Жељу Желев: Претседателот да биде соборен и суден за национално предавство).
Очекувано, и ваквиот „патриотски“ говор поттикна нетрпеливост, омраза и натамошна поларизација на социјалните мрежи помеѓу прозападните и проруски настроените граѓани на Бугарија, кои во бројните коментари го напаѓаа „русофилот“ Радев, или пак го поддржуваа како борец против „русофобијата“.
И Русија и „русофилите“ инсистираат на „заедничка историја“ со Бугарија
Долгогодишните спорови и конфликти околу „Споменикот на советската армија“ во Софија, кои повторно се разгорија во 2023 година, се уште еден индикатор за тоа дека во Бугарија има расправа за „заедничка историја“ не само за руското „ослободување“ во 1877/8, туку и за советското „ослободување“ во 1944 година. Наспроти активистите за отстранување на „највисокиот и најголемиот споменик“ на „една армија, благодарение на која бил наметнат тоталитарниот режим“ (Желева), стои организирано политичко движење за одбрана на споменикот, предводено од „Левицата“ и БСП, кои излегоа со заедничка кандидатка за градоначалник на Софија.
Истиот ден кога Радев го објави „народното движење во заштита на 3 март“, заедничката кандидатка Вања Григорова, објави фотографии од Шипка со коментар „Оние, кои војуваат со споменици и историски датуми, посегаат по нашата ДНК“. Неколку месеци претходно, Григорова обвини дека тие што сакаат да го демонтираат споменикот на советската армија биле истите што сакале „да се вовлечеме во војната во Украина“, прашувајќи: „Не знам кога станавме заштитници на фашизмот?“
Од „Левицата“ (во која влегува и партијата АБВ) не организираа протести само за заштита на „Споменикот на советската армија“ во Софија, туку и против изградба на бази на НАТО. Лидерот на АБВ Румен Петков, поранешен министер за внатрешни работи од БСП (кој јавно го обвини бугарскиот министер за одбрана Тодор Тагарев за „украински слуга“ и за „национално предавство“), се себепромовираше како чувар на историјата од уривачите на споменици и на „нашата историја“: „Бугарија има повеќе од 450 споменици поврзани со Руско-турската ослободителна војна и околу 75-80 со Втората светска војна, Патриотската војна и за, како што велат Русите, Црвената армија. Ние ја чуваме историјата. Ние не чуваме еден или друг споменик. Урнавме многу споменици. Ја уриваме нашата историја.“
Румен Петков, од шаторскиот камп за зачувување на споменикот, ја вжешти атмосферата обвинувајќи ги оние кои сакаат да се уништи Споменикот на советската армија дека биле истите кои подигнале споменици на пилотите кои ја бомбардирале Софија во Втората светска војна (тврдејќи дека убиле над 4.500 цивили и уништиле над 12.000 згради).
По акцијата на група навивачи на фудбалскиот клуб „Левски“ кои ја оштетија „плочата на МОЧА“ (скратено од Монумент за Окупациската Червена Армија) и поставија транспарент „демонтажа“, уследи пропаганден контранапад. Костадинов од „Возраждане“ ги нападна фановите на „Левски“ нарекувајќи ги „млади дегенерици“ и „современи јаничари“, по што тие му порачаа дека таквите описи не биле полезни за неговата политичка кариера, а и за здравјето.
На конфликтот веднаш се надоврзаа и пропагандистите на Кремљ, кои синхронизирано обвинуваа дека Бугарија се претвора во втора Украина. На пример, пропагандистката Олга Скабеева, која на 10 август извести за шаторскиот камп пред споменикот, на 18 август објави дека „Во Софија повторно беше осквернавен споменикот на советската армија. Вандали ноќе се упатиле кон него и ги искршиле плочките со комеморативен натпис. Бугарија продолжува да се претвора во Украина 2.0.“ И рускиот пропагандист Владимир Соловјов на 10 август објави видео од шаторскиот камп пред споменикот со порака „Во Софија излегоа да го бранат споменикот на советската армија и се спротивставија на плановите на САД и НАТО да ја направат Бугарија втора Украина“. На 18 август Соловјов го сподели и коментарот на Руската амбасада во Бугарија, во кој се повикуваат „бугарските власти да ги почитуваат билатералните договори, да ги направат потребните напори за заштита на предметите од нашата заедничка историја и да ги изведат пред лицето на правдата одговорните за нивното сквернавење“.
