Европскиот парламент (ЕП) изгласа Резолуција за Косово и Србија, со која европските претставници го осудија нападот на 24 септември во Бањска на северот на Косово, јави дописникот на МИА од Белград.
Европската унија (ЕУ) ќе биде повикана да воведе санкции кон Србија доколку се утврди поврзаноста на земјата со овој напад, а од ЕУ ќе биде побарано да го промени пристапот во дијалогот за да се врати довербата во овој процес, соопшти Радио Слободна Европа.
Европскиот парламент оценува дека на 24 септември се случил „гнасен и кукавички терористички напад врз косовските полицајци од српски добро организирани паравоени формации во Бањска“.
Резолуцијата ја повикува Европската комисија и Советот на ЕУ да преземат мерки против Владата на Србија доколку истрагите покажат дека државата Србија била директно вмешана во терористичкиот напад во Бањска или во насилните напади што се случија на северот на Косово во мај 2023 година, или доколку српските власти не се подготвени целосно да соработуваат.
Во овој контекст, ЕК се повикува да ги замрзне средствата обезбедени за Србија во рамките на Инструментот за претпристапна помош доколку резултатите од истрагата покажат дека српската држава директно била вмешана во овие напади.
Во Резолуцијата се споменува дека Србија одбележала национален ден на жалост во спомен на сите жртви и дека ЕП длабоко жали што „тројцата мртви терористи се прикажани како херои кои се бореле за српската кауза, што како последица во голема мера ги зголемува политичките тензии во регионот“.
Во текстот се „осудуваат и се жали“ за постапките на српските власти кон нападот во Бањска, вклучително и нивната неподготвеност да соработуваат во истрагата, пропагандата, глорификацијата, политичката поддршка, нивниот мек однос кон организаторите и извршителите на нападот, па дури и обезбедување засолништа и реториката што ја користеа српските лидери за време на оваа криза и обидите да го дестабилизираат Косово.
Советот на ЕУ ќе биде повикан да воведе насочени рестриктивни мерки против дестабилизирачките актери на северот на Косово и водачите на големите мрежи на организиран криминал. Во овој контекст, Советот на ЕУ е повикан да го следи примерот на САД и да воведе насочени мерки против Милан Радоичиќ.
Европскиот парламент остро го осуди и военото трупање на српската војска на границата со Косово.
-Европскиот парламент нагласува дека ваквото агресивно воено однесување, заедно со радикализираните политички пораки во Србија и силните индикации за вмешаноста на српската држава во неодамнешното политичко насилство на северот на Косово, укажуваат на многу опасна, но кохерентна политика на српската Владата кон Косово и неговите западни партнер, се наведува во резолуцијата изгласана денеска.
Со Резолуцијата, ЕП ја изрази својата загриженост поради „дестабилизирачкото влијание на српските власти предводени од претседателот Александар Вучиќ врз целиот регион“ и ја нагласи непоколебливата поддршка кон граѓаните на Србија во нивната борба за европска демократска иднина и ќе изрази жалење што некои политики на српското раководство ја попречуваат желбата на граѓаните на Србија за европска иднина.
-ЕП ја изразува својата загриженост за недостигот на гласни критики од страна на Комисијата, и покрај непочитувањето на санкциите од страна на земјата, постојаните и чести состаноци на високо ниво со руските власти, вклучително и средбите во Русија, демократското назадување на земјата и недостатокот на напредокот во реформите и покрај дестабилизирачкиот ефект на српската политика и за целиот регион, се наведува резолуцијата.
ЕП ја повикува ЕУ „да ја зајакне својата улога како посредник во дијалогот меѓу Србија и Косово и воопшто во Западен Балкан и да предложи нов, иновативен и избалансиран пристап за посредување меѓу страните со цел да се надмине ќор-сокакот, со оглед на разорните последици од нападот на 24 септември 2023 година и таа доверба во процесот мора да се врати, се вели во документот.
Европските претставници преку Резолуцијата изразуваат жалење за негативните мерки на Советот на ЕУ против Косово и повикуваат на нивно укинување што е можно поскоро.
Во Резолуцијата се испраќа повик до Белград и Приштина за целосно спроведување на Бриселскиот договор од 27 февруари 2023 година и Анексот за имплементација (Охридски договор) од 18 март 2023 година, како и сите претходни договори.
Со Резолуцијата се изразува жалење што Србија одби да ги потпише Бриселскиот и Охридскиот договор. Косово ќе биде повикано да ја формира Заедница на општини со мнозинско српско население (ЗСО) без понатамошно одлагање.
ЕП, исто така, ја повика Србија да се воздржи од каква било понатамошна ескалација што го поткопува уставниот поредок на Косово и да спречи каков било шверц на оружје преку граница.
Во резолуцијата се изрази жалење што Србија ја продолжува кампањата за повлекување на признавањето на Косово.
Властите во Приштина се повикани да ги откријат сите докази поврзани со инцидентот, а властите во Белград целосно да соработуваат во истрагата и да ги изведат одговорните за нападот кои моментално престојуваат во Србија да се приведат пред лицето на правдата, согласно законот, вклучувајќи ја и нивната екстрадиција во Косово.