Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Актуелните македонски филмови исцртуваат нови жанровски и тематски контури

Анти-бајка, жанровски филм, on the road комедија, семејна драма, трилер, хорор… се нијансите кои доминираат или се преплетуваат низ рекордниот број наслови што годинава ги бележи македонската кинематографија

Пишува: Стојан СИНАДИНОВ

„Преекспонирано“, „Бизнисот на задоволството“, „Домаќинство за почетници“, „Лена и Владимир“, „М“, „Те дуа, жими мене“, „Кино Љубов“…

Ова се филмските наслови во македонска продукција кои годинава имаа домашни или светски премиери, или се непосредно пред премиерно прикажување. Притоа, пет од нив се финансирани од Агенцијата за филм, а два се во независна продукција („Те дуа, жими мене“ и „Кино Љубов“).

Анти-бајка, жанровски филм, on the road комедија, семејна драма, трилер, хорор… се нијансите кои доминираат или се преплетуваат низ следниве наслови.

„Преескпонирано“

Сценаристката и режисерка Елеонора Венинова со нејзиниот првенец „Преекспонирано“ („Things Unsaid“) ја отвори сезоната со учество на Филмскиот фестивал во Каиро (Египет). „Преекспонирано“ на тој фестивал од А категорија ја имаше светската премиера, а потоа забележа учество и на фестивалите Pune International Film Festival, Индија, Dolina Miru KinEst Fest, Италија, (каде што освои Специјална Награда), Eurazja Film Festival, Полска, European Film Festival, Палич, Србија, Everybody’s Perfect, Швајцарија, CinEast Festival, Луксембург, Beach Film Festival во Охрид, и на претстојниот скопски фестивал Kinenova.

Дебитантскиот филм на Венинова со неговата камерна структура ја раскажува сторијата за проблематична тинејџерка која ја нарушува кревката рамнотежа на една брачна двојка, откако доаѓа кај нив на гости на неколку дена, кога ќе мораат да си ги преиспитаат односите.

Преекспонирано“ исцртува некои нови контури во македонската кинематографија, „европеизирајќи“ ги интимните односи во класичниот македонски брак на начин што за неговата нефункционалност не се потребни само алкохол и шлаканици. Посилно средство од нив е желбата да се манипулира, а Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска убаво го доловуваат тоа…

„Бизнисот на задоволството“

„Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски со наградата за најдобар долгометражен филм доделена на затворањето на фестивалот „In the Palace“ во Софија во јуни годинава успешно го започна фестивалскиот живот. Филмот ја имаше македонската премиера на затворањето на CINEDAYS во јули во Скопје.

„Бизнисот на задоволството“, повторно, е дебитантски филм на режисерот Цветановски, политички трилер според жанрот, снимен за време пандемијата на ковид-19 (како и „Преекспонирано“). Сторијата говори за новинарка која опседната со исчезнувањето на нејзината најдобра пријателка, па затоа подготвува тајна операција со цел да ја разоткрие мрежата за трговија со жени. Но, како што нејзините соучесници се приближуваат до шефот, ситуацијата излегува од контрола.

Улогите ги толкуваат Муса Исуфи, Слаѓана Вујошевиќ, Исмаил Касуми, Дамјан Цветановски, Осман Ахмети, Елени Декидис, Мендим Муртези, Егзона Салиху, Авни Далипи и Катерина Коцевска. Директорот на фотографија Фејми Даут првпат се потпишува како кинематографер на долгометражен игран филм по успехот со извонредниот документарец „Медена земја“, а продуценти на филмот се Дритон Рамадани, Богдан Јончевски и Гоце Цветановски.

„М“

Филмот „М“ на Вардан Тозија светската промоција ја имаше на Филмскиот фестивал во Кан, во рамки на Маркетот за филмски професионалци и на Берлинскиот филмски фестивал, македонската премиера на отворањето на скопскиот фестивал CINEDAYS, а од минатата недела е на редовниот кинорепертоар.

