Во интервју за Рацин.мк, амбасадорот на Австрија во нашата земја Мартин Памер, ја образложува намерата и целта на документот „Унапредување на евроинтеграцијата на Западен Балкан“ кој минатата недела му беше предаден на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој, според содржината најавува нова динамика на преговарачкиот процес и ја прави уште подостижна целта на Северна Македонија за членство во ЕУ до 2030. Рацин.мк имаше увид во документот кој предвидува повеќе институционални инструменти и финансиска поддршка и постепена политичка и административна интеграција пред затворање на сите поглавја.
Со амбасадорот Памер разговараше Зоран БОЈАРОВСКИ, Фото и видео: Ангел АНГЕЛОВСКИ
Рацин.мк: Ваша екселенцијо, амбасадоре Памер, ви благодарам за оваа можност да поразговараме за документот „Унапредување на евроинтеграцијата на Западен Балкан“ на Владата на Австрија, што минатата недела му го предадовте на вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ. Која е целта на овој документ?
Амбасадорот Памер: Пред сѐ благодарам и добар ден. Ви благодарам што не контактиравте за да разговараме за овој важен нонпејпер, односно писмо, што во име на нашата влада, поточно во име на министерката за устав и за европски прашања Каролине Ештадлер и министерот за надворешни работи на Австрија Шаленберг. Писмото е адресирано до еврокомесарот Вархеји и до највисоките институции на Европската Унија, како што се Европската Комисијата и до високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на ЕК, Жозеп Борел.
Содржината на овој документ е веќе доволно познат. Во принцип станува збор за забрзување на процесот за пристапување на Западен Балкан во ЕУ, односно за постепено пристапување. Да кажам поедноставно, тоа значи да им овозможиме на нашите партнери од Западен Балкан, односно Северна Македонија да учествува со поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, таму каде што може да партиципира и каде што има смисла. Тоа практично значи да се подобри процесот на евроинтеграција.
Досега процесот беше базиран на исполнување на обврските од поглавје во поглавје којшто беше прилично бавен. Зборуваме за повеќе од 20 години и со мали резултати од аспект на гледната точка на граѓаните. Сега сакаме тој процес да го забрзаме. Зошто? Затоа што сега зборуваме за комплетно промената геостратегиска ситуација во Европа, но најмногу и заради тоа што нашите партнери во регионот, поточно Република Северна Македонија заслужуваат да бидат дел од ЕУ и да бидат дел од една поголема Европа. Секако вие сте дел од Европа, но не дел од институционалната рамка што останатите земји на ЕУ го имаат како придобивка како што е заедничкиот пазар, сите програми за поддршка. Иако вашата земја веќе учествува во некои од заедничките програми како што се безбедноста, или во заедничките политики за надворешни работи.
Значи, целта е да ги разбудиме европските функционери, европската јавност и да го свртиме вниманието кон Западен Балкан.
Во принцип станува збор за забрзување на процесот за пристапување на Западен Балкан во ЕУ, односно за постепено пристапување. Да кажам поедноставно, тоа значи да им овозможиме на нашите партнери од Западен Балкан, односно Северна Македонија да учествува со поголемо вклучување и во повеќе програми и форуми на ЕУ, таму каде што може да партиципира и каде што има смисла.
Кога велите „да го забрзаме процесот“ евроинтеграција на Северна Македонија, можеме ли да го поврземе со најавата за новото проширување на ЕУ на форумот во Блед и сега, а минатата недела во Гранада беше потврдено, дека ЕУ треба да се подготви за новото проширување во 2030 година?
Се разбира, зборуваме за новото проширување со земји од Западен Балкан. Имаме и нови кандидати и нова перспектива на ова прашање заради војната агресија на Руската Федерација во Украина, односно тука се Грузија, Молдавија и Украина. Австрија и групата пријатели на Западен Балкан сака да види неколку нивоа во пристапувањето на земјите од овие две групи. Не би сакале заради евроинтеграцијата на Грузија, Молдавија и Украина, земјите на Западен Балкан да останат позади, да заостанат. Сметаме дека тие (земјите од Западен Балкан) се еднакво подготвени ако е и подобро подготвени.
Го спомнавте Блед, претпоставувам дека мислите и на идните европски настани и мислам дека документот и неговата содржина се иницијација за процес кој треба да создаде свест дека треба да направиме нешто.
Точно е тоа дека интеграцијата и пристапувањето се работа во прогрес, со домашни задачи коишто треба да бидат исполнети во поглед на идните полиња за подобрена и продлабочена соработка. Неопходно е работите да бидат завршени со ефикасно исполнување и имплементирање на новите идеи за поголем пристап кон европските програми, како на пример со вклучување на владини претставници за стажирање во европските институции, за подобрување на пристапот за финансиска поддршка, за зајакнување на капацитетите за пристап до ИПА програмите кои често пати се неуспешни заради неефикасноста на администрацијата или заради комплексноста на постапките. Ова се дел од процесите на кои сакаме да работиме и да ги забрзаме.
Кога ја спомнавте 2030 година, сметам дека е неопходно да се одреди датум за да се добие одредена перспектива затоа што процесот веќе предолго трае и од стратешка гледна точка потребно е се забрза. Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или било која друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Можеби 2030 година за некои земји е прерано, а за некои може да е и предоцна. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме.