На 26 август 2023 година, руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова ја посети Шипка заедно со претставници на АБВ и Левицата. Истите луѓе кои во Софија го чуваа споменикот на „Советската армија ослободителка“ од „монархофашистичкиот режим“, на Шипка го цитираа Цар Борис III кој свечено го отворил „споменикот на слободата“ во 1934, заблагодарувајќи му се на „незаборавниот благороден витез Царот освободител“ за „ослободувањето на бугарскиот народ“, како „најголем настан во нашата историја“.
Митрофанова положи цвеќе на „Споменикот на слободата“, детално опишувајќи ја одбраната на преминот кај Шипка како „една од најхеројските страници на Руско-турската ослободителна војна“. Минатата година, Митрофанова отиде дотаму што ја спореди Руско-турската војна со руската агресија врз Украина, а отвори и изложба за Николаи Игнатиев, кого русофилите во Бугарија го претставуваат како „таткото на бугарската нација“.
Како да се спречи политичката злоупотреба на историјата?
Во оваа медиумско-политичка анализа се обидовме да предочиме како политичките конфликти околу националниот празник и Споменикот на советската армија во Софија, се проследени со наплив од историски дезинформации и говор на омраза, како резултат на политичката злоупотреба на историјата, од страна на повеќе актери.
Во услови кога бугарските медиуми не се придржуваат доследно на етичките начела (и не спречуваат објавување историски дезинформации и говор на омраза), и медиумите лесно се злоупотребуваат за дисеминирање на штетна пропаганда, не само од локални, туку и од странски актери, како што е Русија.
Обидот за замена на „3 март“ со „24 мај“ како национален празник, беше делумно проследен со обиди за демитологизација на „Санстефанска Бугарија“, но митовите поврзани со „24 мај“, досега останаа речиси нечепнати, како што укажува и историчарот Дечев. Дечев потсетува и дека „Во моментов Бугарија инсистира пред Македонија, дека е неопходна нормализација на историскиот наратив, кој треба да се растовари од очебијни лаги и построго да се придржува до фактологијата, стеснувајќи ги можностите за релативизирано толкување…“.
Но, оценката на Дечев, дека „инсистирајќи на тотален релативизам во однос на историските факти, македонската страна полемизира токму со емоциите на јавноста и со тоа што е утврдено со децении“, е умесна и за повеќе гласноговорници во медимско-политичките спорови околу историјата и националните симболи во Бугарија.
Во услови кога се наѕира само „Z“ од „заедничка историја“ внатре во Бугарија, за толку „битни“ историски настани поврзани со националниот празник и централниот споменик во главниот град, како да се разбере едностраното толкување и инсистирање на Бугарија за „заедничка историја“ со Северна Македонија? Особено кога милитантната и империјалистички настроена Русија инсистира Бугарија да не ја сквернави „заедничката историја“, истовремено злоупотребувајќи ја за легитимирање на воената агресија врз Украина.
Она што им е заедничко на Бугарија и Северна Македонија, е предизвикот како да се справат со штетните последици од руската пропагандна агресија, која со ширење дезинформации и говор на омраза се обидува да предизвика конфликти и дестабилизација на Балканот. Во услови кога Кремљ вешто ги користи историските дезинформации и порозните медиуми за предизвикување на општествени конфликти, омраза и недоверба во институциите и во властите, прашањето како да се спречи медиумско-политичката злоупотреба на историјата, е прашање со кое сериозно треба да се позанимаваат и Бугарија и Северна Македонија. Се разбира, доколку постои автентична политичка волја за борба против дезинформациите и говорот на омраза и нетолеранција, кои предизвикуваат поделби и голема штета и во двете општества.
(Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА)