Стопанската комора на Србија (ПКС) испрати писмо до повеќе од 80 адреси, од раководителите на институциите на ЕУ до сите членки на Европската комора, во кое укажува на последиците од забраната за влез на стоки од Србија на косовскиот пазар воведена од Приштина, со барање за поддршка за повторно воспоставување на слободната трговија и нормализација на бизнисот на српските и косовските бизнисмени, јави дописникот на МИА од Белград.
– Незамисливо е институциите на Косово да не сакаат да ги слушаат сопствените фирми што ги оштетиле. Ова е особено загрижувачко. Некој не разбира како функционира светот и како живеат луѓето, како земаат плата, како се градат патишта, како се плаќаат даноците, се наведува во соопштенеито на ПКС.
Во него се потсетува дека на крајот на јуни ПКС и Стопанската комора на Косово преку Еврокомората испратија заедничко соопштение и апел за решавање на проблемот со блокадите. Постои и поддршка од Европа за да се реши овој проблем, но и да се изврши дополнителен притисок врз Приштина.
„Проценетата штета на српските компании до 1 септември годинава изнесува повеќе од 60 милиони евра, мерена само со нереализирана продажба, без трошоците што ги направиле производителите поради пренасочување на стоката на други пазари во регионот или светот. На ова треба да се додадат и загубите поради претходно договорените зделки, кои останаа недоговорени и нереализирани поради забраната“, се наведува во соопштението.
Од ПКС додаваат дека забраната за увоз на српски производи, кога беше донесена, ги погоди и косовските компании и доведе до прекин на синџирите на снабдување со суровини и готови производи. Покрај прекините во производствениот процес, косовските компании се соочија и со доцнење на испораките, намалување на прометот, неможност за исполнување на договорните обврски и зголемување на трошоците за набавка, поради замена на добавувачи од други пазари