Процесот веќе предолго трае и од стратешка гледна точка потребно е се забрза. Нема смисла да се чека на секој параграф, аспект или било која друга обврска да биде исполнета за да кажеме сега можете да станете членка на ЕУ. Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција.
Како ќе го примат вашиот документ европските институции?
Сметам дека европските институции се свесни дека добро го примија документот. Но, кога има неколку големи прашања и кога зборуваме за проширувањето има неколку аспекти. Како прво ЕУ треба да се реформира себеси. Институциите треба да се реформираат, тоа е многу сложен процес. На пример како да се промени прнципот на едногласност (консенсуалност) ако сите треба да се согласат. Тоа е процес во тек. На масата е новиот германско-француски документ и со тоа едноставно треба да се справиме. Нема друга опција, мора да се направи.
Како второ, тука е Акцискиот план за Западен Балкан на претседателката на ЕК фон дер Лајен, којшто е поткрепен со доволно финансиски средства. Тоа значи дека постои подготвеност. Но, мора да прифатите дека Европската Унија, Европската Комисија се комплексни институции, постојат различни интереси и се работи за тоа да се најде заедничка основа за имплементација на нештата. Во принцип постои согласност, но постојат и некои западноевропски земји членки со малку поинакви интереси, потоа тука е групата земји пријатели на Западен Балкан од централна Европа, Австрија, Словенија, Хрватска со интерес за поголема брзина на процесот на интеграција на Западен Балкан. Зошто? Затоа што за нас е особено важно регионот да биде стабилен и сигурен, да има атмосфера која што ќе значи дека прогесот е можен. Можам да кажам дека гледаме одредени резултати, но, се разбира, не може да очекуваме да биде така како што очекуваме дека треба да биде, но важно е да се одржува динамиката на процесот.
Во таа насока сѐ зависи од нашите обврски, од нашата домашна работа којашто треба да си ја завршиме?
Не. Мислам дека тоа се однесува на двете страни. Двете страни треба да работат на свите домашни задачи. Секој треба да биде потсетен, да биде „буткан“ и да се биде оптимистичен. Тоа е многу важен елемент. Не треба да се потклекне и да се рече „не можам ништо повеќе“. Туку „можеме“ и „треба да направиме повеќе“.
Не можете да ги одлагате уставните измени како оправдување дека треба да ги спроведете другите реформи. Тоа е домашно прашање кое треба да биде завршено пред изборите следната година. Многу подобро е таа работа да се заврши сега отколку да се одлага.
Кои се вашите сугестии, вашите препораки за нашите, домашните луѓе одговорни за можностите за новото проширување на ЕУ? Моето мислење е дека не смееме да го одлагаме овој процес.
Не, двете страни не се во позиција да одлагаат. Многу добро знаеме дека за секоја земја од регионот одлагањето на евроинтеграцискиот процес значи проблеми. Во однос на Северна Македонија уставните измени се суштинско прашање. Дури и ако неме согласност како дојдовте до таа ситуација. Дури и ако речете дека бевте приморани да направите толку отстапки за иднината на вашата земја. Се согласивте на промена на името, на знамето, направивме уставни реформи, ги постигнавте Охридскиот и Преспанскиот договор и толку, доволно е… Разбирливо е тоа. Но, тоа што го добивте е многу повеќе од она што можевте да го изгубите. И да бидам искрен, содржината на уставните амандмани во преамбулата за вклучување на бугарското малцинство, е, всушност, најодбриот доказ дека Северна Македнија е држава која е стабилна да биде земја членка на ЕУ. Од таа широка перспектива тоа прашање тоа е домашно прашање кое треба да биде завршено пред изборите следната година. Многу подобро е таа работа да се заврши сега отколку да се одлага.
Тоа е под број еден. Се разбира остануваат многу реформи коишто треба да бидат завршени или да се започнат. Затоа не можете да ги одлагате уставните измени како оправдување дека треба да ги спроведете другите реформи.
Оваа земја има голем потенцијал. За луѓето што сакаат да инвестираат и да видат што можат да направат во таа смисла, јас, патувајќи низ земјата, видов многу места што се празни, ништо не се случува, но тоа е повразно и може да се промени со позитивен пристап и со перспектива и затоа треба нешто да се направи. Постигнато е многу, но може уште многу да се направи.
Истото се однесува и на ЕУ. Институциите и водечката елита треба да си ја завршат нивната домашна работа, односно да јс спроведат институционалната реформа на ЕУ. да продлжат да го прават тоа. Со постојаното зборување на таа тема се создава одредена свест, политичарите се свесни за тоа. Генерално Европа и ЕУ, и Европа која што сѐ уште не ЕУ веќе не е во позиција да биде бавна, или да се премислува. Имаме демографски промени, имаме војна, на глобален план ЕУ ја губи позицијата којашто некогаш ја имаше. Тоа значи дека е одлучувачки момент да продолжиме на овој пат, да ги продолжиме овој процес.
Ваша екселенцијо, благодарам за овој разговор.
Нема на што. На вашата земја ѝ посакувам сѐ најдобро. И да бидете горди и да имате оптимистички пристап за сето она што досега го имате направено.