Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ГЛЕДАЈ, ЧИТАЈ, СЛУШАЈ: Денови на германскиот филм, промоции на книгите и разговори со писателите Драго Јанчар, Даница Вукиќевиќ и Миодраг Мајиќ

За претстојниот викенд и за деновите од наредната недела ви препорачуваме играни наслови од германската кинематографија и книги на писателите од регионот. Гледајте, читајте…

Филм: Денови на германскиот филм во Кинотеката

Со црната комедија „Следната врата“ во режија на германскиот актер Даниел Брил, вечер (петок, 15 септември) во Кинотеката со почеток во 20 ч. ќе бидат отворени Деновите на германскиот филм. Филмската смотра на најновите остварувања од германската кинематографија ќе трае до 19 септември (вторник).

„Следната врата“ (Next Door / Nebenan) од 2021 г. (92 мин., колор, ДЦП) е црна комедија-драма во режија на познатиот германски и шпански актер Даниел Брул и сценарио на Даниел Келман, еден од најеминентните современи германски писатели и драматурзи. Главните улоги во филмот ги толкуваат Даниел Брул и Питер Курт. Филмот ја имаше својата светска премиера на 71. Меѓународен филмски фестивал во Берлин во 2021 година.

Даниел е филмска ѕвезда навикната на успех. Неговиот живот е совршен. Живее во луксузен стан во Пренцлауер Берг, Берлин. Има убава жена и деца што ги чува дадилка. Тој е на врвот на својата актерска кариера и се подготвува за аудиција за неговата следна улога во американски филм за суперхерои. Во локалниот бар го среќава Бруно. Станува очигледно дека Бруно долго време го чекал овој момент. Овој човек занемарен од општеството – еден од губитниците на обединувањето и жртва на гентрификацијата на некогашниот Источен Берлин – се одмаздува, со Даниел како негова цел.

На 16 септември (сабота) во 20:00 ч. на програмата е „Фабијан или одење кај кучињата“ (Fabian: Going to the Dogs / Fabian oder Der Gang vor die Hunde) од 2021 г. (176 мин., колор, ДЦП) по сценарио и во режија на Доминик Граф (Dominik Graf).

Улогите ги толкуваат Том Шилинг, Саскија Росендал, Албрехт Шух (Tom Schilling, Saskia Rosendahl, Albrecht Schuch), а филмот е историска драма базирана според романот „Фабијан: Приказната за моралист” на Ерих Кестнер (Erich Kästner) за периодот во Вајмарска Германија пред доаѓањето на нацистите на власт.

Приказната го следи Јакоб Фабијан, докторанд по германски студии, циник, кој дење работи како копирајтер за една фабрика за цигари, а навечер заедно со неговиот пријател Сефан Лабуд (хедонист и поддржувач на комунизмот) ги посетуваат прочуените берлински локали. Фабијан се вљубува во Корнелија, амбициозна и талентирана актерка. Таа станува зрак надеж во неговиот живот кој се распаѓа. Но, како што Корнелија почнува да напредува во нејзината актерска кариера, така изгледите за подобра иднина на Фабијан почнуваат да се губат…

На 17 септември (недела) ќе биде прикажан „Повеќе од кога било“ (More Than Ever / Plus que jamais) од 2022 г. (92 мин., колор, ДЦП) на Емили Атеф (Emily Atef), со Вики Крипс и Гаспар Улијел (Vicky Krieps, Gaspard Ulliel) во главните улоги.

На 33-годишната архитектка Хелен (маестралната Вики Крипс) од Бордо ѝ е дијагностицирана пулмонална фиброза, фатална болест на белите дробови. Прогнозите се лоши. На Хелен не ѝ останува уште многу време. И покрај поддршката што ја има од нејзиниот Матие, таа бара начин да се почувствува повторно жива, за последен пат.

Филмот на француско-германската режисерка со иранско потекло, Емили Атеф, имаше премиера на Канскиот фестивал во 2022.