Во оваа македонско-хрватско-косовско-француско-луксембуршка копродукција Тозија, според сценариото што го потпишува заедно со Даријан Пејовски, креира дистопија, сосем нетипично за традициите на македонската кинематографија. „М“ како приказна кокетира со предизвиците на човештвото во глобална рамка – како што се пандемијата со ковид, постапокалиптичното општество – трудејќи се локалното да го „продаде“ како универзално. Зомби-креатурите веќе одамна се стереотип во жанровскиот филм, па Тозија во „М“ повеќе илустративно им ја наменува улога на лошите момци. Впрочем, како и мелодраматскиот крај, повторно типичен за овој жанр.

Главниот лик, малиот Марко, и неговиот претерано заштитнички настроен татко живеат испоснички во некоја густа шума. На светот му се случила апокалипса, и во него се водат борби меѓу зомби-суштествата, добровооружената и опремена елита и малкуте „обични“ луѓе. Случајната средба на Марко со беспомошното момче Мико внесува малку топлина и поврзаност во неговиот изолиран свет. Нападот на зомбите ќе ги натераат Марко и Мико на пат во суровиот свет во потрага по спасение…

Како и во неговиот мошне успешен дебитантски филм „Џган“ од 2016, Тозија повторно умешно користи деца-натуршчици (одличните Матеј Сиваков и Александар Ничовски), кои со Сашко Коцев, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Борис Дамовски, Благој Веселинов, Жаклина Петровска, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Јасмина Билаловиќ, Сабина Ајрула, Владимир Тулиев

„Домаќинство за почетници“

Третиот долгометражен игран филм на македонскиот режисер од Австралија Горан Столевски воедно е и прв негов домицилно македонски наслов. Неговиот дебитантски игран филм, хоророт „Нема да си сама“ (You won’t be alone) – сниман во Македонија, во него учествуваа и домашни актери – беше премиерно прикажан на Sundance Film Festival во 2022 година, а истата година, неговиот втор филм „Доволно возрасни” (Of an Age) го отвори Melbourne International Film Festival.

„Домаќинство за почетници“ кој Столевски имаше премиера на 80. Филмски фестивал во Венеција. Филмот ја освои 17. Queer Lion наградата во конкуренција од 16 филмови, меѓу кои и насловите „Dog Man“ на Лук Бесон и „Maestro“ на Бредли Купер, заради невообичаеното и храбро прикажување на етникумите, различностите, родовиот идентитет, љубовта, пријателството и емотивните афинитети.

„Квир семејствата не се иднината; тие се сегашноста!“, изјави режисерот Столевски на доделувањето на наградата. Образложението за специјално признание што филмот го доби од италијанската фондација Fondazione Fai Persona Lavoro Ambiente за социјално ангажиран филм гласи: „Филмот е навистина извонреден бидејќи го истражува влијанието на различните слоеви на идентитет, како што се полот, етничката припадност, сексуалната ориентација и религијата преку интерсекциска призма“.

Во филмот во кој настапуваат Сара Климоска, романските актерки Ана Марија Маринка и Алина Шербан, Владимир Тинтор од Хрватска, Самсон Селим, Миа Мустафа и Џада Селим, Ајше Усеини од Македонија и Розафа Целај од Косово… Столевски плете приказна за социјалните ѕидови во општетсвото со кои се оградени малцинските групи – Ромите, ЛГБТ заедницата… кога ќе посакаат да создадат брак е живот како сите останати граѓани.

Со „Домаќинство за почетници“ беше отворено годинешното 44. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што се одржа од 23 до 29 септември во Битола, а филмот веќе освои номинации за престижната награда на Европската филмска академија и за Европската универзитетска филмска награда. „Домаќинство за почетници“ е и македонски кандидат за наградата „Оскар“.

Филмот го започнува прикажувањето во скопските кина од 12. октомври (четврток).

„Лена и Владимир“

Дебитантскиот долгометражен игран филм на Игор Алексов во македонско-српска копродукција, со Тони Наумовски и Сара Климоска во главните улоги, е модерна анти-бајка (сценарио Александар Русјаков) за два лика исклучени од општеството. Тој ја изгубил љубовта и се повлекува во самотија. Таа е девојка од Дом за сираци, силувана, малтретирана, никогаш не почуствувала љубов. Кога ќе им се вкрстат патиштата на „чудовиштето“ и убавицата, животите им се свртуваат наопаку…

