Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНТЕРВЈУ Вардан Тозија: Ме фасцинираше идејата да се проектира блиската и далечната иднина во сегашноста

Седум години по успешното дебитантско остварување „Џган“ (Amok) во 2016 година, режисерот Вардан Тозија деновиве пред македонската публика го претстави неговиот нов долгометражен игран филм насловен „М“. Во оваа македонско-хрватско-косовско-француско-луксембуршка копродукција Тозија креира дистопија, кокетирајќи со предизвиците на човештвото во глобална рамка – како што се пандемијата со ковид и постапокалиптичното општество.

Разговарал: Стојан СИНАДИНОВ

„М“ е анти-бајка со примеси на жанровскиот филм. Од каде тој интерес? Колку жанрот го ограничува „М“, како стереотипите со зомби креатурите и постапокалиптичната атмосфера?

Интересот за ваков тип на дистописки приказни постои одамна, уште од средношколските денови. Растев со новелите и романите на Асимов, Лем, Кларк, Дик, Замјатин… Ме фасцинираше идејата да се проектира блиската и далечната иднина во сегашноста. Употребата на стереотипите со “зомбијата“ во “М“ служат само како контекст за отчовечување низ една зачудна филмска бајка, чија суштина е базична – потрага на дете по својата мајка. Земено предвид дека воопшто и немав намера да создадам класичен жанровски филм, не постоеја големи ограничувања. Жанровските филмови ја привлекуваат светската публика, но е навистина голем предизвик да се внесе инвентивност и различна визија во нивното остварување.  

Ако во „Џган“ се занимававте со социјалната драма, во „М“ креирате дистопија, сосем нетипично за традициите на македонската кинематографија. Колку, всушност, македонската кинематографија има изградено некој препознатлив имиџ надвор, за воопшто да говориме за кршење на трацициите?

Не знам за какви традиции би можеле да зборуваме. Можеби е оној сив патос на нашето секојдневие, осмислен за да профитираме од нашата беда, или историските филмови, каде промовираме илузии за некаква грандиозност? Едноставно, сакав да излезам од тие детерминанти. Свесен сум дека еден голем дел од македонската публика не се приврзаници на овој жанр, посебно не на зомби-елементот во филмскиот израз. Од друга страна, со исклучок на некои елитистички кругови, го знаеме и ставот на пошироката публика кон актуелната кинематографија. Затоа и се одлучив на ваква креативна екскурзија.

„Џган“ носеше сосем јасен општествен коментар за состојбите кај нас. „М“, пак, кокетира со предизвиците на човештвото во глобална рамка. Локалното успева ако е универзално (како во „Џган“), или, пак, универзалното може да биде успешно локализирано („М“)?

Второто е секогаш потешко, посебно ако се тргнува од очекувањата за мала кинематографија од третиот свет. Не постои конкретна локализација во “М“, затоа што сметав дека самиот јазик и визуелен приказ наведуваат на заклучок појасен од „телефонирање“ за местото и времето на дејствието. Не би можел да одгонетнам кој од двата пристапи е подобар. Само знам дека би било исклучително опасно од креативен аспект, доколку континуирано прибегнувам кон формулата која мислам дека полесно “успева“.

Во „Џган“ имавте младинци-натуршчици, во „М“ работите со деца-натуршчици, и во двата случаи многу успешно. Кој е главниот предизвик во тоа, а кои се најголемите проблеми?

Соработката со натуршчици носи големи предизвици, и секако, огромен ризик. Се разбира, поради возраста, во двата случаи, ваква одлука беше неминовна. Минувавме низ широки и исцрпувачки аудиции, по кои следуваше долготрајна и посветена работа со избраните ликови. Овој процес може многу да ја истроши креативната енергија. Од друга страна, чувството кога ќе се оствари успешна сцена, кога ќе произлезе автентична емоција, е непроценливо. Не сум поборник на соработка со актери-аматери по секоја цена, и не можам да предвидам дали овој начин на актерска игра ќе ги дефинира и моите идни филмови.

Како и вашите колеги со кои сте генерациски блиски, работите и на ТВ серии. Кои се предностите и мааните на филмот и ТВ серијата? Во идеални услови, каков би би бил вашиот нареден филм, а каква ТВ серијата?

За жал, острата поделба на филмска уметност на уметничка и комерцијална, наметната во последните две децении, го ограничи креативниот израз. Диктатот за нагазен социјален ангажман и општествено подобна оптика ја оддалечија публиката од кино салите. Подемот на сериите настана како последица од падот на интересот за филм. Денес во сериите гледаме иновативност во темите, вештина во раскажувањето и искрена комуникација со пошироката публика. За жал, кај нас финансирање на серија е безмалку невозможна мисија, затоа што не постои никаква државна стратегија или приватна иницијатива. Неколкуте реализирани серии можеме да ги сметаме за среќни инциденти. Затоа е и тешко да зборуваме за идеални услови, кога не постојат ниту елементарни.

Но, ќе се обидам да кратко да одговорам на прашањето. Серија – модерен трилер проткаен со фантастика, инспирирана од богатството на нашите преданија. Филм? Арка од нормалност до лудило на осамен поеднинец во жесток и погубен конфликт со машинеријата на корумпираниот систем. Затоа што веројатно тоа чувство на гнев натежнува и над повеќемината од нас, а не можеме да го артикулираме.

Зачлени се на нашиот е-билтен