Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Проедроу и Лечиќ на 8. МФФ Киненова: Културата на овие простори може да ги надмине сите бариери

На денешната прес конференција на МФФ Киненова беа претставени Бранислав Лечиќ, годинешен лауреат на наградата за особен придонес во филмската уметност и Асемина Проедроу, режисерката на филмот „Зад стоговите сено“ со кој ќе биде отворено годинешното 8. издание на Фестивалот.

Заблагодарувајќи се на доделеното признание, Лечиќ рече дека за него се важни сите награди.

-Мене лично наградата ми значи многу. Се разбира, сум добил бројни награди и на меѓународен план и регионално и во сферата на театарската и во филмската работа. Две награди ми се мошне драги, а тоа е оваа која вие сега ми ја давате- затоа што тоа на некој начин е собирање на улогите на филмот и претставува еден вид затворање на кругот. Тоа што вие први сте го виделе и сте го согледале, тоа е добар знак за мене. Драга ми е уште една награда која ја добив во Дубровник, тоа е „Орландо“ која се доделува за најдобро остварување во последните десет години. Ова е важно бидејќи докажува дека културата на овие простори може да ги надмине сите бариери, истакна Лечиќ.

Рече дека случајно дошло до тоа да стане актер. Како многу млад имал идеја да се занимава со филозофија, но по разводот на родителите, останал да живее со мајка си, која работела како шивачка, па морал да научи стругарски занает за да придонесува финансиски во семејството.

-Веднаш ме примија кога конкурирав на Академијата, така што не ја пронајдов јас глумата, глумата ме пронајде мене. Таа за мене е многу повеќе отколку професија и занает и благодарен сум на таа случајност. Во моментов подготвувам неколку претстави во Белград, една од нив е „Олеана“ на Дејвид Мамет, американски писател кој направил дело кое е една од најиграните претстави во светот во моментов. Режијата е на Егон Савин, тоа е дуа драма и играме јас и Јована Крстиќ, а премиерно ќе биде изведена во Тиват на 19 ноември, рече Лечиќ.

Долгометражниот игран филм „Зад стоговите сено“ (Behind the Haystacks), дебито на грчката режисерка Асимина Проедроу, во кој копродуцент е и македонската куќа „Сектор филм“, утревечер ќе го отвори 8. издание на МФФ Киненова. Денеска на средбата со новинарите присуствуваше режисерката Проедроу и претставници на „Сектор филм“ кои споделија искуства од снимањето и успесите на филмот.

-Филмот се снимаше во време на ковид пандемијата и имаше повеќе предизвици. Соработката беше одлична, и благодарение на тоа успеавме бидејќи снимавме на три различни територии и две држави- Грција и Македонија. Дојранското езеро е всушност главната локација на која се одвива дејствието. Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021, во време на ковид пандемијата. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд Еуримаж. Станува збор за тоа како обични луѓе стануваат заробени во корупција, раскажа Асимина Проедроу, која откри дека Дојран како локација го открила на Гугл откако и било посочено како интересно место за време на нејзиниот престој во Лондон на магистерски студии.

„Зад стоговите сено“ доби десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија. Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.

Филмот „Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија. Македонски продуценти се Владимир Анастасов и Ангела Несторовска.

-Навистина ни е драго што токму овој филм ќе го отвори фестивалот Киненова. Како продукција, низ годиниве внимателно одбираме во кој проект ќе учествуваме и досега имаме искуства со различни земји. Ова беше прва наша соработка со авторка од Грција и уште додека беше проект го видовме во Берлин и сметавме дека е важно да се развие културната соработка помеѓу двете земји, рече Ангела Несторовска од „Сектор филм“, која раскажа дека иако имало предизвици со снимањето во време на ковид пандемијата, токму снимањето на сцените на граничниот премин успеале да ги снимат без вообичаени проблеми, бидејќи поради локдаунот немало движење на границата.

Зачлени се на нашиот е-билтен