Режисерот Алексов (долгогодишен прв или втор асистент на голем број македонски режисери – Сашо Павловски, Дарко Митрески, Митко Панов, Марија Џиџева, Дина Дума, Елеонора Венинова) ги креира средовечниот Владимир (Наумовски), осаменик од шумата со нагрден лик, и Лена (Климоска), тинејџерка побегната од од ужасите што ги доживува во Домот за сираци, како совест на нашето живеење. Во останатите улога настапуваат Петар Мирчевски, Петре Арсовски, Благоја Чоревски, Кирил Коруновски, Дениз Абдула, Ангела Димитрова, Никола Кузелов, Стефан Вујисиќ, Луран Ахмети…

„Лена и Владимир“, чиј кинематографер е веќе потврдениот мајстор Душан Кардалевски, имаше чест да биде прикажан на затворањето на 44. Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

„Те дуа, жими мене“

Марјан Гавриловски во 2016 година го режираше долгометражниот игран филм „Јавачи на коњи“, кој освои 20-ина награди на фестивали за независен филм. „Те дуа, жими мене“ е повторно во независна продукција, и повторно со Никола Кузелов како сценаристички соработник.

On the road комедијата со Никола Кузелов, Атанас Атанасовски, Валентин Видовиќ, Ангела Стојановска, Сенко Велинов, Тони Михајловски, Игор Џамбазов, Исмаил Касуми, Мирсад Ибази, Мими Таневска, Владо Јовановски, Фирдаус Неби, Елдин Широки, Надица Петрова, Руиш Беговска, Талија Настова… говори за еден маалски џанак, коцкар и армоникаш, кој ќе купи жена од Албанија, а потоа ќе посака да ја врати назад. Со таа постапка тој и пријателите стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа несекојдневни ликови.

„Како и речиси сите македонски долгометражни филмови, и овој најпрвин требало да го надмине основниот предизвик – воопшто да биде снимен. Независна продукција со одлична актерска екипа која слободно може да чита и телефонски именик, тоа е забавна комедија на забуни, која си подигрува со балканските стереотипи“, гласи досетливата, но ни малку нежна критика на Илина Јакимовска.

Како и да е, ентузијазмот на филмската екипа создала забавна приказна – секако со низа стереотипи во неа – која (ќе) си најде пат до публиката.

„Кино Љубов“

Македонската премиера на вториот игран филм на Јани Бојаџи, „Кино Љубов“, е в петок, 13 Октомври, во 21 ч. во штипското кино „Киноверзум“. Режисерот најавува приказната за луѓе кои во време кога околу нив се распаѓа сè, и после дваесет години ќе останат во брак.

По промената на политичката ситуација во Македонија Коста е актер кој четири години е без ангажман во неговиот театар. Неиграњето го убива. “Секое зло, за добро“ – решава дека тоа е моментот да го реализира својот животен сон да направи приватно кино во кое ќе се прикажуваат само љубовни филмови. И зема заем од неговиот шура Стево, инаку познат лихвар во градот.

Една недела пред да го отвори киното се прогласува епидемија на ковид 19 и сè пропаѓа. Коста е во долгови и со месеци се крие од Стево кој се заканува дека ако го најде, ќе го убие затоа што не му го вратил долгот. Стево е немилосрден, си ги сака парите назад: така се растура семејството потонато во меѓусебни долгови и недоразбирања.

Мира, сопругата на Коста, заедно со нејзината снаа Фроса, сопруга на Стево, решаваат да стават крај на ова драма и фрлаат бомба под колата на Стево со намера да го убијат. Стево е повреден, но жив. Го превзема киното од Коста и го нарекува “Кино Љубов“. На денот на свеченото отворање, се пораѓа Фроса која девет години не можела за забремени, според кажувања на народот од клетви заради лихварството на Стево.

Главните улоги ги играат Јелена Жугиќ, Дејан Лилиќ, Роберт Ристов, Мирјана Ристов и Благоја Чоревски. „Кино Љубов“ досега забележа учество на десетина фестивали.

Вреди да се напомене дека грчко-македонската копродукција „Зад стоговите сено“ на Асимина Проедру го отвора годинешното 8. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Киненова“ на 13 октомври (петок) во Скопје.

Дебито на грчката режисерка Проедру, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, изминатава година беше фестивалски и кино-хит: филмот доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија, а претходно и 4 награди на Филмскиот фестивал во Солун.

Зачлени се на нашиот е-билтен