Во интервју со проф. д-р Владимир Мартиновски, новиот декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” говори за неговата мисија и визија натамошниот развој на факултетот, за тоа колку обврзува долгот и почитта кон патронот на факултетот Блаже Конески и за улогата на универзитетите како како вруток на нови, прогресивни, авангардни процеси за нова динамика во општествениот развој.
Интервјуто со деканот Мартиновски го реализираше Зоран Бојаровски, Фотографија: Ангел Ангеловски
Рацин.мк: Што си поставивте лично како мисија кога одлучивте да се кандидирате за декан на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” на УКИМ?
Мартиновски: Во главниот фокус на програмата за следните три академски години ќе бидат ставени студентите и студентскиот живот на Факултетот. Неодамна студентите го одржаа деветтото издание на Филолошката научна конференција „Како си ми?”, на која презентираа темелни, инспиративни и проникливи истражувања и видувања, со кои може да се гордее академската заедница. Клучната визија на Факултетот од неговото основање, на која се надоврзува и сегашната мисија, е не само да образува филолози, лингвисти, книжевници, наставници, преведувачи и лектори, туку и интелектуалци кои ќе се носат со предизвиците на нашево време.
Ако го имаме предвид тешкиот пандемиски период низ кој поминуваа како средношколците кои сега се студенти, така и наставниот кадар, како еден од клучните приоритети во сите домени на дејноста на Филолошкиот факултет денес се наметнува потребата од засилување и ревитализација на соработката и градење на партнерски односи во рамките на институцијата (меѓу наставниот и административниот кадар, меѓу катедрите, меѓу студентите од различните катедри и студиски групи), но и соработка со други институции (како со единиците во рамките на УКИМ, но и со соодветни институции во земјата и во странство), како претпоставка и за зголемувањето на квалитетот и видливоста на дејностите на Факултетот во јавноста.
Преку дејноста на сите 11 катедри, преку новите студиски програми на сите три циклуси, Факултетот несомнено придонесува не само во сферата на филолошките и хуманистичките науки туку и во целокупниот општествен развој. За да биде повидлива дејноста како на наставниот кадар така и на студентите, уште на почетокот од учебната година сите катедри заедно подготвија и усвоија богата програма на јавни настани: конференции, преведувачки работилници, промоции на нови изданија, а студентите ќе изведуваат и низа возбудливи активности преку книжевниот, новинарскиот, филмскиот, театарскиот, преведувачкиот и дебатниот клуб во рамките на Факултетското Студентско Собрание.
Клучната визија на Факултетот од неговото основање, на која се надоврзува и сегашната мисија, е не само да образува филолози, лингвисти, книжевници, наставници, преведувачи и лектори, туку и интелектуалци кои ќе се носат со предизвиците на нашево време.
Кои се предизвиците што треба да ги совладате во остварување на таа ваша мисија, а кои се добрите страни на кои можете да сметате како поддршка?
Би тргнал од добрите страни: како една од основачките единици на УКИМ, Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, чијашто историја е преплетена и со Филозофскиот факултет, има долга традиција, препознатлив квалитет, одличен наставен и административно-технички кадар, а и плејада студенти кои веднаш по дипломирањето неретко стануваат познати во јавноста по своите професионални и творечки достигнувања. Во тек е подготовката за изработка на вториот том од монографијата Книжевници, преведувачи и проучувачи на јазикот и книжевноста на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, проект чија цел е да ги документира и валоризира остварувањата на наставниците кои предавале и предаваат денес на Факултетот. Ако се додадат и достигнувањата на нашите дипломирани и активни студенти, тоа би ни дало за право да сметаме на светла иднина на Факултетот.
Но секако, сите сме свесни за неповолниот контекст кој се одразува на образованието во целина, а и на високото образование, а тука не мислам само на здравствената, економската, енергетската криза, но и на воените судири кои создаваат општа клима на нестабилност и несигурност за целото човештво. Поради низа фактори, пред сè поради намалувањето на бројот на матурантите и поради миграциските процеси, последнава деценија видливо се намали бројот на новозапишани студенти како на Филолошкиот факултет така и на УКИМ. За да можеме долгорочно да се надеваме на зголемување или дури и задржување на бројот на новозапишани студенти, пред нас се низа предизвици и приоритети: подобрување на просторните и материјалните ресурси; унапредување на наставниот процес и зголемување на атрактивноста на студиските програми; кадровско екипирање и зголемување на капацитетите; зголемена поткрепа на научноистражувачката дејност; ширење на опсегот на меѓународната соработка и можностите за мобилност; развој на издавачката и апликативната дејност, како и постојана поддршка на студентските воннаставни активности.
Но клучната пречка за да се реализираат овие инаку изводливи планови е очигледниот недостаток на вистинска финансиска и кадровска автономија во високото образование. Трезорскиот систем на управување со финансиите во пракса го прави неизвесно, а неретко и невозможно реалното планирање, но и реализирање на предвидените активности на Факултетите. Тоа наликува на пливање со по една рака и нога врзани. Така не може да се оди во длабоко или да се учествува сериозно на меѓународниот академски простор. Неретко успех е само да не се потоне. Ќе ви дадам само два тазе примери кои се актуелни на нашиот Факултет: поради недобивање согласност од МОН и поради бавните процедури, Факултетот не можеше да ги хонорира наставните ангажмани на надворешните соработници за цел зимски семестар во минатата учебна година, а дел од странските лектори чекале и по пет месеци за да им биде исплатено сработеното. Факултетот е ставен во ситуација да го губи угледот не по своја вина. Друга реална пречка за развој на Факултетот се тешкотиите при добивањето согласност за кадровско екипирање. Јавна тајна е дека доколку редовно не се обновува и подмладува кадарот, проблемите за реализација на основните дејности само се натрупуваат. Си заминуваат редовни професори во пензија, а нема никаква гаранција дека би добиле замена во догледно време. Имаме одлични демонстратори и надворешни соработници чиешто трпение, и покрај сиот ентузијазам, со право се намалува.