На 18 септември (понеделник) на програмата е „Рајнско злато“(Rheingold) на култниот режисер Фатих Акин (Fatih Akin). Филмот од 2022 г. (139 мин., колор, ДЦП) со Емилио Сакраја, Мона Пиразд, Хусенин Елиракви (Emilio Sakraya, Mona Pirzad, Hussein Eliraqui), ја раскажува вистинската приказна на Гивар Хаџаби (Giwar Hajabi), со уметничко име Ксатап (Xataр), германски хип-хоп артист, издавач, продуцент и претприемач (го игра Емилио Сакраја). Гивар се навраќа на неговиот подем, од социјалните станови, до врвот на музичките топ-листи.

Откако пристигнува во Германија од Ирак во средината на 1980-тите, тој се наоѓа на дното. Целото негово семејство е затворено во Ирак и тој е сам во Германија, нему непозната земја. Тука има многу начини и можности да се дојде до пари и слава, но и уште повеќе пречки. Тој, сепак, од ситен криминалец станува голем дилер.

Ксатап запаѓа во проблеми кога му исчезнува пратка со течен кокаин. За да го плати долгот за загубената пратка, планира грабеж на злато заедно со неколку соработници. Тоа на крајот ќе го одведе во пеколот на ирачкиот затвор…

На 19 септември (вторник) на програмата е „Алиса во градовите“ (Alice in den Städten / Alice in the cities) од 1974 г. (110 мин., црно бел, ДЦП) на Вим Вендерс (Wim Wenders), со Рудигер Воглер и Јела Ротландер (Rüdiger Vogler, Yella Rottländer) во главните улоги.

Класикот на Вендерс говори за германскиот новинар Филип Винтер кој има писателска блокада кога се обидува да напише статија за САД. Тој решава да се врати во Германија и, додека се обидува да резервира лет, наидува на една Германка и на нејзината деветгодишна ќерка Алис. Невиното пријателство меѓу Винтер и Алиса прераснува во поголема блискост додека патуваат заедно низ разни европски градови во потрага по бабата на Алиса. Критичарите го сметаат „Алиса во градовите“ како прв од road филмовите што ќе ја дефинираат кариерата на Вим Вендерс.

Деновите на германскиот филм ги организира Германската амбасада, заедно со Кинотеката, Центарот за балканска соработка „Лоја“ во Тетово, Домот на култура во Кавадарци и Европска куќа во Струмица и Крива Паланка. Филмовите ќе се прикажат на германски јазик, со титлови на македонски и албански.

Книги: Романи од Драго Јанчар, Даница Вукиќевиќ и Миодраг Мајиќ

На 15 септември во Скопје Миодраг Мајиќ од Србија ќе го промовира романот „Рудникот“. Настанот е во 20 часот во кафе-книжарница „Буква“ и е во склоп на фестивалот АртАреа/ Артерија, кој ќе се одржува во периодот 15-17 септември.

Миодраг Мајиќ, писател и доктор по кривично право (судија во Апелациониот суд во Белград) е автор е на најбараните книги во регионот – „Деца на злото“, „Островот на пеликаните“ и „Рудникот“. Во 2021 година ја доби наградата BookStar на издавачката куќа „Антолог“ за романот „Островот на пеликаните“.

„Рудникот“ е третиот роман на Миодраг Мајиќ и е пишуван со намера што е очигледна уште од првата реченица. Исповедта на Богдан Бањац можеби е вистинита, а можеби е плод на трауматизираната фантазија, но во секој случај е веродостојна на неговите сеќавања. Тој е поранешен адвокат што се наоѓа во санаториум и поради тоа неговите навраќања кон минатото можат да бидат земени со резерва од јавноста.

Рудникот богат со кобалт во селото на неговата баба наликува на премин кон некој друг, страшен свет, кој е пандан на ужасите што се случуваат во овој, нашиот свет. Потреба за раскажување е последниот обид на Богдан да го реконструира минатото…

Промоцијата и разговорот со писателот Драго Јанчар во Скопје, што ќе се одржи на 18 септември (понеделник) со почеток во 19 ч., во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“, е ретка можност да се запознаете со реномираниот и светски познат словенечки писател, кој деновиве ќе гостува во Скопје во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“.

„Таа ноќ ја видов“ и „И љубовта“ се објавени на македонски јазик под „Арс Либрис“ (дел од „Арс Ламина – публикации“), во превод од словенечки јазик на Дарко Спасов.

„Таа ноќ ја видов“ е првпат објавен на словенечки јазик во 2010 година. Романот опфаќа неколку години од животот и мистериозното исчезнување на Вероника Зарник, млада и убава буржујка од Љубљана, која е вшмукана од силниот вртеж на бурниот историски период. Нејзината приказна е раскажана низ призмата на пет лика, кои истовремено говорат и за себе и за турбулентните времиња во Словенија пред и за време на Втората светска војна; времиња што како Молох ги проголтувале не само луѓето со различни убедувања вклучени во историските случувања туку и оние што живееле на маргините на ваквите настани и кои не го разбирале во целост тоа што се случувало околу нив – едноставно, само сакале да живеат. Но, тогаш „само“ да се живее било илузија…

Романот „Таа ноќ ја видов“ е добитник на најпрестижната книжевна награда во Словенија, наградата „Кресник“ за најдобар роман на годината, а во 2020 година е прогласен за најдобар роман награден со истоимената награда во периодот од 2010 до 2019 година („Кресник на деценијата“).

И романот „И љубовта“, објавен во оригинал во 2017 година, исто така е носител на наградата „Кресник“. Насловот на романот е зајмен од песна на Лорд Бајрон и претставува восхитувачка приказна за волјата и за издржливоста на човековиот дух наспроти историските совпаѓања и трагедијата.

По окупацијата на Југославија од страна на германските нацистички сили во 1941 година, Марибор како словенечки град со многубројно германско малцинство низ историјата во кој се зборува и на германски јазик, е анектиран кон Третиот Рајх. Во градот преименуван како Марбург на Драва, довчерашните соседи и пријатели стануваат крвници, а низ околните ридови се организира движење на отпорот.

Трите носечки лика во романот, Валентин, партизан и борец на отпорот, неговата девојка Соња и СС-офицерот Лудвиг, некогаш познат и како Лудек, се обидуваат – секој на свој начин – да ја одбранат нивната љубов од бесмислата на злото и пропаста на човековото достоинство. Војната ја нарушува нивната перцепција за себеси и за светот и неповратно ги уништува нивните животи.

Драго Јанчар (1948 г.) е и гласен политички критичар и граѓански активист, а неговиот драмски текст „Големиот брилијантен валцер“ е поставен во Македонскиот народен театар во Скопје (1986) и во Народниот театар во Прилеп (1990). Од 1995 година е член на Словенечката академија на науките и уметностите.

Даница Вукиќевиќ, добитничката на престижната НИН-ова награда во 2022 година, гостува во Скопје во рамките на Меѓународниот книжевен фестивал „Про-за Балкан“. Промоцијата на романот „Внатрешно море“ (преводот на македонски јазик е на Александар Прокопиев) и разговорот со Даница Вукиќевиќ ќе се одржи на 19 септември (вторник) со почеток во 19 ч., во книжарницата „Литература.мк“ на ул. „Македонија“.

Претставувањето на романот и разговорот со авторката и со преведувачот ќе го води Оливера Ќорвезироска, уредничка на изданието.

„Внатрешно море“ е роман – вистинска книжевна авантура, која го крши нашиот реален свет на парампарчиња и одново го составува, без ни најмала амбиција новосоставениот свет да биде совршен, туку само барем малку поразличен отколку што е… Роман – толку свој, толку различен, толку радикално фрагментарен, толку радикално посебен.

„Внатрешно море“ е несекојдневна збирка на записи, цртички, мини-есеи, лирско-наративни фрагменти вмрежени и обединети сo јас-раскажувачкиот глас, најверојатно гласот на самата авторка. Таа е и наратор и обединувачки лик, нејзиниот женски глас во текстот, како што нагласува и самата на различни места во најразлични форми, е глас на избор, не на нужност.

Нарекувајќи го „Внатрешно море“ свој книжевен холограм, Вукиќевиќ нагласува дека го избрала женскиот глас како еден од можните наративни гласови, како еден од изборите што секогаш им стојат на располагање на писателите. Станува збор за женско писмо по избор, за наративна одлука, не за заложба, ниту, пак, за какво било инсистирање.

„Внатрешно море“ е недисциплиниран, непослушен текст, кој, негирајќи го романот таков каков што го знаеме, истовремено станува одлична верзија на негираното: роман во впечатлива ововременска смисла на зборот, роман – книжевна авантура.

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново