Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Рецензија на „Зад стоговите сено“ во режија на Асимина Проедру: Кога жените ќе стивнат, режисерките гласно филмуваат

Пишува: АНА ВАСИЛЕВСКА

По триумфалниот успех на филмот „Зад стоговите сено“, кој беше номиниран во 17 категории и освои десет награди на годишната церемонија на Грчката филмска академија, специјнала награда и „Фипресци“ на Солунскиот филмски фестивал, вечерва ќе ја има својата македонска фестивалска премиера на „Киненова“. Станува збор за дебитантско долгометражно остварување на грчката режисерка Асимина Проедру, но тој е и деби во филмската соработка меѓу Грција и Северна Македонија и еден од првите културолошки придобивки по потпишувањето на преспанскиот договор. Учеството во филмот од наша страна го обезбеди продуцентската куќа „Сектор филм“, која има повеќе од дведецениско домашно и интернационално искуство и досега во повеќе наврати покажа дека знае да намириса квалитетни проекти во кои со македонското малцинско учество добивме филмови што се пласираа на Канскиот филмски фестивал, Берлинскиот филмски фестивал, во Карлови Вари итн.

Од снимањето на „Зад стоговите сено“ на локации кај Дојраснкото езеро

ЛАЖНИОТ МОРАЛ, БЕГАЛСКАТА ТРАГЕДИЈА И ПАТРИЈАРХАТОТ

„Зад стоговите сено“ е умешен авторски филм, кој преку приказната за едно семејство што живее во мало рибарско село на границата помеѓу Грција и Македонија, временски лоциран во 2015 година, задира во актуелната тема за случувањата со меѓуграничните мигранти, патријархатот и најмногу од сè во пркосот на младите жени да ги урнат границите на поставените нормативи на однесување во семејното и во социјалното опкружување. Организиран е во три драмски нарации, кои умешно ја поврзуваат целосната филмска приказна. Користејќи еден нагласен модерен филмски израз, кој храбро се потпира на класичен лирски и симболичен амбиент, прави успешна симбиоза во која се согледува раскошен режисерски талент.

Границата меѓу двете земји се насетува како метафора на апсурдот на неприродното доскорешно функционирање на државите со исто така присилното поставување на границите за жената во патријархалните семејства. Проедроу многу вешто и интелигентно нè воведува во приказната преку трагичен настан за децата пронајдени на брегот на езерото. Бегалската драма е само иницијација за откривање на психологијата на малите средини во кои царуваат корупцијата, лажниот морал и привид за татковците – чесните глави на семејството, жените како чедни светици во служба на куќата и црквата.

Режисерката Асимина Проедру

Градацијата на дејството преку разоткривање на вредносната суштина на секој од членовите на семејството, рибарот Стергиос (Статис Стамулакатос), неговата сопруга Марија (Лена Узуниду) и нивната ќерка Анастасија (Евгенија Лавда), отвора нови хоризонти на согледување на нештата. Во овие сцени катарзично поместување на светогледот и судбината на секој од нив како посебен карактер е Дојранското Езеро (ги чува тајните и тагите), со кое камерата игра во разни бои и пејзажи и го нијансира дејството.

Сосема суптилно, но доволно жестоко за да се голтаат кнедли во развојот на приказната, Проедроу предупредува на трагичниот исход од секоја неискреност, вкоренето однесување на заедниците и ограничување на слободата.

Камерата е наместа преинтензивна, но можеби е кинематограферско решение за да ја нагласи упорноста на режисерката да ги соголи и најситните интимни детали на ликовите. Филмското финале е од оние што долго се врежуваат, а потсетува на антологиската сцена на танцот во „Уште една тура“ на Томас Винтерберг.

„Зад стоговите сено“ е несомнено долгоочекувано откритие од еден нов бран во грчката кинематографија со потентен режисерски ракопис, што ветува пробив како оној на Костас Гаврас во филмската историја. Секако, значаен за европската кинематографија, што го препозна и Европската филмска академија, каде што влезе во трка за наградите.

Филмот беше прикажан и во рамките на последното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола а наскоро се очекува дистрибуција во домашните кина.

Филмот беше номиниран во 17 категории и освои десет награди, и тоа за најдобар филм (за продуцентите), за режија, за најдобар дебитант (за режисерката), за сценарио, за фотографија, за главна машка улога, за споредна машка и споредна женска улога, за монтажа и за дизајн на звукот.

Наградите на Грчката филмска академија 2023 или Грчките Ирис награди (Hellenic Iris Awards) се збир на награди кои секоја година ги доделува Грчката филмска академија за извонредност на филмските достигнувања во грчката кинематографија.

Премиерата на филмот беше на Филмскиот фестивал во Солун, во ноември 2022, каде доби шест награди. Веднаш потоа беше награден за најдобар дебитантски филм на фестивалот во Гоа, Индија.

Филмот се снимаше во Грција и на локации во Дојран и Гевгелија во текот на 2021, во време на ковид пандемијата. Дејствието на филмот се одвива во 2015, а се работи за рибар кој живее во село на границата помеѓу Грција и Македонија. Беше поддржан како малцинска копродукција од Агенцијата за филм на Македонија и од Европскиот фонд Еуримаж.

„Зад стоговите сено“ е реализиран како копродукција помеѓу Грција, Германија и Македонија.

Продуценти: Јоана Боломити, Маркус Халбершмит, Владимир Анастасов, Ангела Несторовска

Кинематографија: Симос Саркецис

Продукциски дизајн: Едуард Георгиу

Монтажа: Електра Венаки

Музика: Мариос Строфалис

Главни улоги: Статис Стамулакатос, Лена Узуниду, Евгенија Лавда, Христос Контогеоргис, Дина Михаилиду, Пашалис Царухас

(НоваТВ)

Најново