Сите сме свесни дека на образованието, науката и културата им се неопходни и крупни реформски зафати и поголема финансиска поткрепа. До каде сме на евроинтегративниот пат најдобро покажува процентот во буџетот издвоен за овие витални домени. Сите чекаме некое чудо однадвор, а само се одложува одлуката да се инвестира по европски стандарди во овие области.
Пред нас се низа предизвици и приоритети за кои ни треба поддршка за унапредување на наставниот процес и за кадровско екипирање и зголемување на капацитетите; за зголемена поткрепа на научноистражувачката дејност; за ширење на опсегот на меѓународната соработка и можностите за мобилност, како и за студентските воннаставни активности.
Застанавте на чело на институција која заради актуелните политички контексти, се препознава како средина која е во средиштето на темите кои му припаѓаат на концептот што го формира, афирмира, штити националниот идентитет (македонскиот јазик, културата…). Колку е тоа бреме за факултетот, а колку можност за поголема видливост и за популаризација на студиските програми?
И едното и другото, пред сè затоа што името на патронот Блаже Конески сите нè обврзува. На Факултетот покрај македонскиот јазик, книжевност и култура се проучуваат и дваесетина други јазици, книжевности и култури, а тоа е од исклучителна важност како за негувањето на македонската наука и култура, така и за неопходниот дијалог со светот. Проучувањето на јазиците и книжевностите е од огромно значење: и мајчиниот јазик се учи потемелно кога се изучуваат другите јазици, а да не говориме за проширувањето на интелектуалните хоризонти. Филолошкиот факултет е активен чинител на овој план. При крајот на претходниот семестар, во организација на катедрата за македонски јазик се одржа и одлична трибина на актуелната тема „Македонскиот јазик во медиумите”, што секако доведе до заклучок дека во студиските програми по новинарство треба да се врати повеќесеместралното изучување на македонскиот јазик, а веројатно тоа би било релевантно за голем дел од единиците на УКИМ. Преку ангажман на странските лектори, овој семестар Факултетот ќе понуди и бесплатни факултативни онлајн курсеви за сите студенти на УКИМ. По иницијатива на продеканката за финансии, проф. д-р Ваљбона Тоска следниот семестар ќе организираме „Недела на јазиците, книжевностите и културите”, преку која на средношколците ќе им се предочи богатата ризница на можности што ги нуди Факултетот. По иницијатива на продеканката за настава проф. д-р Калина Малеска во тек е и подготовка на нацрт-проект „Подигнување на функционалната писменост во Република Северна Македонија”, проект кој несомнено ќе има и пошироко општествено влијание.
Името на патронот Блаже Конески сите нè обврзува како за негувањето на македонската наука и култура, така и за неопходниот дијалог со светот. Мајчиниот јазик се учи потемелно кога се изучуваат другите јазици, а да не говориме за проширувањето на интелектуалните хоризонти.
Припаѓате на, ако може така да ја наречам „Еразмус генерацијата“ којашто е во постојана комуникација со европската академска јавност. Што значи тоа за македонските студенти и професори? Што значи како отворена врата за студентите и професорите од европските земји за комуникација со македонската академска средина?
Меѓународната соработка и за наставниците и за студентите е од клучно значење. Науката е интернационална и не познава граници. Нашиот Факултет има одлична меѓународна соработка со голем број европски и светски универзитети, а честопати ни гостуваат како еминентни професори и научници, така и меѓународно реномирани писатели и книжевни преведувачи. Професорите од Факултетот се главни двигатели и на Семинарот за македонски јазик, литература и култура од неговото основање. Во тек се голем број иницијативи за зголемување на меѓународната соработка. На пример, по иницијатива на продеканката за меѓународна соработка проф. д-р Руска Иванова-Наскова се прават подготовки за иницирање на меѓународна македонистичка мрежа, преку која наставниците и студентите од катедрите за македонски јазик и за македонска книжевност и култура ќе бидат во постојан контакт со странските македонисти.
Современици сме на огромни технолошки промени, кои неизбежно ќе променат многу нешта во нашите животи и во животите на идните генерации. Универзитетите отсекогаш биле клучните жаришта на свежи идеи, пронајдоци, но и самоиспитување.
Можеби се лажам, но како да се намали „огнот“ по кој треба да се препознаваат универзитетите како вруток на идеи, како иницијални места за нови, прогресивни, авангардни процеси врз основа на кои може да се дефинираат, одредуваат, применуваат стратегии за нова динамика во општествениот развој? Какво е вашето мислење за ова прашање?
За жал, не можам да не се согласам дека во денешно време „огнот” (ми се допаѓа Вашата метафора) е навидум намален, но сигурен сум дека нема и не смее да дозволиме да згасне. Современици сме на огромни технолошки промени, кои неизбежно ќе променат многу нешта во нашите животи и во животите на идните генерации. Универзитетите отсекогаш биле клучните жаришта на свежи идеи, пронајдоци, но и самоиспитување. Во денешниот суров свет, универзитетите се сепак тоа што биле отсекогаш: места на кои се негува знаењето, креативноста и критичката мисла, а со самото тоа – и домови на надеж.