Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кој сака да го задржи монополот и зависноста од рускиот гас во Македонија?

Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400nm3, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал Александропули и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на Гаспром, односно Русија.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Неодамна медиумската агенција МЕТА објави текст со индикативен наслов „Екологистите најдоа маани на гасоводот кон Грција што земјава ќе ја ослободи од рускиот увоз“, во кој секој поискусен медиумски проследувач веднаш ќе препознае блага иронија во делот „најдоа маани на гасоводот“. Овој наслов, дополнет со поднасловот „во моментов Македонија има гасоводно поврзување единствено кон Бугарија. Доколку се случи било каков дефект на овој гасовод, земјава би била исклучена од снабдување со гас, а со тоа би било нарушено работењето на скопските топлани и на голем број индустриски капацитети, како и производството на струја и топлинска енергија од ТЕ-ТО“, јасно зборува за погрешниот пристап во проблематизирањето на гасификацијата на нашата земја преку исклучително важниот стратешки коридор југ-север, како клучен проект за Македонија, со кој земјава ќе треба да се ослободи од зависноста од руски гас.

Примарната гасоводна мрежа во Македонија

Граѓанските организации CEE Bankwatch Network и Еко-свест поднеле три формални жалби, во кои навеле дека постојат законски прекршувања во планираниот проект за изградба на гасоводот Грција-Македонија. Првите две жалби се однесуваат на гаранцијата за заемот од Европската инвестициска банка за проектот потпишана од Владата на Северна Македонија во декември 2021 година.

Во жалбите се вели дека делот на гаранцијата им штети на финансиските интереси на ЕУ со непотребно зголемување на веројатноста да се користат средствата на ЕУ за покривање на загубите на ЕИБ во случај на неисполнување на заемот.

Инаку, договорот за гаранција на заемот од Европската инвестициска банка беше потпишан во декември 2021 година. Вкупната вредност на интерконекторот со Грција на двете стрени изнесува околу 100 милиони евра. Од оваа сума 57 милиони се обврска на Северна Македонија кои се повеќе од 60% се обезбедени како поволни заеми од двете европски банки. Од владата тогаш објаснија дека сумата за нашата обврска се заокружува со дополнителен инвестициски грант од 12,4 милиони евра преку инструментот ВБИФ на Европската Унија, додека преостанатите 16,5 милиони евра ќе ги обезбеди Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).

Третата жалба до Секретаријатот на Енергетската заедница се однесува на прекршување на правилата за оцена на влијанието врз животната средина за проектот, бидејќи Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) на Македонија не предвидело период за спроведување на јавни консултации, сметаат од Еко-свест.

За првите две жалби на работата на банките на ЕУ, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската банка за инвестиции, ќе ги оставиме двете банки да им одговорат на невладините, иако е познато дека овие банки не потпишуваат договори додека не им се сосема јасно дека владите или државните компании постапката ја завршиле низ уредна процедура согласно законите.

Во однос на третата дека немало јавна расправа или консултации, терминот што невладините го употребуваат, може да се потврди дека тоа не одговара на вистината. Прегледот на веб страниците на МЖСПП и на ЈП Национални енергетски ресурси (НЕР), укажуваат на спротивното – дека во ноември 2020 година била спроведена јавна расправа по Студијата  за оцена на влијание врз животната средина за проектот “Интерконективен гасовод Северна Македонија – Грција“ и тоа во сите општини низ кои ќе минува интерконекторот Гевгелија, Богданци, Демир Капија и Неготино.

Како што налага законот, Студијата за оцена на влијанието врз животната средина за изведување на Проектот: “Интерконективен гасовод Северна Македонија – Грција“ била доставена од страна на  инвеститорот Акционерско друштво за вршење на енергетски дејности “Национални Енергетски Ресусри“ до Министерството за животна средина и просторно планирање кои, пак, ја ставиле на увид  на веб страницата на министерството.

И интернет страницата на НЕР исто така потврдува дека „во рамки на процесот на вклучување на засегнати страни има можност за доставување на прашања или загрижености преку соодветна комуникација и формулар на веб-страницата на НЕР АД Скопје или во општините во Проектната област и дека прашања може да се поднесуваат во писмена форма или во директен контакт со одговорните инженери за проектот“, при што се наведени и имињата на лицата за контакт и нивните телефонски броеви и имејл адреси.

И толку за грижата за екологистите. Не дека не треба да си ја бркаат работата и да бидат мониторинг на грижата за животната средина и за транспарентното работење на владините и дригите институции, но секако дека тоа треба да биде во согласност со јавниот интерес на стратешките проекти кои не треба дополнително да се блокираат во нивната реализација.

Да потсетиме дека Еко свест неколку месеци, ако не и цела година ги одлагаше работите на гасоводот на Водно, иако и Владата и Град Скопје укажуваа дека тој поминува низ делови со нискостеблесто зеленило за кое постои веќе изготвен план како да се надомести.

Да потсетиме и на тоа дека тогаш Владата и МЕР обезбедија 43 милиони денари за пошумување на Водно и кањонот Матка долж гасоводната траса и за првпат истовремено со еден инфрструктурен зафат да се обезбеди средства за ревитализација на средината.

Гасниот коридор југ-север и македонскиот влог за независност од истокот

Ситуацијата во којашто се најде Македонија, како злоупотреба на руските потенцијали со енергенси како оружје во политиката и војната во Украина, отвори дополнителни суштински прашања за стратегијата на нашата земја во однос на сопствената енергетска независност како единствена исправна перспектива.

