Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, соопшти денеска дека повеќе од 130 дополнителни војници од Романија пристигнале вчера во Косово за да се приклучат на мисијата, откако претходно неделава беа распоредени дополнителни 200 војници од Велика Британија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што се наведува во соопштението, „до распоредувањето на овие дополнителни сили доаѓа по насилниот напад врз косовската полиција на 24 септември и зголемувањето на тензиите во регионот“.
– (Дополнителното распоредување) е внимателен чекор за да се осигура дека КФОР ги има силите што му се потребни за да го исполни својот мандат доверен од Обединетите нации за одржување на безбедно и сигурно окружување и слобода на движење за сите луѓе во Косово, подвлекуваат од КФОР.
Распоредувањата, велат од мировната мисија, „се засноваат на барањето на врховниот командант на НАТО за Европа и се одобрени од сојузниците во Северноатлантскиот совет“.
KФОР информира дека во моментов во Косово има над 4.500 војници од 27 земји сојузници и партнери на НАТО.
На 24 септември во Бањска вооружена и униформирана група се судри со косовската полиција при што загина еден полицаец, а во судирот кој уследи меѓу косовската полиција и напаѓачите кај православниот манастир Бањска беа убиени и тројца Срби, припадници на групата.
НАТО тогаш одлучи да одобри испраќање дополнителни војници, по што Велика Британија потврди дека тоа ќе го направи со 200 војници, а потоа потврдата стигна и од Романија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, неделава потврди дека, покрај војниците од Велика Британија и Романија, во засилувањето се и баталјони од Бугарија, а медиумите јавуваат дека и Германија деновиве изразила готовност да испрати дополнителни сили.
– Зголеменото присуство на силите на НАТО ги поддржува политичките напори на ЕУ и добро е да се види дека во такви тешки и предизвикувачки времиња во Косово, Западен Балкан, Босна… ЕУ и НАТО работат заедно, рече Столтенберг.
Претходното распоредување на дополнителни трупи на НАТО се случи на почетокот на јуни годинава, по избувнувањето на кризата на северот на Косово, предизвикана од интервенцијата на специјалните единици на косовската полиција во општинските згради во Звечане, Лепосавиќ и Зубин Поток, со цел да се им се овозможи на новите албански градоначалници да ја преземат должноста, по победата на изборите кои косовските Срби ги бојкотираа. По интервенцијата на специјалците уследи конфликт меѓу локалните Срби кои протестираа со припадниците на КФОР.
Тогаш, како што наведуваат медиумите, во Косово пристигнаа 500 припадници на механизирана пешадиска бригада од Турција. Овие војници престојуваа на север, а Косово го напуштија во септември по, како што соопшти КФОР, успешно спроведената мисија.