На денешната прес- конференција, Драган Бјелогрлиќ, кој е актер, сценарист и режисер на филмот проговори за снимањето на филмот „Чувари на формулата“ со кој синоќа беше затворен МФФ Киненова.
-За случајот Винча имав слушнато претходно, но пред седум години сфатив дека за тоа ништо не знам. Тоа што го знев беше само површна информација која кружеше. Во деведесеттите почнаа да се отвораат тајни документи и почна да се зборува за атомската бомба и сето тоа се разбира беше контроверзно, а јас кога ја прочитав книгата решив да правам филм за случката. Правев истражувања, разгледував документи и списи до кои не можеше да се дојде во јавноста, разговаравме со инженери од Винча, имав неколку состаноци со луѓе од Државната безбедност кои ми рекоа дека тој проект, тој фајл атомска бомба постои, но никогаш не излегол во јавност, раскажа на денешната средба со новинарите Драган Бјелогрлиќ.
Рече дека разговарале и со лекари во Франција, ќерката на професорот Мате и ќерката на професорот Шварценберг и дека со сите информации заедно дошле до тоа колкав дел е тајна од целиот случај.
-Филмот имаше промоција пред неколку дена во Париз и единствено што жалам е што не најдовме контакт со донорите и до нивните семејства. Се обидувавме, но поминато е долго време, тие не се повеќе живи. За жал, не се повеќе живи ниту нашите научници, последен жив беше Радојко Максиќ, кој почина пред две години од корона. Нема повеќе живи сведоци, за жал, рече Бјелогриќ.
Немало никакви пречки во врска со истражувањето, но имале проблеми со снимањето во Винча. Таму, како што рече, прво имале проблем да добијат дозвола за снимање, но ниту жителите не сакале да зборуваат за тој настан. Наишле на т.н. ѕид на молкот. Постарите научници не биле расположени да споделат информации иако се поминати долги години од случката.
-Очекувам да се развие полемика откако повеќе публика ќе го погледне филмот. Тоа е и задачата на културата да ги заинтригира луѓето, да почнат да се интересираат за некои настани, да се информираат… Но, најважно е тоа што не треба да се занемари хуманиот дел од приказната. Би сакал тоа да остави најголем впечаток на луѓето, истакна режисерот.
Двата настани кои се поврзани, а се дијаметрално спротивни биле фасцинација за авторот. Од една страна група луѓе прави нуклеарни експерименти со идеја да направи оружје кое го разорува светот, а тој настан произведува еден друг настан кој го унапредува светот. А плус сето тоа се случува поради емпатија на луѓе кои воопшто не се познавале.
-Најинтересно ми беше прашањето дали во денешно време би можело нешто такво да се случи. И сфатив дека не само што нема шанса, туку тоа не постои ниту како опција. Денеска никој не би жртвувал било што свое за луѓе кои ги познаваат, а не па за луѓе кои воопшто не ги познаваат. А настанот се случил пред само 65 години, значи не е тоа толку одамна, а веќе ни се чини дека е невозможно. Тоа е она што мене најмногу ме инспирираше. Затоа и дојдов до таа игра на зборови „чувари на формулата“. И едниот и другиот научник кои ги следиме низ приказната трагаат по некоја формула, а потоа пронаоѓаат трета формула- формула на животот, која изгледа сите ние сме ја заборавиле. Мислам дека последната сцена од филмот говори за таа силна идеја и така ја направив да погоди право во главата и во срцето на гледачите, за да ги протресе луѓето за да сфатат дека животот е минлив и дека во него може да се направи нешто што ќе остави трага и што ќе даде можност за новите генерации, или ќе го потрошат така бркајќи некаква корист, истакна Бјелогрлиќ.
Суровите сцени се тешки за гледање, но го постигнуваат ефектот.
-Токму бидејќи сакав оваа идеја да исплива на крајот се определив овие сцени да бидат колку што е можно пореални. Целиот процес на вадење на коскена срцевина во тоа време било ужасно болно. Тогаш немале услови, особено кога тоа се прави прв пат. Сакав тие сцени да бидат реалистични и да вознемират, но сите сцени ги следи нежна музика. Идејата беше музиката во свеста да нè подготви за поентата на сето тоа, раскажа Бјелогрлиќ.