Во последните две или три години, се најавија инвестиции во големи капацитети во фотоволтаични и ветерни електрани и во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија, германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот, и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк исто така најголем во регионот, а до крајот на годината ќе заврши евалуацијата на понудата на единствениот и конечен инвеститор за изградбата на проектот Чебрен на грчкиот конзорциум ППС, по што се очекува потпишување на договор за изградба.

Проектот ХЕЦ Чебрен, кој како идеа се роди во далечната 1963 година, сега конечно стигна во својата втора фаза, откако пропаднаа 13 или 14 тендери и во наредните 7 години треба да биде завршен како проект што ќе го реализира грчката компанија „Архиродон“, една од најреномираните во светот.

Дека Македонија е на пат да се ослободи од гасот од истокот, односно од Русија и Газпром, говори и учеството на Македонија во проектот Александропули кој опфаќа два мегаподпроекти – Гасниот терминал за ЛНГ, односно втечен гас од САД, Катар, Египет и други земји, и гасната електрана на „прстофат“ до терминалот со капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите треба да бидат завршени до крајот на 2024 година.

Гасниот терминал за ЛНГ во Александропулис во Грција

Северна Македонија беше поканета уште на стартот на овој голем проект, кој со 167 милиони евра е поддржан и од ЕУ, да биде содружник, односно акционер, и Владата на Ковачевски, откако претходниот премиер Заев ја започна постапката, ја продолжи до заокружување целата постапка со потпишаните меморандуми и изразени намери за учество.

Проектот Александопулос не е само гасниот терминал, и за количните коишто треба таму да се закупат, туку станува збор и за гасна централа како енергетски објект со капацитет од 800 мегавати којшто ќе биде завршен во 2024 година.

Од ЕСМ за потребите на оваа анализа добивме информација дека гасниот терминал во Александропулис, кој започна да се гради во мај годинава, АД ЕСМ ќе закупи 10% од капацитетот, односно за истото веќе е потпишан договор. Капацитетот на гасниот терминал  ќе изнесува 5,5 милијарди nm3, од кои АД ЕСМ односно Северна Македонија ќе закупи 10%, односно 500 милиони nm3 гас од вкупниот капацитет на терминалот.

Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400nm3, што говори дека државата со обезбедувањето на таа количина од гасниот терминал Александропули и со интерконекторот со Грција ќе обезбеди трајна и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на Гаспром, односно Русија.

Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, ако имаме предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постоечката во Неготино.

Со оглед на местоположбата што ја имаме како држава и поставеноста на своевидна крстосница, со нашето учесттво во Александропули се отвора и можноста преку Северна Македонија, со дополнителни интерконектори да се реализира снабдување и на земји, пред сѐ Албанија и Косово, и на тој начин како држава да оствариме значителна заработка.

Оваа можност во 2020 година ја договори претходниот премиер Заев кој издејствува учество на нашата земја во овој проект со тоа што петте акционери ДЕПА (грчката државна компанија за изградна на гасна инфратсруктура), Булгартрансгас (државна компанија за дистрибуција на гас), Гаслог (приватна компанија за бродски ттранспорт на ЛНГ), Копелузос (приватна компанија за трговија со гас и гасна инфраструктура) и ДЕСФА (државна компанија за дистрибуција на гас), како содружници акционери, се согласија да отстапат по 2% од своите акции за Македонија, односно за НЕР, акционнерското друштво за вршење енергетски дејности во државна сопственост.

Од НЕР ни одговорија дека „во тек се преговори за усогласување на текстот на договорот за интерконекција меѓу Гама (македонскиот  дистрибутер на гас) и Булгартрансгас, кој ќе биде потпишан многу скоро, во тек се преговори за усогласување и на патоказот меѓу НЕР и Булгартрансгас, кој се надевам дека исто така ќе се потпише многу скоро, и со тоа ги дефинираме сите наши натамошни правци на соработка, во интерес на двата система за пренос на природен гас“.

Како што велат од ЕСМ вредноста на закупениот гас од 500 милиони кубни метри за нашите потреби ќе изнесува 9,8 милиони евра годишно и тие средства ќе бидат дел од цената на гасот, односно ќе бидат вградени во неа, и ќе се вратат преку продажбата на гасот, односно нема да постојат финансиски импликации, туку ќе има враќање на средствата вложени за закуп.

Од ЕСМ уште не информираа дека што се однесува до гасната електрана во Александропули, за проектот е потпишан меморандум меѓу ЕСМ и грчката страна, но нема донесена одлука од Владата на РСМ за потпишување договор.

“Тоа е добар проект“ вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, а енергетскиот консултант Митко Андреевски препорачува поголема проактивност во овој проект.

„Бевме едни од првите поканети да земеме учество во тој проект којшто е силно поддржан од САД“, нагласува енергетскиот консултант Андреевски. Сето ова е во согласност со стратегијата на Северна Македонија да создаде посилен и диверзифициран енергетски сектор и, можеби најважното, да ја намали зависноста од еден добавувач и со тоа да ја елиминира ранливоста на надворешните шокови. Секако, останува и понатаму како приоритет инвестирањето во обновливи  и еколошки извори на енергија  и интеграција во регионалниот и европскиот енергетски пазар како стратешки определби за земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен