Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Панаѓур на суетите

Друштвото на писателите на Македонија го наоѓа својот пат до медиумите и до пошироката јавност исклучиво кога ќе се случи некој скандал. Или, подобро кажано, кога ќе се случат скандали

Пишува: Ѕвездан ГЕОРГИЕВСКИ

Неволјата и пропаста речиси никогаш не се громови од ведро небо. Почесто се наоѓаат во лажливото верување на некои, кои, уверени во сопствената месијанска улога, наводно го уриваат старото и градат ново, а всушност го рамнат теренот за копање амбис.

Не знам колку оваа реченица на хрватската писателка Ивана Шалај, напишана во нејзиното барање да биде избришана од членството на Друштвото на писателите на Хрватска, може да се примени со актуелните состојби во Друштвото на писателите на Македонија, ама секако можат да се извлечат некои паралели.

И ДПМ, како и хрватската писателска асоцијација, го наоѓа својот пат до медиумите и до пошироката јавност исклучиво кога ќе се случи некој скандал. Или, подобро кажано, кога ќе се случат скандали. И најчесто за тие скандали (или состојби) се обвинува првиот човек на Друштвото, односно неговата умислена месијанска улога.

Неодамнешната оставка на осум членови на Претседателството на ДПМ, ако ништо друго, го отвори прашањето за целта, функцијата или, како што денес би се рекло, мисијата на македонската писателска асоцијација.

За волја на вистината, авторот на овие редови, иако зад себе има пет авторски книги, никогаш не бил заинтересиран за членување во оваа организација, па така многу бегло и ме интересира што таму навистина се случува. Едноставно, мислам дека ДПМ одамна ја изгуби смислата на своето постоење, па дури е и надвор од фокусот на голем дел од своите членови.

Мотивот, сепак, да се искористи скапиот медиумски простор за објава на текст на оваа тема се наоѓа во фактот дека ДПМ е најголемата писателска организација кај нас, со голема традиција и некогаш важна улога во развојот на македонската култура. Плус ползува извесни јавни ресурси што по дефиниција е јавен интерес.

Како долгогодишен новинар во областа на културата имав можност да ја следам работата на ДПМ одблиску. И тоа повеќе децении. А тоа секако ми дава легитимитет да го изнесам своето мислење за она што сега се случува таму.

Ова, се разбира, не е прв раскол (ако воопшто е раскол) во Друштвото. За разлика од сегашните членови на Претседателството што се повлекоа од своите функции, а не од членството во ДПМ, во средината на 90-тите години, една поголема група автори, и тоа, би рекол, мошне важни имиња за македонската литература, го напуштија Друштвото, незадоволни од неговата работа, и формираа Друштво на независни писатели.

Меѓу нив беа: Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Лилјана Дирјан, Ефтим Клетников, Петре М. Андреевски, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Игор Исаковски, Никола Маџиров, Роберт Алаѓозовски… Имиња кои доволно говорат за тоа за каков потрес се работи. Меѓутоа, ДПМ, што би се рекло, ни мува не го полази. Не смени ништо во својот пристап кон работите.

Независните писатели, пак, го објавуваа својот весник „Наше писмо“, се обидуваа да воспостават поблиски врски со своите колеги од регионот и организираа повеќе манифестации, но, сепак, не успеаја да се етаблираат како сериозен „конкурент“ на ДПМ, така што не ни знам дали денес воопшто постојат. ДПМ, се разбира, постои, што доволно говори за жилавоста на системот.

И во „мирнодопските“ времиња на Друштвото на писателите, некои писатели се откажуваа од своето членство. Некои од нив тоа го правеа тивко и без многу врева во јавноста. Некои, пак, не го криеја своето незадоволство од (не)постапувањето на ДПМ.

На крајот на 2012 година, Димитар Башески со отворено писмо, по четири децении членување, се повлече од ДПМ поради нивното молчење за бркањето на новинарите од Собранието на Република Македонија.

Интересен факт е дека неговото повлекување беше можеби единственото што донесе некаков, макар краткорочен плод. Веднаш по јавното објавување на неговото отворено писмо, ДПМ го осуди бркањето на новинарите. Башески, колку што ми е познато, никогаш повеќе не се врати во нивните редови.

Како изгледа влијанието на Друштвото на писателите, можеби најдобро може да се илустрира со една реченица на еден од некогашните претседатели на ДПМ, кажана на авторот на овие редови во приватен разговор пред повеќе децении. Токму поради приватноста на разговорот тука нема да му го спомнам името. Тогашниот претседател вели: „Кога Блаже Конески, во својство на претседател на ДПМ, ќе се јавеше во Министерството за култура, министерот стоеше во став ‘мирно’ со телефонската слушалка на уво, а јас не можам да стасам ни до секретарката на министерот“.

Што се случува сега во ДПМ? Тоа е прашање на кое одговорот практично го знаат само инволвираните во случајот. За разлика од Башески и групата што го формира Друштвото на независни писатели, седум од осумтемина што поднесоа оставки во Претседателството на ДПМ, се решија да не ја „реметат“ јавноста и излегоа со едно штуро соопштение во кое нема ни „п“ од причините за нивното незадоволство.

Единствено Бранко Цветковски во својата издвоена и куса писмена оставка наведе дека ја дава „…поради непочитување и кршење на статутарните одредби на најголемата писателска организација во Македонија, поради приватизирање и манипулирање со тимското работење и колективниот одлучувачки капацитет на нејзиното Претседателство, од страна на претседателот на ДПМ,, со што се засили опаѓањето на угледот на асоцијацијата меѓу членството и натамошната деградација на писателското достоинство…“

И од реакциите на писателите по социјалните мрежи може да се заклучи дека примарното незадоволство доаѓа од самоволната работа на претседателот на ДПМ, Христо Петрески и дека се бара итно свикување вонредно Собрание за да се изгласа ново раководство.

Се чини дека и Христо Петрески не сака да ја „вознемирува“ јавноста, па и тој не дава никакво соопштение со неговиот став околу овие обвинувања. Единствено на фејсбук-налогот на ДПМ е објавено „Соопштение на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија“ каде што се демантираат наводите од оставката на Цветковски, како и наводите што веќе се појавија во јавноста.

Останува нејасно за кое Претседателство се работи, кога практично сите членови поднесоа оставки.

Не го знам статутот на ДПМ, ама од пракса знам дека постои можност да се кооптира нов член во раководниот орган, ако некој член од кои било причини се повлече од телото. Мислам дека токму Бранко Цветковски, на тој начин ја замени Јулијана Величковска, која поднесе оставка уште минатата година. Но, сепак, можеби е легално да кооптираш цело ново претседателство, ама легитимно секако не е.

Но, да бидам искрен, тоа не е ниту најважната работа во случајот. Многу поважно е што никаде во бројните ставови изнесени во јавноста не прочитав што суштински би се променило ако Петрески доследно работел по статутот? Или што суштински ќе се промени ако се одржи вонредно собрание?

Ќе се формира ли, на пример, фонд за преводи на македонската литература? Ќе се предложи ли нов закон за култура каде што ќе се регулираат хонорарите на писателите? Ќе обезбеди ли ДПМ поголемо учество на македонските писатели на светските манифестации? Ќе најде ли начин книгата да се дистрибуира до поголем бројчитатели? Ќе воведе ли критериуми за стандардот на книжевниот збор?

Како што сега стојат работите, сето ова наликува само на уште еден панаѓур на суети, состојба на која Друштвото никогаш не било имуно.

Извор: Призма

Зачлени се на нашиот е-билтен