Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

(ВИДЕО) Интервју со Луиџи Лигуори, директор на првиот сертифициран тренинг центар за пилоти на дронови во Македонија „DroneBuzz“

Првиот комерцијален оператор и центар за обука за управување со беспилотни летала „Dronebuzz“ започнува со работа. Агенцијата за цивилно воздухопловство му додели овластување за отпочнување со сеопфатни курсеви дизајнирани да им овозможат на ентузијастите и професионалците нови возбудувања во светот на беспилотното воздухопловство.

Во пресрет на големиот Аеромитинг по повод 100 години од македонската авијација, што ќе се одржи на спортскиот аеродром Стенковец на 16 септември, разговараме со Луиџи Лигуори, директорот на првиот сертифициран оператор и тренинг центар за обука на пилоти на воздухоплови без екипаж. Тој е поранешен воен офицер и пилот на хеликоптер и како што вели за себе, сака сè со што човек може да лета.

Бриф:  Сведоци сме дека дроновите се применуваат во сè повеќе индустрии и сè повеќе расте потребата од нив. Каква обука нуди тренинг центарот?

Лигуори: Навистина сум почестен и горд што можам да објавам дека „Dronebuzz“ е прв сертифициран и авторизиран тренинг центар за беспилотни летала, подобро познати под името дронови во Северна Македонија. Академијата е базирана на силабус кој е имплементиран од Европската Агенција за воздухопловна безбедност, базиран на три отворени категории за употреба на дронови. Овие катергории се базирани на едноставен принцип – колку е дронот потежок, треба да се лета подалеку од луѓе за побезбедно оперирање.

Програмата е базирана на два главни курсеви: основен, кој ги учи новите пилоти како да управуваат со дрон, ги запознава со регулативата и безбедносните протоколи, и напреден курс што им дава на кандидатите многу постручни вештини, за менаџирањето, ризикот, планирањето на летови и ова ќе биде возможно за учениците кои имаат најмалку 40 часови соло летање. Потоа, нудиме тренинг за специфична употреба на дрон во денешната индустрија: снимање, фотографирање, документарни филмови, покривање настани, но исто така и во земјоделството, како се прави основен мониторинг со користење на посебни дронови, мониторинг на состојбата со посевите, сеење. Дроновите можат да се користат и за спасувачки операции, за асистирање на спасувачите на места кои се тешко пристапни, но и за проценка на штети предизвикани од природни катастрофи. Друга работа што дроновите можат да ја направат е можност и за 3Д мапирање кое е многу корисно за урбаното планирање, но и многу повеќе.

Беспилотните летала веќе се користат и за гаснење на пожари, тие им помагаат на пожарникарите да изгаснат пожари и на тешко достапните места, како и за мониторинг на воздухот со помош на дополнителни сензори што можат да ја проценат состојбата на воздухот, без разлика дали се работи за индустриски или урбан дел.

Бриф: Безбедноста е исклучително важна при летањето дронови, на кој начин вашиот тренинг центар ќе го осигури безбедното и одговорно користење?

Лигуори: Безбедноста е мој врвен приоритет, како пилот на хеликоптер многу сум свесен сум за нејзината важност. Ние интегрираме безбедносни протоколи во нашата програма, па во текот на тренингот, во рамки теоретскиот и практичниот дел кандидатите ќе научат за безбедноста при операциите со дронови, односно фокусот на овој дел од обуката ќе биде на процедурите и постојаната свесност за безбедноста.

Индустријата со беспилотните летала континуирано се менува, постојано има нова регулатива и иновации, технологијата секојдневно се усовршува. Ние постојано ги информираме нашите студенти за сите информации, промени и достигнувања во секторот.

Бриф: Вашата компанија е првиот сертифициран комерцијален оператор на беспилотни летала во Македонија, кажете ни нешто повеќе за Вашето досегашно искуство и користењето на дронови?

Лигуори: Имав прилика да работам во овој сектор, дроновите нудат поевтино решение за многу операции. Веќе реков за употребата на дроновите при снимањето и фотографирањето за луѓето кои прават документарни филмови или покриваат настани, недвижности или користат дронови во земјоделството. Многу операции што порано што се правеле со хеликоптери и мали авиони и чинат многу скапо, сега може да се направат со дронови, во зависност од тоа каква опрема ќе се прикачи на дронот: термални камери, напредни фото и видео камери итн.

Денес многу компании користат дронови. На пример во Италија, компанијата која се грижи за состојбата со автопатите често користи дронови за проверка на мостовите, што е многу ефикасно и се прави за многу брзо време.

Исто така имав можност да работам за некои компании и како волонтер во Црвен крст. Со помош на дронови баравме исчезнати луѓе, им асистиравме на локалната полиција и на спасувачите за да ги пронајдеме исчезнатите и бевме многу професионални во работата.

Една од најновите иновации е користењето на дронови во земјоделството. Со добро опремени дронови може дури и да се сее, потоа да се прска, да се следи состојбата на имотот, на посаденото, што му дава можност на земјоделецот брзо и ефикасно да интервенира токму таму каде што има потреба без непотребно губење време и барање на други решенија.

Бриф: За оние кои планираат да се занимаваат и професионално со управување со беспилотни летала, Вашиот тренинг центар секако е добар почеток. Како може да Ви се приклучат?

Лигуори: Првата работа што би им ја предложил е секако да дојдат во тренинг центарот и да започнат со основниот курс како хобисти, да научат како да управуваат со дрон и да стекнат прaкса. Потоа да продолжат и со напредниот курс, кој дава многу повеќе знаење за дроновите, правилата на летање и менаџирањето на летот, каде не смее да се лета, забранети подрачја итн.

Праксата ќе биде најважниот дел, бидејќи колку повеќе летате толку повеќе ќе знаете како да летате и да добиете сертификат за оператор и професионален пилот. Оператор и пилот се две различни работи. Може да бидете и двете, но операторот повеќе се грижи за „бирократијата“, додека пилотот е тој кој навистина управува со дронот. И секако тие имаат различни одговорности.

Последно што ќе предложам е да стапите во контакт со професионалци и да го изградите вашето портфолио. Да покажете за што сте способни да направите, тоа ќе ви ја отвори вратата кон нов бизнис – дроновите се бизнисот на иднината. Би сакал да ги поканам луѓето да се запознаат со тренинг центарот, имаме веб страна на која можете повеќе да се информирате или да ме контактирате директно.

На 16.09.2023 на спортскиот аеродром Стенковец ќе се одржи аеромитинг на кој сите заинтересирани ќе имаат можност да се запознаат и со работата на „Dronebuzz“.

(Бриф)

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново